Викенд книга: „Кога мене ќе ме нема“ – Колин Оукли

Приказна за љубовта соочена со најтешкото прашање – губењето на најважната личност
Наша оцена: 8/10
Ваша оцена: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (22 гласа, просек: 10.00 од 10)
Loading...Loading...

(1) Викенд книга: „Кога мене ќе ме нема“ - Колин Оукли

Навистина сакам драми, особено љубовни, кои покрај емоциите кои ми ги предизвикуваат, ме тераат да размислувам и за тешки животни прашања и за тоа какви одлуки би носела во ситуации кои никој од нас не ги посакува, но животот за жал понекогаш ги носи. Сите мислиме дека се познаваме доволно себеси и дека знаеме како би реагирале соочени со проблеми и компликации, но факт е дека животот постојано нè предизвикува и нè менува, па често се изненадуваме од личноста во која сме прераснале. „Кога мене ќе ме нема“ е книга за најтешкиот предизвик и најголемата болка во сечиј живот – болеста и смртта на блиска личност. Уште потажна е помислата дека станува збор за млад брачен пар кој допрва треба да создава семејство и да гради иднина. Книгата навистина ви го крши срцето збор по збор, но додека читате за Дејзи и за нејзината огромна храброст, мислам дека не може а да не откриете нешто повеќе самите за себе…

На дваесет и седум години Дејзи веќе еднаш ја има победено борбата со ракот, посветена е на здрав животен стил и се труди да биде максимално организирана кога балансира помеѓу активностите од типот на обезбедување органска храна, вежбање, студирање и најважно – грижа за својот сопруг Џек и својот дом. Но, токму кога се подготвуваат да ја прослават третата годишнина од победувањето на ракот, Дејзи дознава дека болеста се вратила и тоа во агресивна фаза. Кога докторот ќе ја потврди трагичната вистина дека овој пат ракот не може да се победи, Дејзи креира план за сите работи кои мора да ги заврши во преостанатите неколку месеци. На листата, некаде помеѓу уредување на куќата и носење одлуки дали сака да биде кремирана, Дејзи ја сместува најважната задача од сите – да најде нова сопруга за Џек.

Џек е интелигентен и амбициозен ветеринар кој ги привршува своите студии и треба да дипломира со почести и тоа со двојна диплома, но кога станува збор за какви било активности поврзани со домот – Џек е крајно неодговорен и неорганизиран. Дејзи на некој начин е столбот на нивниот дом и кога ќе се соочи со реалноста дека за кратко време ќе ја нема, се опседнува со фактот дека Џек нема да може да функционира нормално кога нема да постои некоја организирана личност во неговиот живот, која ќе го сака и ќе го разбере. Дејзи, со помошта на својата луда пријателка Кејлеи, е на мисија да ја најде совршената личност за Џек. Само што, тоа значи признавање на фактот дека таа веќе нема да биде тука, а Џек ќе продолжи со животот и после неа.

Да бидам искрена, целата приказна за барањето нова жена, пред да почнам да ја читам книгата ми звучеше многу бизарно и нереално, особено затоа што Дејзи претпоставува дека Џек туку – така ќе прифати нова жена веднаш штом ќе му почине првата од рак. Но, како што навлегував подлабоко во приказната, сфатив дека ликовите се изградени на тој начин што дури текот на настаните си имаше некоја своја чудна логика. Морам да кажам дека стилот на пишување е навистина посебен, особено ако се земе предвид дека ги читате мислите и чувствувате заедно со Дејзи постојано во текот на нејзината борба. Нетипично за ваква книга, постои и мала доза на црн хумор која е добро испреплетена во одредени ситуации. Книгата всушност во голема мера го анализира и поимот за брак, па ќе почнете да размислувате во насока што истиот значи за вас – нераскинлива врска која не познава време или нешто што се менува и зазема облик зависно животните ситуации на двата партнера?

Во секој случај, книгата рефлектира многу важни прашања и за мене беше откритие сама по себе. Соочувањето со смртноста секако е тешка и болна тема која поголем дел од нас ја избегнуваат, но мислам дека Колин Оукли има завршено добра работа и ни нуди нов начин на размислување додека одредени ситуации ги прикажува во ново светло.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 16 август 2015.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар