Доколку ги поседувате следниве 11 карактерни особини, можеби не би требало да имате деца

Доколку размислувате да имате деца, добро би било најпрво да обрнете внимание на одредени фактори пред да донесете толку голема одлука. Секако дека пред сѐ треба да бидете финансиски подготвени, но важно е и да имате стабилна и здрава врска со партнерот. Освен тоа, добро би било да направите анализа на вашите карактерни особини, бидејќи некои од нив можеби се знаци дека не би требало да имате деца. Ако навистина сакате да имате деца, секогаш можете да се промените, но прво треба да знаете за кои особини станува збор. Во продолжение дознајте дали сте подготвени да станете родители…

Доколку ги поседувате следниве 11 карактерни особини, можеби не би требало да имате деца

1. Не знаете да правите компромиси

Кога би имале бебе, понекогаш работите не би оделе онака како што сакате, така што размислете два пати дали треба да станете родители доколку не знаете да правите компромиси. Ако секогаш мора да биде по ваше и не сте воопшто флексибилни, тогаш децата можеби не се најдобриот избор за вас.

2. Максимално сте фокусирани на кариерата

Иако возможно е да имате кариера и деца истовремено, најдобро би било да го одложите основањето на семејство додека не ви се стабилизираат работите. Доколку сте целосно фокусирани на кариерата и работата ви е секогаш на прво место, тоа може да ви претставува проблем кога би имале деца. Секако дека постојат повеќе начини да го најдете совршениот баланс, но треба да се запрашате дали навистина сакате да го направите тоа.

3. Имате проблем со некаква зависност

Зависноста може да влијае на многу области од вашиот живот, така што дефинитивно треба да го земете ова предвид пред да имате деца. На пример, ако редовно консумирате прекумерна количина на алкохол, тоа може да има негативно влијание на децата. Истото важи за користењето дрога, коцкањето и слично. Сите овие пороци создаваат нездрава средина за развојот на децата.

4. Не знаете како да управувате со вашите финансии

Бебето претставува огромен финансиски предизвик, така што размислете два пати дали треба да имате деца ако имате проблеми со парите. Доколку никогаш не можете правилно да го испланирате трошењето пари и одвај успевате да ги платите сметките а камо ли да заштедите, тогаш уште потешко ќе ви биде кога ќе добиете нови членови во семејството. И оваа карактерна особина можете да ја смените, но треба да вложите многу труд за да постигнете резултати.

Доколку ги поседувате следниве 11 карактерни особини, можеби не би требало да имате деца

5. Многу сте избувливи

Бидете искрени: Дали би можеле да се справите со расплакано бебе? Бебињата и малите деца имаат многу потреби и затоа предизвикуваат големи фрустрации. Доколку лесно ги губите нервите и лошо реагирате кога ќе чуете дека некој вреска, можеби не би требало да станете родители сега за сега.

6. Тешко ви е да се поврзете со луѓето

Ако ви е тешко да се поврзете со луѓето од која било причина, тогаш улогата на родител ќе ви биде уште потешка. Не само што ќе треба да работите на односот со партнерот за да можете правилно да се грижите за бебето, ќе треба да се поврзете и со детето што сигурно нема да ви биде лесно.

7. Не толерирате хаос во домот

Оваа особина не би требало да ве спречи да имате деца, но дефинитивно треба да ја земете предвид. Доколку не можете да се справите со куче во вашиот дом, немојте да имате деца, бидејќи децата прават уште поголем хаос. Ако вашата љубов кон редот наликува на опсесивно-компулсивно нарушување, можеби би требало да одите на терапија пред да станете родители.

8. Многу сте импулсивни

Воспитувањето дете бара размислување со ладна глава, така што доколку вие или вашиот партнер сте импулсивни, можеби не сте подготвени да основате семејство. Некои истражувања покажале дека импулсивноста е една од најголемите причини за насилното однесување кон децата што подразбира тресење бебиња и удирање деца. Можеби ви звучи страшно, но станува збор за вистинит податок.

Доколку ги поседувате следниве 11 карактерни особини, можеби не би требало да имате деца

9. Ви кажале дека сте незрели

Најдобро би било да почекате додека вие и вашиот партнер не научите како правилно да управувате со емоциите. Доколку не знаете како да се справите со обврските на зрел начин, најверојатно нема да можете да ги воспитате децата правилно, а тоа не е во ред.

10. Немате трпение

Како што веќе споменавме, кога ќе имате деца, честопати ќе се наоѓате во фрустрирачки ситуации. Ќе треба да се справите со расплакано бебе или тврдоглаво дете. Според тоа, доколку не сте трпеливи, почнете да работите на оваа карактерна особина.

11. Имате други цели и амбиции

Иако ова не е карактерна особина, најверојатно не би требало да имате деца доколку имате многу други цели, како што е на пример основањето сопствен бизнис. Децата можат да ја исцрпат сета ваша енергија и да ви го потрошат целото време, така што нема да можете се посветите на ништо друго освен на семејниот живот.

Не се вознемирувајте доколку поседувате некои од овие карактерни особини. Сосема во ред е ако мислите дека треба да почекате или пак дека воопшто не треба да имате деца. Сите имаат различна цел во животот и децата едноставно не се дел од сечија замисла. Оваа одлука не треба да се осудува, бидејќи станува збор за лично право, а не за задолжителна обврска.

Прочитајте кои се последиците врз децата од конфликтите на родителите.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

  1. Anonymous Reply

    dokolku go citate ova sigurno ne treba da imate deca

Остави коментар