Сосема возможно е да бидете депресивни и покрај тоа што имате „убав“ живот

Го знаете оној дечко од факултет кој е одличен спортист, има прекрасна девојка, потекнува од добра фамилија, се дружи со кул луѓе и ништо не му недостасува? Истиот тој дечко секоја вечер лежи во кревет и размислува за тоа дека не сака да живее повеќе. Тој не може да издржи повеќе, бидејќи сите му велат дека нема за што да се жали. Тој не може да разговара со никого, бидејќи сите мислат дека драматизира.

Сосема возможно е да бидете депресивни и покрај тоа што имате „убав“ живот

Ја знаете девојката која има одлични оценки, излегува секој викенд и има добра работа со која може да се издржува себеси? Таа има совршено домашно милениче, семејство и пријателки кои ја сакаат. На прв поглед, делува како да има сѐ, но не е така. Истата таа девојка секоја вечер плаче пред да заспие и се чувствува осамено без разлика кој е до неа, бидејќи мисли дека нема вистински пријатели. Таа се чувствува како заглавена во место и покрај тоа што постојано шета со насмевка на лицето. Луѓето ѝ велат дека добро ѝ оди во животот, дека нема за што да се грижи и дека сѐ ќе биде во ред. Но, таа чувствува дека никогаш ништо нема да биде во ред.

Нема да ја препознаете депресијата како најтажната личност во просторијата. Напротив, можеби станува збор за личноста која се обидува да ја задржи насмевката на лицето, која сака да ве убеди дека е среќна исто како што се обидува да се убеди и себеси во тоа. Станува збор за личноста која се обидува да се отвори, но луѓето ја игнорираат. Станува збор за личноста која одлучила дека најдобро е сама да се бори во животот, бидејќи никој друг не одвоил време да ја сослуша и да сфати низ што поминува. Депресијата и „убавиот“ живот не се исклучуваат меѓусебно. Може да бидете депресивни и истовремено да го живеете најубавиот живот, бидејќи надворешните фактори се речиси безначајни.

Луѓето многу брзо осудуваат и велат работи од типот „Јас немам ништо од тоа и пак не сум депресивен/а“. Можеби навистина не сте депресивни, но само затоа што ви се чини дека овие луѓе имаат совршен живот, тоа не значи дека нивниот внатрешен свет не е мрачен и хаотичен.

(2) Сосема возможно е да бидете депресивни и покрај тоа што имате „убав“ живот

Депресијата не ги одминува луѓето чиј живот е среден. Не е важно она што го имате, бидејќи може да имате сѐ, но сепак да се чувствувате безвредно. Депресијата е психички проблем. Не станува збор за материјалните нешта што ги поседувате, туку за хемиската неурамнотеженост во мозокот.

Депресијата е оној глас во вашата глава кој ви вели дека не сте доволно добри. Тоа се оние солзи кои течат без причина, недостатокот на мотивација што ве принудува целиот ден да го изгубите лежејќи во кревет. Таа е секогаш присутна во вашите мисли, дури и за време на најсреќните денови. Станува збор за непрестајна борба со демони која не може да се објасни. Депресијата секогаш го има последниот збор, дури и кога мислите дека контролата е во ваши раце.

Само затоа што вашиот живот делува убав однадвор, не значи дека имате убав живот однатре. Ако им кажете на депресивните луѓе дека сѐ е во ред само затоа што имаат сѐ, воопшто нема да им помогнете, бидејќи иако навидум ништо не им недостасува, тоа не значи дека можат да се изборат со депресијата што владее со нивните емоции.

Депресивни се најчесто оние луѓе кои се обидуваат сите околу нив да ги направат среќни, бидејќи знаат колку е болно чувството на осаменост. Тоа се луѓето кои секогаш им помагаат на другите, бидејќи длабоко во себе посакуваат некој да им помогне ним. Тоа се луѓето кои секогаш први ве прашуваат дали е сѐ во ред, бидејќи и тие самите посакуваат некој да ги праша истото и внимателно да ги сослуша.

Депресивни се оние луѓе за кои сите мислат дека им оди одлично во животот, бидејќи тие самите се обидуваат да се уверат себеси дека се среќни иако тоа е далеку од вистината. Само затоа што ви се чини дека некој има „убав“ живот, не значи дека тој човек автоматски треба да се чувствува добро. Бидете тука за таа личност и сослушајте ја пред да ѝ кажете дека ништо не ѝ е, само затоа што има „убав“ живот.

Доколку познавате некој кој поминува низ тежок период или самите се соочувате со оваа тешка психо-физичка состојба, прочитајте ги 10-те начини за справување со депресијата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар