9 реакции поради кои вие сте подобра личност од останатите

Се сеќавате ли кога како мали деца ќе се искаравте со вашиот помал брат, помала сестра или другарче од вашето маало и кога вашите родители ќе ви речеа да бидете подобри и поумни, па да им попуштите? Таквите ситуации не им се случуваат само на мали деца.

9-reakcii-poradi-koi-vie-ste-podobra-lichnost-od-ostanatite-kafepauza.mk

Секојдневно се соочувате со луѓе чии мислења и ставови се разликуваат од вашите, постапки и однесувања кои не можете да ги разберете и зборови кои не ни можете да замислите да ги чуете пак. Немојте воопшто да се сомневате во тоа дека и вие го имате истото влијание врз нив. Но она по кое вие се разликувате од нив (и обратно) е реакцијата која ја имате кога ќе се соочите со некоја од овие ситуации. Да се биде подобрата и попаметна личност не е воопшто лесно, но следниве неколку реакции укажуваат дека вие сепак имате храброст да бидете такви.

1. Не дозволувате да ве изнервираат

Луѓето прават глупави и непромислени работи секој ден. Логичната реакција за нив би била да се изнервирате и да им покажете што вие мислите за тоа. Но она што во тој момент би заборавиле е дека на тој начин вие се спуштате на нивно ниво и всушност се однесувате исто како и тие – глупаво и непромислено. Со тоа што им вртите глава на тие непромислености, вие на луѓето повторно им го покажувате своето мислење, но на многу подобар начин.

2. Се повлекувате од расправија кога не сте во право

Инаетот знае да биде многу поголем од разумот, па сакајќи да го истерате своето, тој може да ве одведе многу подалеку од една обична расправија за тоа дали ви било кажано да купите млеко или не. Почнувајќи од вакви банални примери, па сѐ до оние сериозните, желбата да се биде во право дури и кога знаете дека не сте, може да ви направи многу проблеми. Вие сте подобра личност бидејќи не дозволувате таа желба да владее со вас.

3. Признавате дека сте згрешиле дури и кога тоа не е вистина

И додека се подразбира дека ова не се однесува на секоја расправија, некогаш едноставно не вреди да се докажувате со некој дека сте во право. Од која и да е причина што таа личност настојува да признаете дека вие грешите, застанете за момент и размислете дали е тоа толку лоша идеја. Да, неверојатно е тешко да речете погрешив дури и кога навистина е така, но во дадена ситуација тоа може да биде навистина добредојдено. Бидете подобрата личност кога тој наспроти вас не е и дадете си себеси повеќе време за оние важните проблеми.

4. Се радувате за други луѓе

Сигурно сте се нашле во ситуација кога за некој кој не ви се допаѓа сте слушнале дека му се случило нешто убаво. Но дали разликите помеѓу вас треба да ве спречат да се радувате за таа личност? Дури и ако се работи за некој кој ви е близок и драг, вие сте подобра личност со тоа што не им оставате слободен пат на љубомората и зависта да ве надвладеат. Верувајте, задоволството е многу поголемо кога и вие ќе имате некој со кој ќе можете да се радувате на вашите успеси и со кој ќе можете да ги споделите вашите среќни моменти.

5. Избегнувате конфликти

Избегнувањето расправија е често погрешно интерпретирано како кукавичлук и бегање од проблемот. Но паметниот човек знае дека конфликтот не е решение за ниту еден проблем. Па, наместо конфликт, вие во тој момент избирате да премолчите, да заминете и да најдете подобро решение за што и да ви стои на патот. Или едноставно знаете дека тој проблем не вреди за вие да се замерувате со некого.

6. Не го очекувате за возврат она кое вие им го давате на другите

Една од најголемите човечки особини е способноста да бидете хумани без да очекувате така да се однесуваат и кон вас. Најдоброто кај секој човек произлегува од несебичната желба да им помага на другите, дури и кога за возврат не добива ни благодарам. Овие луѓе сакаат да направат нешто повеќе бидејќи можат, а се подобри затоа што задоволството кое произлегува од тоа е единственото нешто кое очекуваат да го добијат.

7. Не сте злопамтило

Не секој е доволно голем човек за да ги остави лошите спомени позади себе. Не секој е подготвен да прости некому и да оди напред. Не секој знае како повторно да биде во добри односи со некој кој му има погрешено. Затоа оние кои го можат ова се подобри од останатите. Да бидеш свесен и да простиш за нешто што се случило многу одамна бидејќи не вреди толку за да влијае на можноста за подобра сегашност, е одлика на големите луѓе.

8. Не земате сѐ при срце

Јазикот често работи побрзо од умот. Некогаш дури и самостојно. Но вие како подобра личност го прифаќате тоа. Свесни сте дека луѓето кажуваат зборови кои не ги мислат, прават работи за чии последици не се свесни и едноставно не се грижат за тоа. А вие, кога доаѓате во директен контакт со тие луѓе, знаете подобро. Не ги земате нивните постапки при срце бидејќи, можеби, тие не знаат како поинаку.

9. Прифаќате мислење различно од вашето

Не секогаш ќе имате до себе личност која го мисли истото што и вие. Многу е поверојатно дека ќе се соочувате со луѓе кои не го делат вашиот став. Она на кое не можете да се потпрете е дека тие луѓе ќе знаат како да се справат со таа ситуација, но затоа вие знаете. Вие сте личност која прифаќа различно и поинакво од она за кое се залага и е подобра бидејќи не дозволува тоа да застане на патот на добрите односи.

„Не однесувајте се со луѓето онолку лошо колку што се тие лоши, однесувајте се кон нив онолку добро колку што сте вие добри.“ – Риту Гатури

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар