10 работи за кои никогаш не треба да се извинувате во врската

10 работи за кои никогаш не треба да се извинувате во врската

Човечки е да се извините кога ќе процените дека сте згрешиле или дека некого сте навредиле, намерно или ненамерно. Но, постојат неколку работи за кои не смеете да се извинувате, ниту да се чувствувате виновни доколку ги правите.

1. Кога искажувате емоции

Вие имате право да се чувствувате така како што се чувствувате, без разлика дали некој ги разбира вашите чувства. Не дозволувајте никој да ве натера да се извините за начинот на којшто се чувствувате во врска со нешто. Напротив, храбро е отворено да зборувате за она што ве повредило, а доколку соговорникот ви рече дека претерувате, тогаш тој воопшто не е ни спремен да ве сослуша. Ова најчесто се случува кога токму соговорникот е виновен за вашата болка, а нема храброст да ви се извини.

2. Кога сакате подобар третман од вашиот партнер

Ако вашиот партнер не ги прави истите напори како вас, тогаш имате целосно право да побарате подобар третман од негова страна. Вам ви е дозволено да ги посочите работите кои ви недостасуваат во врската, како што е на пример, одвојувањето време за состанување, иако и двајцата сте зафатени со работни обврски. Не мора да бидете дел од врска која делува како да е еднострана, не мора да молчите кога се чувствувате разочарано и не мора да прифатите недостоен третман кога знаете дека заслужувате повеќе. Зборувајте отворено за сѐ!

3. Кога работите на исполнување на вашите соништа

Вие не треба да се извинувате ако правите жртви за вашата кариера и никому не треба да го објаснувате патот по кој одите за да стигнете таму каде што сакате да бидете. Секако, можете да дискутирате за вашите соништа, но не се извинувајте за времето кое го трошите за нивно исполнување. Никој не смее да направи да се чувствувате виновно што работите за минимална плата и што не придонесувате финансиски во домот како вашиот партнер, кога вие веќе работите на тоа да имате подобар живот. Доколку вашиот партнер постојано ве демотивира и ви вели дека треба да се откажете од вашите соништа, можеби е време да се откажете од него.

4. Кога јадете и живеете онака како што сакате

Вашето тело е само ваше и вие одлучувате што ќе правите со него. Без разлика дали се работи за вежбање, јадење благо или живеење само на тестенини и вино, вам ви е дозволено да го правите тоа и никој, посебно не некој кој ве сака, нема право да ви се меша во вашите животни избори. Секако, добронамерни совети се секогаш добредојдени, но вие сте тие кои треба да го имаат последниот збор. Но, доколку сте здрави и обожавате тестенини карбонара – уживајте во нив.

5. Кога не сакате да имате секс

Ако сте уморни и не сте расположени за секс, не треба да чувствувате грижа доколку го одбиете вашиот партнер. Одвреме-навреме, секој од нас сака да се одмори гледајќи ја омилената телевизиска серија, без никакви дополнителни активности. Сексот треба да се случи тогаш кога и двајцата партнери ќе го посакаат тоа и не треба да се извинувате доколку не сакате да имате секс. Секако, партнерот кој ве цени ќе ја почитува оваа ваша одлука.

6. Кога вашите хормони „полудуваат“

Апсолутно не треба да се извинувате ако сте почувствителни за време на вашиот циклус и воопшто не треба да сте засрамени доколку јадете малку повеќе од „забранетата“ храна. Исто така, не треба да се објаснувате зошто сте поуморни и поизбувливи од вообичаеното.

7. Кога ви треба простор

Не треба да се извинувате кога чувствувате потреба да бидете сами. Грижата за себе е есенцијална, а оние кои нѐ сакаат ќе нѐ поддржат во тоа. Вие имате право да добиете простор да правите работи кои ве прават среќни, работи кои ќе ги правите сами иако сте во среќна врска.

8. Кога некој не ви се допаѓа и е опасност за вашата врска

Во идеална ситуација, сите пријатели на партнерот се и наши пријатели. Но, некогаш се случува да постои пријателка во која немате доверба. Доколку тој постојано се допишува со неа и остава впечаток како да крие нешто, вие имате право да се чувствувате непријатно во врска со тоа без да се извинувате. Жените обично знаат да проценат кога нешто не е во ред, па кога ќе почувствувате дека е така треба искрено да разговарате со вашиот партнер.

9. Кога сте повредени

Не треба да се извинувате кога некој ве повредил и кога ви треба малку повеќе време за да му простите. Не треба да кажете „извини“ поради тоа што сте чувствителни и имате кршливо срце. Вам ви е дозволено да бидете лути и не треба да чувствувате вина поради тоа. Секој треба да ги сноси последиците за кажаните зборови.

10. Кога знаете дека е време да си заминете

Вие најдобро знаете што може да поднесете, а што не и вие ги знаете вашите граници. Вие знаете која е вашата замисла за иднината и доколку не го гледате партнерот таму, не треба да се извинувате ако решите да ја прекинете врската. Вам ви е дозволено да заминете и да побарате подобар партнер. Доколку вашиот моментален партнер се грижи за вас, тој треба да ви се извини поради тоа што уништил нешто што имало потенцијал да биде сѐ, наместо да бара извинување од вас бидејќи го оставате.

Дали знаете дека постојат четири вида извинувања? Прочитајте нешто повеќе за нив.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевничка која би живеела во приказна на Харуки Мураками, во режија на Вес Андерсон, со саундтрак на The Smiths.

Поврзани содржини

Остави коментар