Како да се справите со анксиозноста пред испит?

Ова чувство му е познато на секој студент. Научивте како никогаш досега, ги направивте сите вежби дури по 2 пати, стигнавте на факултет порано, речиси и да не спиевте целата недела, но барем сте подготвени. И покрај ова, зад вашиот самоуверен изглед, вие всушност тонете.

kako-da-se-spravite-so-anksioznosta-pred-ispit-kafepauza.mk

Иако разговарате со колегите пред почетокот на испитот, вашиот ум не е со нив. Веќе сте седнати на клупата и анксиозноста ве преплавува, иако се подготвивте најдобро што можевте. Ако се препознавате во ова, прочитајте ги овие совети кои ќе ви помогнат да се ослободите од анксиозноста пред испитите.

Не пристигнувајте многу рано

Веројатно одите порано пред испитот отколку што е потребно, а ова не е добра идеја. Тогаш разговорот со колегите сигурно ќе биде за тестот, и кога некој ќе ви рече: „Не го научи тој дел?! Професорот кажа дека ќе го има!“, сигурно анксиозноста ќе се засили. Најдобро е да стигнете 5 до 10 минути пред почетокот и да не разговарате со никој за испитот. Ако ваквите разговори ви предизвикуваат стрес, избегнувајте ги.

Наспијте се

Бидејќи сакате најдобро да го искористите времето, најверојатно ќе учите до доцна во ноќта пред испитот. Ако сте работеле напорно и сте научиле сè што е потребно, нема потреба од останување до доцна. Кога не сте одморени, нормално е анксиозноста да биде посилна. Исто така, ќе имате проблем со концентрацијата. Па, наместо да учите до доцна, обидете се да имате редовен распоред за спиење.

Не повторувајте на денот на испитот

Ако дотогаш не сте научиле, повторувањето на денот на испитот нема да ви помогне. Ако пак сте доволно спремни, со повторувањето на денот на испитот нема да научите ништо повеќе, само ќе мислите дека сте испуштиле некои важни теми. Најдобро е да се опуштите и да бидете одморени за испитот, а кога ќе дојде време за него да дадете сè од себе.

Хранете се здраво

Не заборавајте на добриот појадок. Многу луѓе забораваат да јадат кога се анксиозни, но на вашиот мозок му е потребна храна за да функционира нормално. Морате да јадете нешто пред испитот бидејќи со тоа ќе си ја зголемите енергијата и ќе ја намалите анксиозноста.

Не мислете на резултатите од испитот

Пред и за време на испитот не мислете на резултатите. Останете фокусирани на сегашноста. Не мислете на оценката, на вработувањето ниту пак на мислењето на вашите родители. Сè што е важно сега сте вие и испитот. Вие сте подготвени и можете да положите. Резултатот од еден испит нема да ви ја одреди судбината. Ако сакате да успеете, со напорна работа секако дека ќе ја постигнете целта. И запомнете, не постои неуспех, или ќе успеете или ќе научите нешто ново.

Погледнете и како да постигнете повисоки резултати на испитите.

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар