Како лесно да ја подготвите вашата кожа за есента?

Кога се менува сезоната, многумина имаат проблеми со својата кожа. Иако секој ја познава својата кожа и применува некои рутински постапки, сепак, сѐ уште се прават одредени грешки. Промената од летна во есенска сезона бара посебна грижа, па еве неколку совети што ќе ви помогнат да се подготвите за претстојниот период.

5 совети за полесно да ја подготвите вашата кожа за есен

1. Зголемете ги влажноста и хидратацијата

Многу често термините „влажност“ и „хидратација“ се користат наизменично. Сепак, овие два термини значат различно кога станува збор за кожата. Имено, хидратацијата е индикатор за содржината на вода во кожата, а производите за хидратација помагаат да се поврзе водата со кожата. Влажноста пак е индикатор за содржината на масти во кожата и навлажнувањето ја спречува загубата на вода. Овие две работи одат рака под рака и доколку сакате да одржувате здрава кожа, потребно е да постигнете рамнотежа помеѓу нив.

2. Секојдневно внесувајте витамин Ц

Не дозволувајте вашата кожа да ги пропушти придобивките од внесувањето витамин Ц. Имено, тој има моќ да ја направи кожата поотпорна, а исто така е и одличен антиоксиданс. Бидејќи есенското, постудено време има тенденција да ја суши кожата, нејзината нега е од огромно значење. Локалното нанесување во форма на серум или крема исто така ќе го спречи оштетувањето на кожата и ќе ви даде подобар и поздрав изглед.

3. Земете ретинол, познат како витамин А

Кога заедно со витаминот Ц ќе земете и ретинол, вие ќе создадете одлична комбинација. Откако за време на летниот период, кога вашата кожа постојано била изложена на сонце, време е повторно да го вратите овој витамин во вашата дневна рутина. Тој го зголемува процесот на ексфолијација на кожата, при што предизвикува побрза регенерација. Сепак, ретинолот е силен и мора да го користите внимателно, а бидете сигурни и дека производите што ги користите не содржат состојки кои може да предизвикаат иритација на кожата.

5 совети за полесно да ја подготвите вашата кожа за есен

4. Погрижете се за вашите очи

Правилно е во текот на целата година да посветувате внимание на вашите очи, но доколку сте прескокнале некој период, време е повторно да се посветите на нив. Несоодветната грижа за вашите очи може да доведе до појава на брчки, темни кругови и подуеност. Пронајдете го кремот за околу очи кој ви одговара и придржувајте се до упатството за негова употреба.

5. Не занемарувајте го кремот со заштитен фактор

Иако веќе се приближуваме кон крајот на летото, не значи дека треба да го отфрлите од употреба кремот со заштитен фактор. УВ зраците коишто се штетни за кожата се присутни во секоја сезона. И покрај тоа што не поминувате премногу време на сонце, вашето дневно пешачење или пак навлегувањето на сонцето преку прозорецот се доволни за да ви нанесат штета на кожата, дури и кога е облачно.


За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар