Осаменост - стапица од која има излез

Осаменост – стапица од која има излез

За да се биде осамен не е неопходно да се живее во изолација. Напротив, многумина поминале низ фаза во животот во која имале партнер, блиски пријатели и не мал број на луѓе со кои се во контакт, но и понатаму чувствувале извесна емоционална болка поради неквалитетот на односите со нив. Според психологот Гај Винч осаменоста всушност е субјективно чувство кое е определено од квалитетот на односите со другите луѓе, а не од нивниот квантитет.

И додека некои луѓе се свесни за сопствената осаменост затоа што се преселиле во друг град, го смениле работното место или им починал најблискиот, други немаат поим дека им се случуваат работи кои постепено ги фрлаат во стапицата на осаменоста. Нивниот партнер нашол работа која бара голема посветеност, пријателите наоѓаат иста таква работа или партнер кому му посветуваат повеќе време, итн. Имаат разбирање за потребите на другите околу себе, па за нив по некое време доволно е и само едно видување во неделата или повремени пораки на Фејсбук. Тоа не е состојба во која личноста може да каже за себе дека има добар социјален живот, туку е момент кога осаменоста почнува да ѝ создава одредени искривени перцепции на личноста.

Осаменост – стапица од која има излез

Во овој момент осамениот ја прифатил осаменоста и не се обидува да се извлече од неа, не затоа што не сака, туку заради тоа што не е доволно свесен во каква ситуација се наоѓа. Проблемот е во тоа што состојбата на осаменост наметнува начин на размислување којшто само ја продлабочува ваквата состојба. Според Винч таа тоа го прави во неколку чекори.

1. Прави на нашите односи со другите да гледаме песимистички, односно како да не нè сакаат. Претпоставуваме дека не сакаат да нè имаат во своја близина и дека не би ги прифатиле нашите покани за дружење. Како резултат на тоа не преземаме иницијативи за социјализација, па дури ги отфрламе нивните покани, наоѓајќи разни изговори кои секако не се оправдани.

2. Со избегнувањето на социјализацијата поради сиот тој наплив на песимизам остануваме слепи пред фактот дека и самите даваме придонес во тоа што односите со некого ни се заладени. Тогаш сметаме дека нашите претпоставки дека некој не нè сака покрај себе се исполнуваат.

3. Луѓето можат да намирисаат човек кој е осамен. Тој секако не е атрактивна опција за забава, така што почнуваат навистина да го избегнуваат, уште повеќе отежнувајќи му да создаде добри односи со другите.

4. Осаменоста е заразна. Кога некој е осамен и се труди да стои на маргините на општествената група, со себе ги влече и оние со кои сепак има некаков добар однос. Се разбира, само прашање на време е кога тие ќе го сфатат тоа и ќе почнат да го избегнуваат.

5. Колку подолго сме осамени, толку повеќе нашите социјални вештини ослабнуваат. Потоа е уште потешко да се воспостават добри односи со нови луѓе.

Осаменост – стапица од која има излез

Д-р Винч тврди дека постои излез од оваа стапица, но дека личноста треба малку да се потруди затоа што чекорите кон излезот бараат извесен напор. Тој го предлага следното:

1. Преземете иницијатива. Движете се на места каде што можете да сретнете луѓе и да започнете разговор со нив. Запишете се во спортски клуб, во училиште за странски јазици, волонтирајте, или што и да ви претставува задоволство. Прочешлајте го именикот во вашиот телефон или листата со пријатели на Фејсбук и пишете му порака на некого со кого одамна не сте разговарале.

2. Проверете дали навистина ве избегнуваат. Поканете некого на кафе или на пијачка и ќе бидете изненадени колкумина од нив ќе ја прифатат поканата.

3. Бидете оптимисти. Лесно е да се каже некому да биде оптимист, но ова навистина е неопходно ако сакате да ги обновите социјалните врски и да стекнете нови.

„На крајот мора да сфатите дека осаменоста е стапица која бара напор, храброст и верба за да се побегне од неа. А ослободувањето од неа е многу слатко,“ завршува д-р Винч.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар