Што е нормално денес?

Пауло Коелјо заслужено е еден од највлијателните уметници на денешницата, чија огромна популарност доаѓа оттаму што со секоја нова реченица, успева да го скрши јазот помеѓу нашите внатрешни пориви, чувства и стравови, наспроти „нормалното“ однесување кое околината го очекува од нас. Во неговото дело „Победникот останува сам“, преку главниот лик Игор ја составил оваа листа од „нормални“ работи со која успеал да ја соголи бесмисленоста на одредени норми според кои живееме.

1. Сето она што нè тера да заборавиме на нашиот вистински идентитет и на нашите соништа, а нè тера да работиме само колку да сработиме.

2. Пропишување правила за војување (Женевската конвенција)

3. Да поминеш години и години на факултет, а потоа да не можеш да најдеш работа.

4. Да работиме секој ден од девет до пет нешто што не ни причинува задоволство, и тоа само за да можеме мирно да се пензионираме по 30 години.

5. Во пензија да откриеме дека е потрошена животната енергија да се ужива во животот, па да се умре од здодевност после неколку години.

6. Употреба на ботокс.

7. Трагање по финансиски успех наместо по среќа.

8. Исмејување на оние што трагаат по среќата наместо по пари, нарекувајќи ги неамбициозни.

9. Натпреварување преку предмети како автомобили, куќи и облека и определување на квалитетот на живеење според нив, наместо да се направи обид да се спознае вистинската смисла на нашето постоење.

10. Да не се зборува со непознати. Да се зборуваат лоши нешта за соседите.

11. Да се смета дека родителите се секогаш во право.

12. Да се влезе во брак, да се имаат деца и да се остане заедно дури и тогаш кога љубовта веќе ја нема, тврдејќи дека тоа е за доброто за децата (божем тие не ги слушаат секојдневните караници).

13. Да се критикува секој што постапува поинаку.

14. Да се будиме со хистеричен будилник.

15. Да се верува во сè што е напишано на хартија.

16. Да се носи парче облека околу вратот, позната под славното име „вратоврска“.

17. Никогаш да не поставуваме директни прашања, иако личноста со која разговараме знае што нè интересира.

18. Да ставиме насмевка на лицето кога ни се плаче и да ги сожалуваме оние што ги покажуваат чувствата.

19. Да се смета дека уметноста вреди огромно богатство или дека не вреди апсолутно ништо.

20. Секогаш да се презира тоа што е добиено на лесен начин, затоа што оној кој го добил тоа „не ја направил потребната жртва“, па оттука ги нема потребните квалитети за да добие што било.

21. Следење на модните трендови, дури и кога тоа изгледа смешно и не е удобно.

22. Да се смета дека сите славни личности имаат многу пари.

23. Да се вложува многу во надворешната убавина, а на внатрешната да не ù се придава големо внимание.

24. На секој можен начин да докажуваме дека иако сме сосема нормални, истовремено сме супериорни во однос на другите.

25. Никогаш да не гледаме во очи некого додека се возиме со јавниот превоз, затоа што тоа може да се сфати како обид за заведување.

26. Додека се возиме во лифт да гледаме само во вратата, како да сме единствената личност внатре, без разлика колкумина има во лифтот.

27. Никогаш да не се смееме гласно во ресторан, без оглед колку е смешно тоа што го слушаме.

28. Оние на северната хемисфера да се облекуваат исклучиво според годишното време: на кратки ракави во пролет (дури и кога е студено) и во волнен џемпер во есен (иако е топло).

29. Оние од јужната хемисфера да ги украсуваат новогодишните елки со памук, иако Христовото раѓање нема ништо заедничко со зимата.

30. Како што некој старее, да смета за себе дека е најмудриот човек на светот, иако понекогаш му недостасува искуство за да знае што е погрешно.

31. Да одиме на хуманитарни настани и да мислиме дека со тоа сме ставиле крај на социјалните разлики во светот.

32. Да јадеме три пати на ден дури и кога не сме гладни.

33. Да веруваме дека другите се подобри од нас во секој поглед: подобро изгледаат, побогати се и попаметни. Со оглед на тоа што обидот да се испробаат сопствените можности секогаш е ризичен, најдобро е да не се презема ништо.

34. Автомобилот да се користи како средство за добивање чувство на моќ и контрола.

35. Да користиме вулгарни зборови додека возиме.

36. Да се смета дека сите грешки на нашите деца се вина на друштвото во кое се движат.

37. Да се стапи во брак со првата личност која ќе понуди висока општествена позиција. Љубовта може да почека.

38. Да велиме дека сме се обиделе, а воопшто да не сме ни почнале да го правиме тоа.

39. Да ги одложуваме најубавите работи во животот сè додека не дојдеме во ситуација да немаме повеќе енергија за нив.

40. Избегнување на депресијата преку огромни дневни дози телевизиски програми.

41. Да веруваме дека можеме да бидеме сигурни во сето она што сме го добиле.

42. Да се смета дека жените не сакаат фудбал, а мажите не сакаат внатрешен дизајн.

43. Да се обвинуваат властите за сите лоши работи кои се случуваат.

44. Да веруваме дека ако сме добри, пристојни и учтиви, другите ќе нè сметаат за слаби, ранливи и лесни за манипулирање.

45. Да веруваме дека агресивноста и нељубезноста се знаци на силна личност.

46. Мажите да се плашат од фиброскопија, а жените од раѓање деца.

47. И конечно, да сметаме дека токму нашата вера е единствениот пат до апсолутната вистина, а другите луѓе на оваа планета кои веруваат во друг бог, се осудени на пекол.

Дали вие имате да додадете нешто што Коелјо пропуштил да го спомене?

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар