5 чести грешки кои ги правиме кога разговараме со некого

Правилната комуникација е од витално значење доколку сакате да бидете успешни луѓе во целина. Зошто? Бидејќи ако никој не сака да слушне што имате да кажете, тогаш шансите да успеете ви се значително намалени. Токму затоа, начинот на кој комуницирате игра важна улога на патот кон успехот на кој следниве неколку комуникациски грешки само ќе ве успорат.

(1)-5-chesti-greski-koi-gi=pravime-koga-razgovarame-so-nekogo-kafepauza.mk

1. Користите многу т.н. зборови за дополнување

Јасното зборување и изразување на своите мисли има огромно значење, особено во светот на успешните луѓе. Но некогаш, иако знаете што сакате да кажете, во вашиот речник се наоѓаат зборови од типот на па, хмм, аа, така и значи кои ги користите дури и повеќе одошто треба. Можеби од возбуда, а можеби бидејќи сакате да пополните краток момент од времето кога размислувате што следно да кажете. Која и да е причината, во тие моменти вие звучите доста неподготвени и несигурни, па веројатноста дека вашите зборови ќе имаат влијание на соговорникот е значително намалена. Но, оваа лоша навика може да се искорени со постојано вежбање и самокоригирање со што ќе станете посвесни за тоа кои зборови претерано ги користите кога зборувате.

2. Постојано нагласувате одредени делови од реченицата

Нагласувањето на одредени зборови или делови од реченицата е една од најчестите грешки кои ги прават луѓето при зборувањето. Да, навистина може да има потреба од потенцирање на некои работи, но претераното ставање акцент може целосно да го извади од контекст она што се обидувате да го кажете. Пример за ваков тип грешка е и оној кога некои луѓе секоја реченица ја завршуваат во прашална форма, што делува смешно и, до некој степен, несериозно. Доколку сакате да бидете сфатени сериозно и луѓето навистина да обрнат внимание на она што им го кажувате, наместо целосно да се концентрираат на начинот на кој го правите тоа, мора да почнете да внимавате што и кога истакнувате во зборувањето.

3. Зборувате премногу брзо

Како што во пишувањето постои начкртан ракопис кој не може да се прочита и разбере, во говорната форма ова би се рефлектирало со пребрзо зборување кое никој нема ниту да се обиде да го дешифрира. Иако можеби имате премногу да кажете и сакате да успеете да го пренесете сето тоа навреме, брзото зборување може само да придонесе кон непродуктивноста на вашите зборови со оглед на тоа дека никој нема да ве сфати што зборувате. Од друга страна, побавното и посталожено зборување има поголем ефект врз луѓето кои ве слушаат, а и вам ви дава време да размислите што следно да кажете и како да ги поврзете зборовите. Чест фактор за брзото зборување се возбуденоста и нервозата, па со самоконтролирање кога сте под влијание на овие чувства, можете успешно да ја намалите брзината на зборување.

Two businesspeople at an interview in the office

4. Занемарувате одредени гестикулации и изрази на лицето

Секој човек има сопствен начин на зборување и однесување при зборувањето. Но не секој ја има таа умешност да биде умерен и во едното и во другото. Почесто се среќаваат луѓе кои, покрај некои од погоре наведените работи, знаат да прават и разни гримаси или движења со рацете и телото додека зборуваат. Додека некои од овие изгледи се потребни за да се долови значењето на она што го кажуваат, повеќето се несоодветни и претерани. Пример за ова може да биде несвесното тапкање со прстите по масата, грицкањето на усните, искривувањето на устата, постојаното гледање настрана наместо во оние со кои зборувате и слично. Правејќи ги овие несвесни потези делувате доста непрофесионално.

5. Дрдорите

Краткото, јасно и разбирливо зборување е единствениот начин на кој треба да се искажувате. Никој не сака да зборува со некој кој не знае да застане, а уште повеќе со некој кој зборува само колку да каже нешто. Доколку немате нешто паметно да кажете, подобро е и воопшто да не зборувате. Но, нервозата и возбудата во дадени моменти го прават своето, па не знаејќи како да се извадите од некоја ситуација или поради чувство на непријатност, се наоѓате себеси како зборувате сѐ и сешто. Така збунети се доведувате до момент кога тоа што го зборувате нема никаква поврзаност со она кое се обидувавте да го кажете. Наместо ефективен говор и јасно искажан став, вие се соочувате со соговорници кои се прашуваат дали воопшто знаете што сакате да кажете. А тоа ќе влијае многу на нивното мислење за вас кое е од особено значење доколку се обидувате да успеете во професионалниот свет.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар