Водич за модерните жени: Како да го вметнете фитнесот во вашиот брз начин на живеење?

Сигурно повеќе пати сте си помислиле: „Посакувам да имав време да вежбам и да се хранам здраво.“ Брзиот начин на живот во урбаното општество секојдневно ни натрупува нови обврски поврзани со работа, студирање, социјален живот и неретко многу малку време ни останува да се посветиме самите на себе. Како последица на тоа често пати го занемаруваме нашето здравје без кое всушност не би ни можеле да го постигнеме сето она што е дел од нашето секојдневие. Сигурно ќе се препознаете во некое од сценаријата кои сега ќе ви ги приложиме. Добрите вести се дека вие можете да имате здрав начин на живот без да треба да направите драстични промени.

Како да го вметнете фитнесот во вашиот брз начин на живот?

Жена со кариера

Станувате пред 6 часот изутрина, во канцеларија сте до 7:30, заробени пред вашата работна маса сè до вечер и кога ќе стигнете дома вие сте целосно исцрпени. Одвај можете да се помрднете, па не ви ни паѓа на памет да ја посетите салата за вежбање.

Решение: Наместо да се присилувате себеси да вежбате секој ден, обидете се да внесете кардио вежби и поздрави навики на исхрана во вашиот дневен распоред. Се возите со лифт? Одете по скали. Сурфате на Интернет за време на ручекот? Наместо тоа, зошто да не прошетате во паркот? Под искушение сте да гризнете чоколатце за ужина? Земете овошје. Го прескокнувате појадокот? Не ни помислувајте на тоа!

Студентка

Крајниот рок за да ја предадете семинарската завршува на полноќ? И вие што правите? Купувате енергетски пијалак и голема кеса чипс! Овие полноќни бесмислени закуски може да ви ги уништат шансите да облечете мини здолниште наредниот викенд.

Решение: Со оглед на тоа што поминувате по неколку часа на ден пред компјутер, најдете време да си подготвите убаво сервирани здрави оброци и грицки. Пред да почнете со работа, скокнете до најблиската продавница со овошје и зеленчук и готово! Нема повеќе изговори за да изедете цела тегла Нутела.

Нова мајка

Тешко е да издвоите само неколку минути за себе, а не па да поминете два часа во салата за вежбање. Тоа е научна фантастика! Потребите на вашето дете се на прво место, па така почнувате да го занемарувате вашето здравје. Меѓутоа, за да се израсне здраво дете, потребна е здрава мајка, па затоа да се запуштите не доаѓа предвид!

Решение: Поминете колку што можете повеќе време во активна игра со вашето дете. Има причина зошто децата често дремнуваат. Тоа е така затоа што кога ќе се разбудат не застануваат на едно место! Ова можете да го искористите во ваша полза така што времето додека се будни ќе вежбате кардио, а додека спијат ќе подготвувате здрава ужина.

Како да го вметнете фитнесот во вашиот брз начин на живот?

Социјална пеперутка

На ручек со другарките, на пијачка во омилениот бар, еден куп пржени компири и повремен викенд надвор од градот. Сè ова има две заеднички работи: Неверојатно е забавно и неверојатно е фатално за вашата исхрана. Кога поголемиот дел од вашите социјални активности се поврзани со храна и алкохол, може да биде тешко да останете здрави додека се забавувате.

Решение: Ако одите на ручек со пријателките, нарачајте салата како предјадење. На овој начин кога сите ќе нарачаат пржени компирчиња, вие сè уште ќе имате полна чинија и нема да паднете во искушение за нездрава храна. Кога станува збор за алкохолот, обидете се да го пиете со чаша вода. Ако пиете алкохол и вода наизменично ќе ја намалите количината на калориите што ќе ги внесете и ќе испиете помалку.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар