Што прави бебето во вашиот стомак во секоја недела од бременоста?

Доколку сте во почетна фаза од вашата бременост, веројатно едвај чекате да ги почувствувате првите движења на вашето бебе. Најчесто движењето почнува да се чувствува од 18-тата до 20-тата недела од бременоста. Доколку ова ви е прва бременост, може да ви биде потребно време да сфатите за што станува збор. Ако не сте почувствувале движење до 24-тата недела, најдобро е да разговарате со вашиот лекар за да ја откриете причината.

Што прави бебето во вашиот стомак во секоја недела од бременоста?

Што прави бебето во вашиот стомак?

Ултразвучните снимки можат да ви покажат што и како прави бебето во стомакот, а неговото движење започнува уште пред да станете свесни за него. Доколку вашето бебе е будно за време на снимањето, ќе можете и самите да ги видите движењата.

  • Од 7-мата до 8-мата недела бебето почнува да се помрднува на страна.
  • Околу 9-тата недела почнува да клоца, да ги мрда рацете и нозете и да голта.
  • Околу 11-тата недела почнува да зева.
  • Околу 14-тата недела може да ги мрда и очите.

Постепено движењето на бебето станува доволно силно за да можете да го почувствувате. Наскоро ќе се навикнете на неговото удирање и истегнување. Важно е да знаете дека бебето нема постојано да се движи, тоа исто така и ќе одмара и ќе спие.

Како ќе го чувствувате движењето на бебето?

Некои движења ќе бидат кратки и нема ни да ги забележите, а некои ќе траат по неколку секунди. Еве какви движења да очекувате во секоја недела од бременоста.

Од 20-та до 24-та недела

Активноста на бебето ќе се зголемува и ќе забележите дека е поактивно во текот на денот, или дека повеќе удира навечер.

Од 24-та до 28-ма недела

Ќе забележувате кога бебето ќе ика, бидејќи ќе го чувствувате како ритмичко движење. Сега во матката има и до 750 милилитри течност, така што бебето може послободно да се движи. Исто така може да забележите дека ќе скока на ненадејни звуци.

29-та недела

Бебето ќе се движи посилно бидејќи матката му станува потесна.

32-ра недела

Ќе забележите дека движењето се променува. Бебето нема да се мрда помалку. но почесто ќе се растега и ќе го чувствувате на едно место, а не на целиот стомак. Ова е сосема нормално бидејќи бебето нема многу место за мрдање.

36-та недела

Бебето веројатно ќе ја заземе последната положба во стомакот. Цврстите мускули на матката и стомакот ќе му помогнат да остане на место. Движењата што ќе ги чувствувате ќе бидат од рацете и нозете, а можете да почувствувате и болни удари во ребрата. Ако ова ви е втора бременост, мускулите нема да бидат толку силни, па бебето може да ја менува положбата до породувањето.

Од 36-та до 40-та недела

Мрдањето на бебето ќе станува сè поретко. Наместо тоа, можно е да чувствувате упорно удирање под ребрата на двете страни. Досега бебето веројатно има научено да си го цица палецот, а доколку му излезе од уста ќе почувствувате како го бара со главата.

Кога движењето на бебето ќе стане локализирано под ребрата или во долниот дел од стомакот, би требало да чувствувате како се мрда и во неделите пред породувањето, и во текот на породувањето. Доколку забележите промена консултирајте се веднаш со вашиот лекар.

Колку удари треба да чувствувате во текот на денот?

Не постои одреден број удари што треба да ги почувствувате, па нема потреба да броите. Наместо тоа обидете се да го научите распоредот на мрдање на вашето бебе во текот на денот. Секое бебе има различен ритам на спиење и будење, па така ќе знаете што е нормално за вашето. Доколку забележите промена во неговиот распоред, консултирајте се со лекарот.

Треба ли да бидете загрижени доколку не го чувствувате движењето на бебето?

Ако не сте фокусирале на движењето, можно е да сте го испуштиле. За најлесно да го почувствувате, легнете на страна и ставете перница под вашиот стомак. Останете мирни еден или два часа и би требало да почувствувате низа одвоени движења. Ако сепак мислите дека бебето се движи помалку од вообичаено, консултирајте се со вашиот лекар.

Погледнете ги и нештата што секоја жена треба да ги знае пред првата бременост.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар