На 20 септември, петок, со почеток во 21 часот, во арт кафето „Концепт 37“ ќе се случи отворање на изложбата на македонската млада уметница Анџелика Јорданова која ќе биде сочинета од фотографии, накит и рачно сликани парчиња облека. Изложбата е инспирирана од традиционалната јапонска култура.
„Инспирацијата за оваа колекција е убавината на природата околу мене, во спој со традиционалната јапонска уметност и претставува своевидна рефлексија на мојата духовна состојба. Материјалите кои се користени прават строга референца за Јапонија, безживотните плодови од морето и почвата добија свој уникатен карактер во дела полни со морфолошки лица. Црвената боја е доминантна и има различни симболички значења во јапонската култура како зајдисонце, свето место, ново раѓање и љубов“ – вели за својата изложба Јорданова.
За музичката поддршка на настанот ќе се погрижи Ненад Стефаноски (Foolish Green Music).
Дизајнер на постерите е Анита Палческа.