Траги-комедии

Траги-комедии

Надвор дожд и грмотевици, тебе и онака денот ти е ужас, сè ти тргнало наопаку, сегде доцниш, ништо не правиш како што треба, па си велиш сценава баш се поклопува со времево надвор, поужасно не можеше да биде. Од друга страна, на исто такво време можеш да бидеш неверојатно среќен/на, сè ти оди како подмачкано, дождот не ти смета, напротив, си велиш, баш добро денес што заврна ќе си шетам надвор по дождот, си ја пееш „Кој си носи чадорче“, ти си најсреќната особа на светов. На времето работа му е да врне, да се менува, да грее сонце, а ние да се поистоветуваме со истото, како да е небаре поврзано со нашата судбина.

Траги-комедии

Многу често времето управува со нас, како лондончаните, се појавува еден од тие ретките моменти кога грее сонце а не истура дожд, и се чувствуваат како преродени. Да се чудиш колку на твоето расположение може да влијае времето, но од друга страна, колку ти можеш да влијаеш врз сопствената психа, како самиот ти ќе ги доживееш тие временски услови. Се рекло, има луѓе кои го чувствуваат дождот, а другите само се наводенуваат“.

Има едно нешто за кое гарантирам дека човек со најсилна психа не може да го издржи. Тој може да учествува на некаков ритуал на секти и да излезе од таму без ментални оштетувања, ама дај му на истиот човек да гледа неколку епизоди од турските серии по ред, ќе се уништи кутриот. Ма нема сега само турски, има и индиски. Музиката те мава во глава, ти зуе во мозокот, ти се чини ќе експлодираш во секој момент. И ние тоа го гледаме. Нашата нација групно се труе во просек 4 часа дневно. Па не сме здрави, кого залажуваме. Сцена на тортура, морам да го дојадам колачот на баба, се трудела жената и плус ми го направила омилениот, со вишни, леле, леле. Во секоја друга прилика би ми дошло прсти да излижам, ама ела да те видам објасни ѝ дека капацитетот ми е толкав, после зелникот, па питата, и уште кога ќе помислам дека слатко ме чека. Капак на сè, мора да сум во иста просторија за да се увери дека јадам. Бабо не можам веќе, е неразбирлив израз. А во таа просторија ечат серии, ти се чини дека после тоа за ниедна психичка функција нема да си способен.

Агата Кристи кажала дека доколку не ги пишувала своите книги, најверојатно ќе била шизофреничар, всушност книгите ѝ помагале да се ослободи од стресот. Па не знам кој таму писател бил по малку „однесен“, некој поет последните денови од својот живот ги минал во лудница… Чекај, значи во многу случаи овие надарениве генијалци биле на работ пред „шизнување“ или веќе биле „шизнати“. Ја паметам книгата „Чекајќи го Годо“, уште една тортура, цела книга го чекаа и мислам дека на крај не дојде. А да не го спомнувам љубовниот триаголник на Шекспир, човеков, барем според мене, бил чист генијалец, ама ако не бил заглавен помеѓу љубовта кон проститутката и згодниот младич, ќе бил само обичен човек без никакво значење за светот.

Тогаш Шекспир остро се противел на верувањето дека само белите девојки, со сини очи и плави коси се убави. Изреволтиран пишувал за лажните убавици кои премногу се шминкале за да имаат бело лице. О, Шекспире, дојди живеј во денешно време, пишувај за „тортите“ кои се шетаат по улица. Кај нас денес сè е убаво, црно, плаво, кафено, сè додека е добро нашминкано, можеби не се служиме со корсети, ама мил мој Шекспир, имаме силикони, ха! Тој го згрешил времето во кое живеел, требало покасно да се роди.

Ако некој во денешно време сака да ја опише убавината на една девојка, тоа би звучело вака некако:

Секси слика на профил имаше таа, ах убавино, ах голотио, ах тесни хеланки твои!

Лајкови и коментари се множеа дневно, будно стоев на нејзиниот профил ко ноќна птица,

Чекајќи нова слика да ме осамне, мене, кутриот, мене јадниот, грешна душа!…

Фејл, ама мислам дека пораката е јасна, тоа е поентата… Заклучок: прифатете ги промените, нови времиња, тоа е тоа, можеби и супер ни е вака, којзнае што доаѓа во иднина!

До следното читање,

Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар