12 навики на искрените луѓе

Искрените поединци оставаат силен впечаток на сите луѓе што ќе ги сретнат. Благодарение на нивните посебни навики, тие зрачат со силна енергија и самодоверба. Постојат голем број истражувања кои покажале дека вашата продуктивност на работното место зависи од емоционалната интелигенција што ја поседувате. Освен тоа, емоционалната интелигенција е моќен начин да ја насочите вашата енергија кон постигнување одлични резултати.

12 навики на искрените луѓе

Сепак, емоционалната интелигенција нема да ви помогне многу доколку не сте искрени. Луѓето не сакаат само да видат дека покажувате емоции. Тие сакаат да знаат дека вашите емоции се вистински. Неодамнешните истражувања покажале дека искрените лидери многу подобро ги мотивираат луѓето, бидејќи ги поттикнуваат да им веруваат и да им се восхитуваат преку нивните дела, а не зборови.

Не е доволно само да покажувате знаци на емоционална интелигенција. Најважно е да бидете искрени. Прочитајте кои се навиките што ги имаат искрените луѓе и дознајте дали и вие сте едни од нив…

1. Не се обидуваат да им се допаднат на другите

Искрените луѓе се такви какви што се. Тие знаат дека некому ќе му се допаднат, а некому не. И тоа воопшто не им пречи. Тоа не значи дека не се грижат за туѓото мислење, туку дека нема да им дозволат на другите луѓе да ги спречат во донесувањето правилни одлуки. Тие се подготвени да се стават во непријатна позиција доколку тоа е потребно.

Со оглед на тоа што искрените луѓе не се очајни за внимание, тие никогаш не се фалат. Знаат дека ако зборуваат на пријателски и самоуверен начин, луѓето ќе се заинтересираат за нив и ќе им обрнат поголемо внимание. Луѓето многу лесно можат да ги прочитаат вашите намери, па затоа повеќе ќе ги привлечете ако се однесувате искрено наместо да се фалите со тоа колку големо влијание имате во општеството.

2. Не осудуваат

Искрените луѓе се слободоумни и поради тоа предизвикуваат голем интерес кај останатите. Никој не сака да разговара со човек кој веќе има формирано свое мислење и не сака да го сослуша соговорникот. Слободоумноста е многу значајна карактеристика на работното место, бидејќи тоа значи дека секогаш сте подготвени да помогнете и имате оригинални идеи. Со цел да ги елиминирате избрзаните заклучоци и осудувања, мора да бидете способни да го видите светот низ туѓи очи. Тоа не значи дека треба да имитирате нечие однесување, туку дека треба да ги разберете луѓето пред да ги осудите.

3. Самите си го одредуваат патот

Искрените луѓе не добиваат задоволство од мислењето на другите. Токму поради тоа, тие се способни да го следат нивниот внатрешен компас. Тие знаат кои се и не се преправаат во нешто што не се. Нивната цел во животот доаѓа однатре, од нивните сопствени принципи и вредности. Го прават она што мислат дека е правилно и не се обесхрабруваат од фактот дека тоа можеби некому нема да му се допадне.

12 навики на искрените луѓе

4. Многу се добродушни

Сигурно сте имале колеги кои не сакале да го споделуваат нивното знаење или ресурси за работа. Овие луѓе се однесуваат како постојано да се плашат дека ќе ги надминете доколку ви го дадат она што ви треба за да си ја завршите работата. Искрените луѓе се безрезервно добродушни со сите што ги познаваат и без размислување ги нудат нивните ресурси и знаење. Тие сакаат да постигнете одлични резултати, бидејќи се тимски играчи и се доволно самоуверени за да знаат дека вашиот успех нема да го погази нивниот. Тие веруваат дека вашиот успех е исто така и нивен успех!

5. Кон сите луѓе се однесуваат со почит

Без разлика дали разговараат со нивните најважни клиенти или со келнери, искрените луѓе се секогаш учтиви. Тие знаат дека без разлика колку добро се однесуваат кон луѓето со кои ручаат, тоа нема ништо да им вреди доколку почнат да се однесуваат лошо кон сите останати околу нив. Искрените луѓе ги почитуваат сите човечки битија, бидејќи немаат превисоко мислење за себе и никого не потценуваат.

6. Материјалните работи не ги мотивираат

На искрените луѓе не им требаат луксузни работи за да бидат среќни.Тоа не значи дека не би го купиле најновиот модел на телефон, туку дека едноставно тоа не им е потребно за да се чувствуваат добро. Нивната среќа доаѓа однатре и од малите задоволства како што се пријателите, семејството и наоѓањето смисла во животот.

7. Тие се доверливи

Сите сакаат да се дружат со искрените луѓе, бидејќи знаат дека можат да им веруваат. Тешко е да ви се допадне човек кој никогаш не си го покажува вистинското лице и вистинските чувства. Искрените луѓе го мислат она што го кажуваат и ако дадат ветување, не постои сомнеж дека ќе го исполнат.

8. Тие се отпорни

Искрените луѓе многу добро се познаваат себеси и никогаш не ги сфаќаат работите премногу лично. Кога некој ги критикува нивните идеи, тоа не го сфаќаат како личен напад. Никогаш не донесуваат избрзани заклучоци, не се навредуваат лесно и не се одмаздољубиви. Тие знаат да прифатат негативна и конструктивна критика, да ја применат во нивниот живот и да остават сѐ друго зад себе, без да се навредат.

12 навики на искрените луѓе

9. Не поминуваат премногу време на телефоните

Нема ништо понеучтиво од тоа кога соговорникот среде разговор ќе почне да се допишува со некого или ќе фрли брз поглед на телефонот. Кога искрените луѓе разговараат, тие ја насочуваат сета нивна енергија на разговорот. Доколку целосно се посветите на секојдневните разговори, ќе забележите дека тие ќе имаат поголемо влијание на вас и повеќе ќе уживате во нив. За разлика од тоа, кога на роботски начин муабетите со луѓето и постојано гледате во телефонот, тие никогаш нема да можат вистински да се заинтересираат за вас.

Искрените луѓе формираат врски и наоѓаат длабочина во сите секојдневни разговори. Нивниот искрен интерес за другите луѓе им помага да поставуваат добри прашања и да го разберат соговорникот.

10. Немаат големо его

Искрените луѓе не донесуваат одлуки слушајќи го нивното его, бидејќи не им треба туѓиот восхит за да бидат задоволни од себе. Исто така, тие никогаш не се обидуваат да добијат пофалби поради туѓа заслуга. Тие едноставно го прават она што треба да се направи без да се обидуваат да привлечат сечие внимание.

11. Не се дволични

Делата на искрените луѓе се совпаѓаат со нивните зборови. Тие никогаш не велат едно, а прават друго. Тоа е така поради нивната самосвесност. Голем дел од лицемерите не ги препознаваат нивните грешки. Тие не се свесни за нивните недостатоци. Од друга страна, пак, искрените луѓе најпрво ги решаваат сопствените проблеми.

12. Никогаш не се фалат

Сигурно познавате луѓе кои постојано зборуваат за себе и нивните успеси. Дали некогаш сте се запрашале зошто е тоа така? Тие се фалат бидејќи се несигурни во себе и мислат дека ако не ги нагласат нивните достигнувања, никој нема да ги забележи. Искрените луѓе немаат потреба од фалење. Тие се самоуверени и веруваат во нивните успеси, додека истовремено знаат дека ако направите нешто навистина значајно, делото ќе се истакне само по себе, без разлика колку луѓе ќе го забележат и ќе му се восхитуваат.

Искрените луѓе знаат кои се. Тие се доволно самоуверени за да се чувствуваат пријатно во своја кожа. Тие се приземни и присутни во сегашноста, затоа што не се обидуваат да откријат нечии скриени намери, ниту пак се грижат за нивните. Знаат што сакаат и секогаш ги покажуваат нивните искрени емоции. Обидете се да ги прифатите нивните навики и станете дел од нив!

Во продолжение прочитајте зошто не треба да се плашите да бидете ранливи.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар