Випасана: Брутална, но просветлувачка 10-дневна тишина

Випасана: Брутална, но просветлувачка 10-дневна тишина

Како би се справиле 10 дена без телевизија, телефон, читање или пишување и без контакт со луѓето кои ги гледате постојано? А како би ви било и 10 дена без секс, мастурбација, па дури ни убивање на комарецот што ви зуи околу глава?

Випасана: Брутална, но просветлувачка 10-дневна тишина

Ако ова ви звучи како рај и пекол истовремено, во право сте. Випасана е вистински шок за вашиот систем. Ќе ве натера да се запрашате за сопствениот разум уште во првите неколку часа. Но, ако успеете да издржите ќе откриете многу за вас.

Випасана е древна форма на медитација која потекнува од будизмот теравада и има големо влијание од ведските традиции во Индија. Модерните учители за оваа техника тврдат дека секој ќе има придобивки од неа без разлика на нивната верба или религија.

Зборот випасана од јазикот пали значи „јасен увид“. Овој вид се разликува од другите медитации поради тоа што развивате способност да ги гледате нештата што се случуваат онака како што се случуваат, без его или превези.

Главната алатка на випасана е концентрацијата која се користи да се согледаат нештата онакви какви што се. Во многуте форми на медитација, целта е концентрација. Во випасана концентрацијата се користи за да се отстранат сите нешта што го одвлекуваат вниманието.

Ова се постигнува најдобро со набљудување на сите чувства на телото, без разлика дали се пријатни или непријатни. Се набљудува секое чувство без да се реагира, а со ова ќе научите да го правите истото и во секојдневниот живот, притоа гледајќи ги работите појасно. Она што го искусувате сега ретко е вистинска слика за реалноста.

Егото се идентификува со телото и неговите сензации, но создава и аверзија и желба. Целта на випасана не е да се игнорираат емоциите, туку да се прифатат со „јасен увид“ за да можете да одберете како ќе делувате, а не како ќе реагирате. Бидејќи сите емоции се поврзани со физички чувства, можете да научите како да се ослободите од егото со тоа што ќе ги набљудувате пораките што ви ги испраќа телото без да реагирате на нив.

Ако обрнете и најмало внимание, ќе забележите дека се појавуваат чувства на гнев, љубомора, страв и несигурност кога ништо од надворешниот свет не ги предизвикало. Егото станува „битие“ во нас со негов глас (најчесто негативен) и ја поматува вашата слика за реалноста.

Обично, егото предизвикува вакви мисли:

  • „Ќе бидам среќен/а само кога ќе се случи…“
  • „Ќе искусам љубов само ако го добијам вниманието од…“
  • „Ќе ја постигнам целта само ако… Не можам да го добијам она што го сакам со искреност и љубов.“

Луѓето не сакаат да ги идентификуваат овие мисли најчесто бидејќи не знаат што да прават со нив, ниту пак знаат од каде доаѓаат. Випасана не само што ви помага да ги идентификувате овие мисли, туку ќе ве натера да навлезете подлабоко во нив. Кога ќе почнете да ги забележувате желбите и аверзиите кон малите нешта, како болка во грбот или чешање, ќе откриете нешто друго и често архитектот на овие мисли ќе се појави пред вас.

10 дена операција на умот

Со „операцијата на умот“ за време на випасана ќе почнете да забележувате зошто се појавуваат одредени сензации. Често ќе бидете и изненадени. Можете да почувствувате силна емоција предизвикана од нешто навистина мало и незначајно, но таа емоција може да ви врати сеќавања од искуства или трауми кои го направиле негативното его посилно.

Распоредот за випасана тренингот може да биде навистина интензивен. Потребно е да се будите во 4 или 5 часот наутро. Веднаш по будењето потребно е да медитирате цел час. Потоа следува краток појадок кој сигурно нема да го задоволи вашиот глад, а тоа ќе биде уште една пречка која ќе треба да ја надминете во текот на медитацијата.

Често има групни медитации и јога сесии за чие време не смеете да разговарате со никого. Потоа повторно следува медитација или со учител или сами. По оваа медитација следува првиот „оброк“ во денот што е драстична промена за повеќето кои живеат во модерно општество. Му давате доволно храна на телото за да го одржите, а не за да ги задоволите желбите. Па во текот на овие 10 дена можно е да консумирате само леќа, зеленчук, овошје и вода. Оваа храна го смирува умот и ја олеснува концентрацијата. Шеќерот, кафето и целата преработена храна обично го храни и негативното его. Исто така ќе научите како секој оброк да ви биде медитација. Бидејќи повеќето од нас ја користат храната за справување со емоциите, дури и оброците можат да бидат значително тешки.

Исклучување

Кога ќе почнете да се навикнувате на работите и ќе научите неколку трикови, ќе се чувствувате моќно. Ова нема да се случи сè додека не се појавиле солзи, гнев, па можеби дури и ментални и емоционални напади какви што не сте искусиле досега. Ќе почувствувате дека вашето вистинско јас почнува да се појавува и наместо да бидете гневни кон себе бидејќи сте се осудиле на нешто вакво, ќе си бидете благодарни што сте го направиле тоа.

Но тогаш ќе се исклучите. Само што ќе помислите дека сте се ослободиле од вашето его, тоа ќе се врати за одмазда. Кога ќе ја почувствува вашата нова слобода, тоа ќе се обиде да ве тргне од патот. Единственото нешто што можете да го направите е да ја намалите неговата сила до степен што неговото влијание е еднакво на нула. За овој процес е потребно време и може да биде како вистинска војна во вашиот ум. Но колку „појасен увид“ имате, толку побрзо ќе се изборите. Кога пеколот ќе заврши ќе ви биде лесно да се справите со старите трикови на егото и тоа ќе нема влијание врз вас.

Нежно но темелно

Випасаната треба да биде нежна но темелна. Целосно ќе ги отстрани бесмислиците на егото. Штом ќе ја видите вистината и природата на „реалноста“ ќе станете несебична и грижлива личност која е подготвена да го согледа светот. Кога ќе заврши целиот процес ќе се чувствувате како нова личност. Секогаш ќе ги имате потребните алатки ако вашето его повторно се обиде да ве надвладее.

Ако мислите дека не можете да медитирате, овие совети за почетници ќе ви помогнат во тоа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар