Најдобрите животни совети од нашите мајки

Најдобрите животни совети од нашите мајки

Нашите мајки се оние кои нè научиле на љубов, добрина и разбирање. Мајката е првата личност која секој од нас ја има како пример во животот. Ова се најдобрите и најискрените животни совети кои сме ги добиле од нашите мајки и без разлика колку сме возрасни, никогаш не смееме да ги заборавиме.

Најдобрите животни совети од нашите мајки

Вистинската љубов постои

Кога на 16 години плачев поради скршеното срце, мојата мајка не ја исмеа мојата незрелост, туку ме прегрна и рече дека она што ужасно нè боли во овој момент, треба да го ставиме во едно ковчеже, и да го закопаме дури да мине свежината на болката. По некое време, кога ќе се завртиш назад ќе сфатиш дека како што минува времето болката сè повеќе исчезнува. Ни една болка, ниту пак скршено срце не трае вечно. Еден ден, можеби години по првото скршено срце, во нашите животи доаѓа нашиот принц без бел коњ но со многу љубов, почит и внимание, само треба да бидеме трпеливи.

Гледајќи ги нашите родители, нивната љубов која трае со години и нивната грижа за себе и за своите деца, сфаќаме дека вистинската љубов постои и вреди да се чека, а кога ќе дојде во нашите животи треба да се чува и негува. Колку и во моментот да не ви изгледа возможно дека може да доживеете вистинска љубов, само верувајте им на вашите мајки.

Во животот добрината секогаш се исплатува

Секој од нас доживеал ниски удари кои направиле да имаме помалку љубов кон човештвото и да веруваме дека оние кои се добри се наивни и глупави бидејќи дозволуваат да ги газат. Да, постојат користољубиви личности, постојат и себични кои никогаш не би ни вратиле со иста мера, но светот е подобро место за живеење кога луѓето сочувствуваат, сакаат и помагаат. Оставете ги поединците и погледнете ја големата слика.

Оној кој никогаш не подава рака за помош има помали шанси да добие рака за помош кога ќе има потреба. Оној кој дава никогаш не е сиромашен, барем така мојата мајка ми вели. Испружи ја дланката, ако ја свиткаш цврсто во тупаница, ништо нема да излезе од неа, но ништо нема и да влезе. Ако ја пуштиш слободно, нешто ќе изгубиш, но и нешто ќе добиеш.

Никогаш не се срами од она што си

Кога бевме тинејџери притисокот да не бидеш свој беше навистина голем. Паметам дека беше срамота да те видат како читаш на балкон во слободно време – што не е во ред со тебе? Тогаш истапуваат нашите мајки-херои, кои безрезервно си ги сакаат децата баш онакви какви што се, и ни велат дека светот секогаш ќе има одредено мислење без разлика што и да правиме, па зошто едноставно да не бидеме свои?

И токму кога мислиш дека поминал периодот на суровост кога не можеш да бидеш слободен во својата кожа, животот ти дава трезвена лекција дека таквите стандарди допрва доаѓаат. Еве што ме научи мојата мајка, истовремено давајќи ми пример со своето однесување: Никогаш не се срами од она што си, никогаш не ги потиснувај во себе емоциите ниту пак она што сакаш да го кажеш. Во животот ќе искусиш многу предизвици и притисоци, но ти остани доследна на она во што веруваш, во твоите семејни вредности, религијата, начинот на живот, мислењата и ставовите што ги имаш на која било тема, бидејќи тоа те прави она што си. На светот не му треба едноликост, туку шаренило. Секој кој ќе те тера да промениш нешто кај себе, да престанеш да веруваш во нешто или да го промениш своето мислење, не те заслужува. Напротив, постојат многу личности кои ќе те ценат и почитуваат баш поради тоа што не ставаш маска на себе.

Секогаш биди благодарен

За сè што имаш, сè во што можеш да уживаш, за луѓето околу тебе, за љубовта која ти ја даваат блиските, за заштитата во својот дом. Кога јас ќе почнев да се жалам за нешто, однесувајќи се по малку размазено, мајка ми секогаш ме замолчуваше велејќи ми дека постојат многумина кои не можат да уживаат ни во основните права на човекот.

Мајките нè научија да бидеме благодарни и за најмалите работи и секојдневно да покажуваме благодарност. Да им велиме „благодарам“ на луѓето дури и кога навидум сториле навистина малку за нас. Благодарноста е многу важна, оној кој не знае да биде благодарен, не знае ни да биде среќен.

Најдобрите животни совети од нашите мајки

Прости и не држи лутина во себе

Тогаш кога држиме лутина и кроиме планови за одмазда, си наштетуваме најмногу самите себеси, а не на непријателот. Луѓето не се совршени ниту безгрешни, па кога некој ќе ви згреши простете му, бидејќи и вие грешите. Ако грешката е голема и таа личност не заслужува да ве има во својот живот, нека биде така, но вие сепак простете му/ѝ, ако ништо друго заради самите себе. Едно е да ја отфрлите од својот живот но да продолжите да чувате омраза, а друго е да ја казните со вашето отсуство но да ѝ простите за ваше добро. Лутината е горчина која го обзема срцето. Ослободете се од неа.

Не гради ѕидови околу себе

Секој бил повреден, но што ако изградиме толку цврсти ѕидови околу нас и никогаш не дозволиме некој да ни влезе во срцето? Таквите личности се осамени и самите себе се казниле со отсуство на љубовта. Без разлика што ти се случило, не изолирај се од светот. Така некој кој ти мисли само добро ќе биде казнет поради нешто што не го направил.

Мајките нè учеле да имаме топли и големи срца и да не си дозволуваме да бидеме осамени. Нè учеле и нè учат дека семејството и пријателите му се потребни секому и дека никогаш не треба да си дозволиме да ги изгубиме или пак да ги оддалечиме од нас поради која било причина.

Не секогаш си во право, прифати го тоа

Човек учи додека е жив и никогаш не се поставувај како супериорен, како апсолутен сезнајко бидејќи можеш да научиш нешто и од 5-годишно дете. Некогаш нашето его, нашата гордост не ни дава да прифатиме дека не секогаш сме во право. Проширете ги видиците, погледнете подалеку од сопствениот нос и за ваше добро, прифатете дека не секогаш вашите ставови се правилни. Прифатете го оној со кој не се согласувате, анализирајте го она што има да ви го каже, потем размислете дали ќе прифатите нешто и ќе си дозволите да бидете разубедени или пак ќе останете на своето.

Нашите мајки ни дале безброј совети. Надополнете ја оваа листа со некој од советите што вашата мајка ви ги дала а направиле вистинска промена во вашите животи.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар