Што да направите ако доживеете паничен напад на јавно место?

За време на летото често можете да се најдете во голема гужва, без оглед дали се работи за посета на туристичко место, престој на преполн траект или концерт. Со дополнителниот стрес што се јавува кога ќе поставите преголеми очекувања од годишниот одмор, често страда вашето здравје. Се смета дека дури од 3 до 4% од возрасните луѓе во некој период од својот живот ќе доживеат паничен напад, а поголемиот број од нив се жени.

Што да направите ако на јавно место доживеете напад на паника?

Зошто воопшто доаѓа до напад на паника, како да се препознае, како да се помогне и дали тој може да се претвори во нешто посериозно?

„Нападот на паника се одликува со краткотраен период на интензивен страв или непријатност со чувство дека може да се случи нешто многу страшно и тоа многу брзо, а личноста притоа мисли дека не може да се заштити. Паничните напади можат да бидат присутни во сите анксиозни нарушувања (панично нарушување, социјална фобија, посттрауматско стресно нарушување односно акутно стресно нарушување).

Причината поради која спаѓа во анксиозно нарушување е онаа дека тој што го доживува не може да го објасни.

Како да препознаете паничен напад?

Тој се карактеризира со јасни симптоми, но личноста што ги доживува често мисли дека се работи за нешто друго. Притоа, се јавува зголемено отчукување на срцето, чувство на гушење и недостаток на воздух, мачнина, непријатност во желудникот, вртоглавица…

Овие симптоми го достигнуваат врвот за десет минути и исчезнуваат во следните неколку минути.

Всушност, симулираат вистински срцев удар, мозочен удар или почеток на лудило, односно губење на разумот. Затоа и личноста што доживува напад на паника тие телесни сензации ги толкува на катастрофален начин. Тие кои го доживеале често го опишуваат како интензивен страв и потреба да избегаат од местото каде што се случува нападот. Често се уверени дека нешто не е во ред со нивното здравје, но може да станува збор само за одредена физиолошка реакција после нагло станување, исцрпеност поради работи, тага, лутина или анксиозност поврзани со фактот дека околу нас се наоѓаат многу луѓе, баш како на летување. Спомнатото силно отчукување на срцето кое е проследено со напад на паника многумина го интерпретираат како знак дека ќе добијат инфаркт, а стравот што им се јавува само дополнително ја зголемува фреквенцијата и силата на срцевиот ритам со што стравот создава маѓепсан круг.

Како што луѓето се плашат кога станува збор за нивните витални органи, така кај нив се создава впечаток дека имаат медицински проблем опасен по живот. Одењето во итни интернистички и невролошки амбуланти каде што им се кажува дека не им е ништо само дополнително придонесува за страв и збунетост кај нив.

Што можете да направите во моментот кога ќе ве фати паничен напад во јавност?

Важно е да знаете што ви се случува. Во тој момент можат да помогнат вежби за дишење, а дишењето треба да биде бавно и длабоко со подолго задржување на здивот. Мора да пробате да бидете сосредоточени на секој дел од вашето тело, мора да седнете, да сте свесни дека ви се случува паничен напад и да застанете ако во моментот нешто правите. Сè ова овозможува повторно да се почувствувате целосно затоа што токму тоа мора одново да се постигне – да се воспостави чувство на поврзаност меѓу психата и телото.

Дали паничниот напад е опасен?

Ако тој се повторува најмалку еднаш месечно, односно присутно е постојано чувство на загриженост поради можните последици како и избегнување на местата каде што претходно нападот се случил што е познато како агорафобија, се поставува дијагноза панично нарушување, а тоа обично е присутно помеѓу дваесеттата и четириесеттата година од животот.

Иако се работи за исклучително непријатна ситуација, важно е да се спомене дека нападот на паника, па ни самото панично нарушување не се опасни по живот.

Понекогаш и самите сознанија се доволни за да се олеснат симптомите. Кога личноста е свесна дека доживува напад на паника и знае дека нема да се случи ништо страшно тоа може да ги ублажи и скрати симптомите. Луѓето подобро реагираат на лекување кога го разбираат паничното нарушување вклучувајќи ги и биолошките и психичките процеси.

Што се однесува до терапијата, се користи фармакотерапија во вид на антидепресиви и анксиолитици односно психотерапија која ќе ја открие сржта на паничното нарушување. Овие две комбинирани терапии даваат успех.

Ако барем еднаш ви се јави паничен напад и го препознаете, треба да им кажете на блиските личности што се случува и ако е потребно да побарате помош од експерт.

Дознајте и како недостатокот на еден витамин е поврзан со паничните напади и анксиозноста.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар