Совршенството има цена: Негативните страни на перфекционизмот

Постојаното тежнеење кон совршенство може да ви изгледа како особина која сакате да ја поседувате, меѓутоа, токму оваа карактеристика може да биде голем товар кога е во прашање работата, но и приватниот живот. Перфекционизмот се смета за психолошко нарушување, кое најчесто не се појавува само. Депресијата, па дури и нарушувањата во исхраната често ја придружуваат оваа состојба, што може дополнително да ја обесхрабри личноста која пати од него. Еден од факторите кои се присутни кај перфекционистите доколку не научат да го контролираат својот нагон за да стигнат до идеалното, е хроничното незадоволство од сопствениот живот. Токму овие симптоми создаваат разлика помеѓу перфекционизмот и желбата за напредување на работното место.

Совршенството има цена: Проверете дали сте перфекционист

Грешките се неприфатливи

Овој принцип не важи само за нивниот живот и работата, туку тие го пренесуваат на сѐ во што го вложуваат своето внимание. Дури и најмалото отстапување од совршенството, кое е забележано од перфекционистите, мора да биде уредено по нивна замисла и нивни правила кои само ним им се познати.

Сѐ или ништо

Кај овие личности има правила за извршување одредени активности, но истите правила важат и при размислувањето. Кај нив не постои „златна средина“, само исправно или погрешно.

Не прифаќаат критики

Дури и позитивната критика, која во иднина може да придонесе за подобрување на работата, за перфекционистите е целосно неприфатлива. Кога ќе се најдат во ваква ситуација, тие прават сѐ што е во нивна моќ за да се одбранат.

Желба за контрола

Перфекционистите многу често се обидуваат да ги контролираат мислите и постапките на нивната околина, за да не дојдат до ситуација во која ќе доживеат неуспех. Токму поради неможноста за манипулирање со одредени личности, тие ги прекинуваат односите и се затвораат во себе.

(2) sovrshenstvoto-ima-cena-proverete-dali-ste-perfekcionist-kafepauza.mk

Како да ја прекинете оваа опасна навика?

Научете да кажете „НЕ“

Постојаното задоволување на другите и прифаќањето на секоја понуда или задача е една од главните особини на перфекционистите, а ова се случува поради тоа што тие сакаат да ја задржат својата титула за најдобар пријател, сосед, работник… Време е да ја прекинете оваа навика и да се посветите на личното задоволство.

Саботирајте се себеси

Како ќе почувствувате нагон да направите нешто според своите прописи, без простор за грешка, застанете и размислете, а потоа намерно направете нешто со што ќе ја уништите својата тенденција кон совршеност. Доколку го направите ова уште на почетокот, брзо ќе забележите големо олеснување.

Зборувајте јавно за своите неуспеси

Социјалните мрежи може да се искористат како алатка за прекинување на своите лоши навики. Откако ќе доживеете неуспех, наместо да се сожалувате самите, споделете го тоа со пријателите на Фејсбук или Инстаграм, за заедно да пронајдете убавина во она што е неизоставен дел од животот – грешките.

Пронајдете креативно хоби

Хобито кое бара креативност и инспирација ќе ве научи дека не можете да го решите секој проблем со правилата на кои сте навикнати. Кога се во прашање ваквите активности, не барајте совршеност во нивните изведувања.

Доколку сакате повеќе да се анализирате себеси, погледнете ги и овие 7 знаци кои покажуваат дека сте хроничен перфекционист.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар