Лица со ментален хендикеп – главни актери во театарска претставаПретставата „Мрзливата жена и метлата“ е типичен начин на кој Македонскиот народ низ својот хумор и досетливост успеал да го прикаже осамениот живот на Петко, но и несекојдневните пресврти со кој се соочува со доаѓањето на неговата нова жена. Проблемите имаат карактер на мрзливост, а начинот на кој Петко се справува со нив е повеќе од интересен.

Со свеж и разигран дух, актерската екипа е составена од лица со попреченост во менталниот развој, корисници на услугите на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „ПОРАКА НЕГОТИНО“ – Неготино, заедно со студенти и ученици, кои нестрпливо чекаат да се качат на сцената и на свој начин да Ви ја претстават.


Ваквиот начин на непосредно вклучување на лица со попреченост во менталниот развој во активности од областа на културата придонесува многу во нивниот личен развој, подигање на степенот на нивната самодоверба и самопочит и нивното повисоко ниво на чувство на достоинство. Од друга страна, преку реализацијата на ваков вид театарски претстави, пошироката заедница и граѓаните имаат можност да ги видат нивните потенцијали и капацитети, а со тоа да се влијае врз подигање на јавната свест дека и лицата со попреченост во менталниот развој се дел од заедницата и заслужуваат еднакви можности.

Драматизацијата за претставата е преземена од книгата на Шенка Колозова „Народни приказни – драматизации“ и е прилагодена според можностите на корисниците од „ПОРАКА НЕГОТИНО“.

Составена од осум чина, претставата дава слика за животот и проблемите со кои човекот се соочува во секојдневието, исполнето со мисли, чувства и страдање, се обработува трпението и лукавоста на Петко, неговата верба, љубов и надеж.

Приказната започнува во селската меана. Собрани селаните, меанџијата ги служи, а тие разговараат за работи од секојдневието. Тажниот и осамен Петко, чија домаќинка починала пред две години, доаѓа во меаната и им ја соопштува на селаните добрата вест дека повторно ќе се жени. Селаните го распрашуваат Петко околу новата жена, дали е вредна, дали е домаќинка, а тој пак им одговара дека не е во години кога може да бира. Среќен за ова, го повикува меанџијата и ги части своите пријатели.

Остатокот ќе го дознаете на лице место.


Понеделник, 25 јули, 19 часот, Младински културен центар, кино Фросина.