Писмо за родителството што секоја жена треба да го прочита: Еден ден, кога ќе имам син…

Улогата на родител бара голема посветеност, внимание, трпеливост и љубов. Не постојат правила како треба да се воспитува едно дете, затоа што секоја ситуација е различна. Колку и да се обидувате да бидете совршен родител, понекогаш може ништо од тоа да не биде доволно. Ова писмо го покажува токму тоа…

Писмо од една жена: Еден ден, кога ќе имам син...

Еден ден, кога ќе имам син, ќе се обидам да го правам спротивното од другите. На тригодишна возраст ќе почнам да му повторувам: „Мил мој, ти не треба да станеш инженер. Не треба да станеш адвокат. Не е важно што ќе бидеш кога ќе пораснеш. Сакаш да бидеш патолог? Тоа е прекрасно! Фудбалски коментатор? Направи го тоа! Кловн во трговски центар? Одличен избор!“ И тогаш, на неговиот триесетти роденден, тој ќе дојде кај мене, облиен во пот, како ќелав кловн со шминка на неговото лице и ќе ми каже: „Мамо! Јас имам триесет години и сум кловн во трговски центар. Дали ова е животот што го сакаше за мене? Што мислеше, мамо, кога ми рече дека високото образование не е потребно? Кои беа твоите изговори, па што ме остави да си играм со другарите, наместо да ме тераш да ја пишувам домашната задача по математика?“ И тогаш, јас ќе кажам: „Душо, едноставно се обидував да бидам внимателна. Не сакав да ти вршам притисок во ништо. Можев да видам дека не си заинтересиран за математика. Од друга страна, ти уживаше да си играш со помали деца.“ На ова, тој ќе каже: „Не знаев за ништо друго, јас бев дете! Не бев во состојба да одлучувам за што било. Но ти, ти ми го уништи целиот мој живот!“ И тогаш тој ќе го размачка карминот од усните низ целото негово лице. Потоа, ќе го погледнам во очите и ќе му кажам: „Слушај сине. Постојат два вида луѓе на овој свет: Оние кои ги живеат нивните животи и оние кои играат игри. Ако не можеш да го разбереш ова, тогаш ти си идиот.“ Тогаш тој ќе воздивне и психолошките советувања низ кои ќе треба да помине ќе траат околу пет години…

Или пак, приказната би можела да изгледа вака. Еден ден, кога ќе имам син, ќе се обидам да го правам она што го прават сите други. На тригодишна возраст ќе почнам да му повторувам дека треба да размислува за иднината и да ги решава домашните задачи по математика, затоа што сигурно не сака целиот живот да го помине работејќи некои обични работи. И тогаш, на неговиот триесетти роденден тој ќе дојде кај мене, облиен во пот, ќелав програмер со длабоки брчки на неговото лице и ќе ми каже: „Мамо, јас имам триесет години. Работам во престижна компанија, поминувам во канцеларијата дванаесет часа на ден. Немам семејство. Што ли мислеше, мајко, кога ми рече дека добрата работа ќе ме направи среќен? Што мислеше да постигнеш кога ме принудуваше да учам математика?“ И тогаш јас ќе кажам: „Мил мој, сакав само да имаш добро образование и да имаш безброј можности на располагање.“ На ова тој ќе одговори: „Што ќе ми се овие можности, кога сум толку несреќен? Поминувам покрај кловновите во трговскиот центар и им завидувам. Тие се среќни и јас би можел да бидам на нивно место. Но ти, ти ми го уништи целиот мој живот!“ И тогаш јас ќе му кажам: „Слушај сине. Постојат два вида луѓе на овој свет: Оние кои ги живеат нивните животи и оние кои го поминуваат целото време жалејќи се. Ако не можеш да го разбереш ова, тогаш ти си идиот.“ Тој ќе воздивне и психолошките советувања низ кои ќе треба да помине ќе траат околу пет години…

Исто така, приказната би можела да изгледа и поинаку. Еден ден, кога ќе имам син, ќе се обидам да правам сѐ на најлесниот начин. На тригодишна возраст ќе почнам да му велам: „Не сум овде за постојано да ти повторувам некои работи. Тука сум за да те сакам. Ако сакаш совет, мил мој, прашај го татко ти. Не сакам да бидам онаа која ќе ги донесе последните одлуки.“ Па на триесеттиот роденден тој ќе дојде кај мене, испотен, ќелав филмски режисер со меланхоличен поглед во неговите очи и ќе ми рече: „Мамо, јас имам триесет години. Уште како дете се обидував да го привлечам твоето внимание. Посветив десет филмови и пет театарски претстави на тебе. Напишав книга за тебе, мајко. Ништо од ова не изгледа дека ти е важно. Зошто секогаш избегнуваше да го искажеш своето мислење? Зошто секогаш ми велеше да го прашам татко ми?“ А јас на тоа ќе одговорам: „Мил мој, не сакав да правам какви било одлуки за тебе! Се обидував да бидам до тебе за да ти ја подарам мојата љубов. А за советување, татко ти е многу подобар во тоа.“ На ова тој ќе каже: „Зошто би ми користеле советите од татко ми кога сакав да ги чујам твоите? Целиот мој живот се обидував да го привлечам твоето внимание. Би дал сѐ за да знам што навистина мислиш за мене. Само еднаш, мајко, само еднаш! Но изгледа дека тоа никогаш нема да се случи. Со својата тишина и раздалеченост ти ми го уништи животот!“ И тогаш тој ќе ја стави својата рака на челото. Јас ќе го погледнам во очите и ќе му кажам: „Слушај сине. Постојат два вида луѓе на овој свет: Оние кои го живеат нивниот живот и оние кои секогаш сакаат нешто повеќе. Ако не можеш да го разбереш ова, тогаш ти си идиот.“ Тогаш тој ќе воздивне и психолошките советувања низ кои ќе треба да помине ќе траат околу пет години…

Без разлика колку и да се трудите да бидете совршени родители, кога вашите деца ќе пораснат тие секогаш ќе можат да најдат нешто за што би ве обвинувале. Токму затоа слушајте си го срцето и постапувајте онака како што вие сметате дека е правилно, а не како што другите ве советуваат. И најважно од сѐ, научете ги како да бидат благодарни…

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар