Совети за велосипедизмот кој освен што го подобрува расположението го развива и мозокот на децата

Возењето велосипед е забавна физичка активност која може да се прави во друштво. Сè што ви треба е добар велосипед, заштитна опрема, кацига и добра волја за да тргнете во акција. Велосипедизмот е одличен изговор да го напуштите удобниот кревет, но и шанса на вашите деца да им овозможите одлична активност од која ќе имаат само придобивки. Покрај тоа што ќе поминете заедничко време со нив во природа дополнително ќе им пренесете здрави навики на вашите најмали. Дознајте што се случува при возење велосипед и прочитајте ги советите поврзани со оваа активност!

1. Планирајте заедно

Во земјите каде што постојат велосипедски патеки многу е олеснет процесот на возење велосипед. Додека се возите во условите што ги имате, пробајте да испланирате заедно каде ќе правите пауза, а секој од членовите од семејството нека одбере по едно место. Ова е можност семејството уште повеќе да се зближи. Не заборавајте да направите заеднички фотографии кои ќе останат убав спомен!

2. Научете ги децата да возат

Ако вашето дете е мало и не може само да вози, ставете го во седиште за деца коешто ќе го прицврстите на вашиот велосипед (не заборавајте да се посоветувате со стручно лице за големината на седиштето и правилата за безбедност). Но, ако е доволно возрасно купете му мал велосипед со помошни тркала и на тој начин ќе почне само да учи да вози. Секако тоа треба да му го дозволите на безбедна локација и пат по којшто е лесно да се управува со велосипед – рамен, без камења, угорници и кривини.

3. Останете среќни!

Велосипедизмот е одличен начин за подобрување на кондицијата и целокупното здравје, но заедничкото семејно возење одлично влијае и врз расположението. Докажано е дека возењето го поттикнува произведувањето на хормонот на среќата, па уште после првите неколку минути ќе имате широка насмевка на лицето. Покрај возењето и вашата физичка активност, вие сте изложени на сончеви зраци, а тоа ќе го подобри и квалитетот на сон и ќе ви ги наполни батериите.

4. Уживајте во истражување на природата

Летото е совршен период за годишен одмор. Додека сте на одмор, ако условите ви го дозволуваат тоа – земете ги со вас и вашите велосипеди. Возењето велосипед по уредни шумски патеки е идеално за топлите денови, особено кога знаете дека на крајот ќе завршите на езерското крајбрежје или на некоја морска плажа каде што ќе можете да се освежите. На многу патеки ќе најдете причини за да запрете и да уживате во природните убавини. Важно е пред тоа малку да истражите на Интернет и да направите почетен план каде ќе одите.

5. Прошетајте низ историски времеплов

Велосипедот може да биде одлично превозно средство за обиколка на музеи, занимливи дворци, паркови или некои слични историски дестинации бидејќи нема да губите време на паркирање, ниту да се потите во автомобилот. Уште една позитивна страна е што можете да запрете каде што ќе ви одговара, па од таквото патување можете да направите прекрасни фотографии.

6. Почнете полека

Ако подолго време не сте возеле велосипед, летното време е идеално за да ја вратите кондицијата со планирање на пократки семејни излети. Тргнете на полесни и пократки рути со застанување за ужина и пиење течности за да ја обновите енергијата.

7. Заштедете пари

Да се потсетиме – со велосипедот ја трошите само вашата енергија бидејќи нема трошоци за гориво. Наместо да му купите на детето уште една игра за компјутер, купете му велосипед и опрема и заедно сите одете на пикник. Ако се соберат повеќе семејства и има повеќе деца, можете да смислите заеднички активности поврзани со возење велосипед и да ги покажете вашите вештини.

8. Дружете се со пријателите

Одморот е вистинско време за дружба со пријателите кои не сте ги виделе подолго време. Повикајте ги да возите заедно, па наместо да одите на договорена локација со автомобили, појдете со вашите велосипеди. Ова е добра прилика и за натпревар, па оној којшто ќе стигне прв плаќа кафе или подига шатор на пример, но исто така е одлична идеја за споделување на тоа што сте го виделе по пат и покажување на фотографиите што сте ги направиле.

9. Обрнете внимание на сигурноста

Излегувањето со велосипед со децата уште од најрана возраст е добра прилика да го поттикнете детето на повеќе активност. Со тоа децата ќе имаат поголеми шанса да бидат физички и ментално активни во подоцнежните години, а тоа влијае врз нивното целокупно здравје. Не заборавајте да им создадете навика за грижа за сигурноста на улица и во природа. Можете да посетите некој велосипедски клуб и да проверите дали седиштата се добро прилагодени, да им покажете како да ги заштитат рацете и колената, да им помогнете да одберат кацига и светло за ноќно возење. Набавете ја таа опрема и за себеси и преку пример покажете им на децата дека со помош на заштитна опрема во случај на паѓање може повеќе да се заштитите.

10. Запознајте ја вашата околина

Можеби не одите на одмор каде што ќе можете да ги понесете велосипедите или уште немате доволно кондиција за да возите на одмор. Но, ова не значи дека велосипедите треба да останат во гаража. Кога сте слободни во текот на неделата можете да ја истражувате околината околу местото на вашето живеење. Можеби не звучи возбудливо, но бидете сигурни дека во близина ќе најдете многу неоткриени работи покрај кои поминувате без да се свртите. Освен тоа, ова е одлична вежба за безбедно да се движите по улицата, но и можност да стекнете нови пријатели. Договорете се со вашите деца за да одите на обиколка на градскиот парк со велосипед. Нека си играат со другите деца, па кога ќе се вратите дома можете да цртате мапи од паркот што ќе го направите сами, а во него да ги додадете новите пријатели што ги стекнале.

Дознајте кои почетнички грешки што се прават при купување нов велосипед.



САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар