На крајот од денот, сѐ што сакаме да знаеме е дека не сме сами

На крајот од денот, сѐ што сакаме да знаеме е дека не сме сами

Живееме под маски. Ги криеме оние делови од нас што нѐ прават човечни. Деловите што ни помогнале да се изградиме во она што сме денес, деловите што се основата на сите наши приказни, лекции и лузни. Ги криеме нештата од кои се срамиме, грешките што сме ги направиле, луѓето кои сме ги повредиле, срцата кои сме ги скршиле со нашето заминување во моментот кога требало да останеме.

На крајот од денот, сѐ што сакаме да знаеме е дека не сме сами

Чувствуваме голема болка, но никогаш не ја дознаваме причината за сето тоа. Никогаш не ја препознаваме тежината на емоциите што ги чуваме во себе и стравот што минува низ нашите коски секогаш кога ќе помислиме дека им претставуваме товар на луѓето кои не можат да ги разберат нашите проблеми.

Се убедуваме дека сме единственото човечко суштество во свет на милијарди кое се чувствува изгубено и осамено. Се убедуваме дека луѓето не можат да ги разберат нашите маки и прашања кои ни тропаат во главата. Се убедуваме дека никој нема време за да нѐ сослуша. Мислиме дека тие што се интересираат за нас, поставуваат прашања од чувство на обврска, а не од искрена заинтересираност.

Токму затоа решаваме да се откажеме. Не ги запознаваме луѓето до крај затоа што се плашиме дека ќе побегнат веднаш штом ги видат нашите рани и товарот од минатото. Се убедуваме дека тие нема да можат да внесат зрак светлина во длабочините на нашата душа, дека нема да можат да разберат низ што сме поминале и што нѐ прогонува секоја вечер пред да заспиеме.

Но, многу грешиме. Ние не сме единствените што доживеале загуба или чие срце било скршено на најбруталните можни начини. Не сме единствените луѓе кои имаат прашања што ги измачуваат, а не знаат кому да ги постават. Не сме сами.

Токму тука лежи апсурдот на човештвото. Сите бараме поврзаност, а одбегнуваме воспоставување контакт со очи. Бараме луѓе кои ќе нѐ разберат, но не остануваме со нив доволно долго за да сфатиме дека секој човек некогаш поминал низ истите тешки периоди. Наместо тоа, се обидуваме да го убедиме светот дека сѐ е во ред, дури и тогаш кога очајно ни треба помош. Не е ни чудно што не ја добиваме потребната помош. Не е ни чудно тоа што далечината помеѓу нас и сите останати постојано се зголемува. Ние бегаме еден од друг, а би требало да се приближуваме еден кон друг.

Кога ќе престанете да се убедувате себеси дека никој не може да ве разбере, ќе видите дека целиот свет ќе ви се отвори и ќе ви каже „И јас поминувам низ истото“. Луѓето ќе почнат да ви зборуваат за искуствата кои се слични на вашите, за нивните љубовни страдања и најдлабоки стравови. Кога ќе престанете да се убедувате дека сте сами, ќе сфатите дека сте опкружени со луѓе кои сакаат да се поврзат, а тоа е прекрасно. Вашиот развој ќе започне кога ќе сфатите дека си требаме еден на друг многу повеќе одошто сакаме да признаеме.

Прочитајте и зошто осаменоста е стапица од која има излез.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар