5 неверојатни животни совети од постарите кои треба добро да ги запомните

5 неверојатни животни совети од постарите кои треба добро да ги запомните

Постои движење наречено „Слушање за Денот на благодарноста“ (Great Thanksgiving Listen) организирано од StoryCorps. Неговата цел е да се охрабрат луѓето да ги споделуваат своите приказни, со цел истите да се зачуваат. Според StoryCorps, луѓето кои се дел од ова движење најчесто споделувале семејни рецепти, заедно со малку историја од нивното семејство. Разменувањето приказни најчесто се одвива преку интервју – помлад член интервјуира постар член од семејството. Иако приказните се едноставни, од нив можете да научите многу. Погледнете некои од најдобрите.

Grandmother touching cheek of grandson

1. Гледајте ги лошите моменти како лошо време – и тие ќе поминат

15-годишната Арден Флеминг ја нарекува нејзината баба, Агнета Вулиет, нејзин идол. Агнета, ќерка на француски имигранти, пораснала во Њујорк и вели дека прв пат научила за независност кога одела во интернационално училиште. Таа го напуштила училиштето пред да матурира за да се венча, а својата диплома ја добила во ноќна школа. Во меѓувреме одгледувала 2 деца. Потоа учела уметност на факултет каде што еден професор бил импресиониран од нејзината посветеност, па ја предложил за стипендија. Кон крајот на нивното интервју снимено во октомври 2017 година, Арден ја прашала баба ѝ за совет.

„Она што сакам да го знаеш и да го имаш на ум е дека 20-тите се навистина луди, но станува подобро. Ќе сакаш толку многу за себе, ќе имаш многу очекувања, многу желби за успех, а ќе има и многу анксиозност во врска со тоа како ќе го постигнеш посакуваното. Никогаш не сакав да ми се одвлече вниманието поради тешкотиите. Растењето е како времето. Секој пат кога ќе дојде бура која изгледа опасно, таа ќе се промени, нештата ќе станат подобри и ќе се појави сонцето.“

2. Црпете инспирација од луѓето кои ги сретнувате

Бил Џенз го пропатувал светот како новинар и пишувал колумни за обични луѓе со неверојатна храброст. Во едно интервју од 2015 година, со неговиот 14-годишен внук, сега пензионираниот Бил споделил приказни од неговите денови како новинар. Речиси паднал од слон во устата на тигар, па дури и избегнал пукање во Хрватска за време на Босанската војна. Кога внук му го прашал која е личноста која најмногу му оставила впечаток, Бил раскажал за некој кој бил близу неговиот дом.

„Едно момче по име Еди ми помогна да сфатам за што всушност е животот.“

Еди било 10-годишно момче чија нога била ампутирана поради рак.

„Без разлика што му се случуваше, тој никогаш не се откажуваше. Еднаш му се јавив на Еди дома и ѕвонев долго време. Кога конечно ми крена го прашав каде бил бидејќи готов бев да спуштам. Тој ми рече дека бил во друга соба. Патериците не биле до него, па лазел до телефонот. Тој беше мало момче, но успеа да научи еден стар човек никогаш да не се откажува. Понекогаш сакам да се откажам и да почнам да работам нешто друго, но тој ми помага да не го направам тоа.“

3. Сакајте ја вашата работа – и за платата и за луѓето

Бени Стјуард кој има 80 години, својата прва работа ја добил кога бил 7. Тој им завршувал ситни обврски на соседите кои му плаќале со јајца од кокошка. Во интервју од 2015 година со неговата 17-годишна внука, тој разговарал за многуте работни места. Тој берел памук за 2,5 евра дневно, миел садови, чистел згради, продавал осигурување… Со тек на време ја пронашол својата страст како социјален работник, а подоцна како пастор. Внука му го прашала што го натерало да работи толку многу работи.

„Сакам да разговарам со луѓе. Ми имаат кажано дека имам дар за тоа, па лесно и брзо разбирам што ми кажува некој. Секогаш се гордеев со тоа што можам да следам инструкции и брзо да ги запомнам. Ова ме научи дека можам да имам нешто мое и дека можам да заработувам за моето семејство, но и дека понекогаш може да земам работи кои не можам да си ги дозволам.“

Евелин Траусер работела во фабрики за автомобили, а потоа била и заварувач. На својата внука ѝ рекла:

„Мојот совет до сите во моето семејство е: Научи како да се грижиш за себе. Немој да зависиш од никого и не чекај некој да ти овозможи нешто. Јас многу сакав да одам на работа. Луѓето со кои си таму ја прават работата забавна или досадна. Колку што знам јас, луѓето со кои си опкружен ја прават разликата.“

4. Најдете ментори кои ќе ве водат и предизвикуваат

Ален Еберт, 73, се потсетувал за деновите кога работел во интервју со неговиот 15-годишен внук. Еберт работел како заварувач кога бил млад, а искуството му помогнало да се запише на медицина.

„Ако разбирате како работи нешто, кога ќе се расипе ќе знаете што да барате и како да го поправите. Дури и човечкото тело е механичко“, изјавил тој.

Кога Еберт разговарал за неговото искуство како доктор, тој му споменал едно нешто на внук си – да си најде ментор.

„Нештата што ги правиш сега на училиште, ги учиш од луѓе кои знаат нешто повеќе од тебе. Продолжи со тоа во текот на целиот живот. Гледај подалеку од шефови и од професори. Развивај врски со луѓе кои можеш да ги набљудуваш, макар и оддалеку, и гледај како тие постигнуваат работи. Како што сфатив јас, во животот обично донесуваме 95% добри одлуки и 5% лоши. Поголемиот дел од нашите животи како возрасни го поминуваме во поправање на нередот од лошите одлуки. А лошите одлуки можеш да ги намалиш ако околу себе имаш луѓе кои ќе те предизвикуваат, кои ќе те натераат да размислиш два пати и кои нема секогаш да се согласуваат со тебе.“

5. Извлечете најмногу од она што го имате

Една ваква приказна е онаа на 80-годишната Патриша Смит која го споделила својот рецепт за туна од конзерва.

„Кога имав 18 години бев во брак и имав дете. Не бев вработена, па често одев во библиотеката, земав книги за готвење и пробував нови рецепти. Тогаш живееме со ограничен буџет. Половина килограм риба чинеше 69 центи, па научив да правам многу рецепти со риба.“

Бетани Блуемхард раскажувала за нејзината баба која правела стотици украински варенки.

„Баба ми ни раскажуваше како овие варенки одржувале во живот многу луѓе. Украинците одгледувале многу компири, па сè додека имале брашно, вода и малку масло тие можеле да го направат тестото.“

Други слични приказни укажуваат на тоа дека не треба да се откажете додека не успеете. Џун Магард, 87, раскажала за својата книга со рецепти која ја чувала 30 години.

„Луѓето ќе ви велат дека не знаете да направите леб или бисквити или што било. Но само треба да не се откажете и ќе научите. Потребно е да вложите труд.“

Ако ви е потребно уште малку инспирација, прочитајте ги и најдобрите животни совети од нашите мајки.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар