Зошто жените сакаат да стапат во брак подоцна во животот?

Зошто жените сакаат да стапат во брак подоцна во животот?

Живееме во модерно време со брзо темпо на промени кои стихијно го менуваат начинот на живот. Ако нашите баби се мажеле на 19, нашите мајки на 24, денес на девојките не им се брза да рипнат во тавчето сè до 30-тата година од животот.

Зошто жените сакаат да стапат во брак подоцна во животот?

Не само што многумина го одложуваат стапувањето во брак, туку некои и воопшто не се одлучуваат на овој чекор. Во 1970 година, 60% од жените во Америка на возраст 20-24 години биле мажени, а 90% биле во брак до 29-тата година од животот. Наспроти тоа, во 2010 година, само 20% биле мажени до 24-тата година, а 50% до 29-тата. Според социологот Филип Коен, водејќи се од моменталната стапка „процентот на луѓето кои ќе се земаат ќе стане нула до 2042“ (што секако не е можно, но дава убава слика за темпото со кое се развива овој тренд).

Според авторката на книги за немажени жени Ребека Трејстер, „бракот никогаш не се случувал толку доцна и толку ретко во историјата на земјата“ (Америка).

Причина за ова, делумно, е тоа што на жените повеќе не им е неопходен бракот заради сигурност, а исто така многумина ѝ се спротивставуваат на судбината на нивните родители кои пристапиле во ваква традиционална заедница и за кои животот не испаднал баш најдобро. Од друга страна, младите луѓе се заглавуваат со кредити и долгови и во ваква економија, тешко е да се прават долгорочни планови од овој тип.

Исто така, бракот денес изгледа поинаку од порано. „Илјадници години луѓето имале многу мал избор во однос на тоа дали и со кого да стапат во брак и скоро немале избор кога станува збор за одгледувањето деца“ – истакнува Стефани Кунтс во „Брак: Историја“. Смртта порано растурала многу бракови, а денес таа алатка е разводот. Мажот ја поседувал жената, нејзиниот имот, нејзините пари и нејзината сексуалност, и го имал крајниот збор во сè.

Но, светот се промени. Луѓето живеат поздрав живот, па не постои притисокот дека мора да се стапи во брак порано. Жените од своја страна можат и емотивно и финансиски да се издржуваат себеси.

Порано младите се земале уште додека биле на факултет. Сега, ако некои се земат додека се сè уште на факултет, не само што тоа ќе биде чудно за средината, ќе биде изненадувачки дури и за нивните родители.

Статистиката за Америка вели дека жените кои одлучиле да се земат подоцна во животот, во 30-тите веќе заработуваат повеќе и се финансиски постабилни. Од друга страна, подоцното стапување во брак влијае и на намалување на стапката на разводи. Имено, оние кои стапуваат во брак во 20-тите години од животот, поверојатно може да се соочат со развод отколку оние кои стапуваат во 30-тите.

Зошто жените сакаат да стапат во брак подоцна во животот?

Спротивните сфаќања презентираат контрааргументи во корист на бракот во помлади години. Додека една група жени веќе чува деца во 30-тите години од животот, друга група жени на истата возраст се занимава со третмани за плодност, па затоа треба да се преиспитаат приоритетите и општо-раширениот став дека бракот треба да дојде откога ќе се средат другите аспекти од животот.

Според други сфаќања, годините не треба да се земаат како универзално мерило за спремноста за брак – жената треба да биде оформена како личност пред да го направи тој чекор. Во спротивно, промените на личноста и несогласувањата кои може да се јават подоцна, може да резултираат со несреќен брак, следствено на тоа – несреќен живот, па и со развод.

Последново сфаќање има логика за многу жени, но и понатаму, на помлади години, младите парови полесно се одлучуваат за заеднички живот, додека бракот го одложуваат за некои идни времиња кога ќе можат да имаат контрола врз сите поважни аспекти од животот.

Жените, но и мажите прво сакаат да се изградат себеси пред да стапат во брак. Порано бракот бил првиот чекор кон светот на возрасните, денес тој е скоро последниот.

Во ваков брак, жените имаат економска корист бидејќи влегуваат во заедништво со поголема моќ и на тој начин може уште повеќе да ги развиваат своите амбиции во иднина, наместо да зависат од сопругот.

Оние кои го одложуваат бракот за подоцна, тоа го прават и од практични причини – не сакаат да живеат под кирија или уште полошо – заедно со цимери. Прашањето е: дали прво да се купи стан или да се стапи во брак? Многумина би ги сакале двете нешта истовремено, но често не постои финансиска и емотивна спремност ниту за едното во пораните години од животот.

Свадбите кои претставуваат силна традиција во нашата земја, се сами по себе голем трошок. Но, од друга страна, бракот носи и финансиски погодности кои резултираат од заедничкиот живот – се делат трошоците за храна, за превоз и сл., а има и дополнителни предности доколку брачен пар се одлучи за купување стан или куќа.

Во Америка, постои расчекор помеѓу процентот на мажени жени и жени со деца во нивните 30-ти – 2/3 од жените до 30 години имаат деца, додека половина од првородените се деца на немажени жени кои ги родиле во 20-тите години од животот.

Порано жените биле притиснати да изберат помеѓу образованието и бракот, вели Кунтс, но денес образованите жени имаат поголема склоност да се омажат и, според истражувањата, нивните мажи повеќе им помагаат низ дома, што пак резултира со подобар сексуален живот.

Не дека бракот во 20-тите е лош, само денес жените имаат многу поголем избор во однос на минатото и заради тоа секоја на различен начин го избира својот пат до вистинската среќа.

Зошто жените сакаат да стапат во брак подоцна во животот?

Што мислите вие? Кои се причините за сè почестите бракови во подоцнежните години од животот? Дали најголем фактор е економијата во која живееме или пак само го следиме трендот кој ни доаѓа од Америка?

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар