7 лоши ситуации во кои свесно се доведуваме себеси

7 лоши ситуации во кои свесно се доведуваме себеси

Некогаш, без разлика на фактот дека го знаеме крајниот резултат на некои наши постапки, свесно решаваме да се ставиме себеси повторно во исто сценарио. Ова го правиме од најразлични причини, меѓу кои на прво место е дефинитивно надежта дека крајот, сепак, ќе биде различен. А кога нешто што не треба го правиме свесно повеќе пати, тогаш веќе не станува збор за правење грешка, туку за избор повторно да ја направиме истата глупост.

(1)-7-loshi-situacii-vo-koi-svesno-se-doveduvame-sebesi-kafepauza.mk

1. Се обидуваме да останеме пријатели со бившиот/ата

Не е возможно. Иако филмовите прикажуваат секакви сценарија на бивши партнери кои сѐ уште комуницираат, па дури и живеат заедно, во реалноста такво нешто не постои. Со таа личност сме споделиле многу нешта, сме поминале многу среќни и тажни моменти, сме се расправале за сѐ и сешто и што е најважно, таа личност сме ја сакале. А штом врската завршила, тогаш имало и причина за тоа. Колку и да била одлуката заедничка и за доброто на двајцата, сепак постои период на преболување низ кој мора да се помине. Никој не ги оспорува Здраво и Како си, но дали навистина би можеле со бившиот партнер да разговарате за некој нов потенцијален?

2. Предвреме правиме договори за претстојниот викенд

Убаво е да се има план на случувања и обврски со цел да имаме идеја кога и како сме слободни и подобро да си го организираме времето. Но договори за претстојниот викенд, а уште е понеделник не се паметни. Иако сега можеби мислиме дека нема да имаме никакви обврски, секогаш ни излегува нешто поважно или неодложно, па потоа мораме да ги одложуваме плановите. За жал, најчесто во последен момент. Тоа ни го расипува расположението не само нам, туку и на личноста со која сме договорени. Затоа, најубаво е да оставиме работите да си течат по свое, па кога ќе дојде викендот да го искористиме најубаво што може без да се расипат нечии планови.

Depressed Man On Bench

3. Одиме на забава на која знаеме дека нема да се забавуваме

Ќе ни се јават пријателите или некој познаник и ќе нè поканат на забава која воопшто не одговара на нашиот карактер ниту, пак, познаваме некого таму. И не сакајќи да им откажеме, се согласуваме да одиме на оваа забава знаејќи од самиот почеток дека нема да ни биде убаво. Си кажуваме себеси дека важно е со кого си, а не каде и дека ако самиот не си ја направиш забавата, никој друг нема, па фаќаме пат под нозе. И сето ова со пола срце. Втората половина е таму каде што навистина сакаме да бидеме и каде што на крајот најверојатно и ќе завршиме бидејќи нашето искуство си го прави своето. Кога знаеме дека нешто нема да ни се допадне, нема потреба да го правиме.

4. Прашуваме дали можеме да помогнеме кога всушност не можеме

И што ако одговорот биде Да? Кога се нуди помош, тоа треба да биде од срце и со желба и надеж дека можеме да помогнеме некому. Празните зборови болат многу. Дури и кога не е дека сакаме да изгледаме фини, туку се нудиме од жал, сепак е подобро да кажеме некому дека би се обиделе да најдеме некој кој можеби би можел да помогне отколку да понудиме помош која не можеме да ја пружиме. Бидејќи што кажува за нас фактот дека сме кажале нешто што не можеме да го поддржиме со дела? Таа личност никогаш повеќе нема да нè гледа со исти очи.

5. Започнуваме расправија која немаме намера да ја завршиме

Изнервирани сме и бесни и имаме потреба да ја испразниме од нас целата негативна енергија. Најчесто, тоа го правиме на личноста која нема ама баш никаква улога во нашата нервоза. Ја чекаме и најмалата причина за да избувнеме, па се расправаме и кажуваме сѐ и сешто, за на крајот само да се свртиме и да продолжиме со обврските во денот. Тоа воопшто не е фер ни кон личноста ни кон нас самите. Можеби моментално ќе ни биде подобро, но што потоа кога ќе сфатиме дека ни крив ни должен некој друг ги трпел последиците на нашиот гнев и уште повеќе, сега имаме уште еден проблем кој ни стои над глава? Затоа, заштедете си време и нерви и немојте дополнително да предизвикувате проблеми каде што нема место за нив.

(2)-7-loshi-situacii-vo-koi-svesno-se-doveduvame-sebesi-kafepauza.mk

6. Се обидуваме да наместиме двајца пријатели да излезат на состанок

Предложете, но никогаш не организирајте ја целата работа. Така, ако испадне добро ќе ни бидат благодарни, а ако не испадне ништо нема ние да бидеме виновни. Сепак не станува збор за мали деца и колку и да сакаме да помогнеме во нивното зближување, не е на нас да дејствуваме и да влијаеме повеќе од што треба. Доволно е да ја начнеме идејата дека можеби би си одговарале и евентуално на едниот или на другиот да му дадете телефонски број, но потоа веднаш на сигурна дистанца како љубопитен набљудувач.

7. Кажуваме тајни на луѓе кои не се способни да ги чуваат

Кога знаеме дека на некоја личност не можеме да се потпреме да чува тајна, треба да сме навистина непромислени за да ја споделиме со неа. Ова секако се подразбира под услов навистина да не сакаме содржината на тајната да се расчуе. Кога имаме потреба да разговараме со некого и да споделиме некој товар или убава вест, тука се пријателите или семејството кои нема да нè издадат. Нема никаква потреба да кажуваме на луѓе кои нашата тајна само ќе ја рашират понатаму. Свесно си правиме поголеми проблеми себеси, а можеби и на некој друг ако е дел од тајната. А знаете како велат – кажуваш на еден човек, но очекувај дека веќе знаат единаесет. Народот секогаш сака да зборува, па наместо да знаат двајца, знаат 11, па 111 итн.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар