Поучна приказна: Царот и бунарот

Некој моќен волшебник, кој сакал да уништи едно царство, истурил волшебна течност во бунарот од кој пиеле вода сите поданици. Секој што ќе ја пробал, полудувал.

Поучна приказна: царот и бунарот

До утредента сите жители на царството се напиле вода и полуделе, освен царот и неговото семејство, кои имале посебен бунар само за нив и до кој волшебникот не успеал да стигне. Загрижен, царот се обидел да го држи населението под контрола, воведувајќи цела низа безбедносни и хигиенски мерки; меѓутоа, и жандармите и надзорниците пиеле од затруената вода, па затоа им се чинело дека царевите одлуки немаат никаква смисла и решиле да не ги спроведуваат.

Кога жителите на царството дознале за новите закони, помислиле дека полудел нивниот владетел и почнал да издава бесмислени наредби. Разбеснета толпа го опколила дворецот и побарала од царот да се откаже од круната.

Царот, очаен, бил готов да се откаже од тронот, но кралицата го спречила со зборовите: „Ајде и ние сега веднаш да појдеме до бунарот и да се напиеме вода. Така ќе станеме исти како нив.“

Така и направиле: царот и царицата се напиле од водата на лудоста и веднаш почнале да зборуваат бесмислици. Нивните поданици в мигот се покајале: сега, кога царот зборува толку мудро, зошто да не го остават и натаму да управува со земјата?

И така царството продолжило да живее во мир, иако неговите жители се однесувале сосем поинаку од своите соседи, а царот управувал со земјата сè до крајот на својот живот.

(Извадок од „Вероника реши да умре“ од Пауло Коелјо)

Поука: Никој не е луд и сите се луди. Лудите се секогаш во малцинство. Мнозинството ги смета за луди оние што размислуваат поинаку, мислејќи дека тие се нормални само затоа што сите размислуваат и прават на ист начин. Во моментот кога лудиот ќе ја прифати филозофијата на мнозинството и ќе се претвори во просечен човек, тогаш тој станува нормален.

Прочитајте „Што е нормално денес“ според Коелјо, извадок од неговиот роман „Победникот останува сам“. Нека ве инспирира да ја преиспитате својата лудост и нормалност.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар