Што да направите доколку започнете да се одљубувате од партнерот?

Секој кој бил во долга врска, знае дека е потребно да се вложи многу време и напор за да се одржи врската енергична и исполнета. Иако е нормално да се појават тешкотии во врската и да се доведе во прашање довербата на партнерот, со текот на времето може да почувствувате дека вашите чувства кон него не се исти како порано – вие едноставно се одљубувате.

Според лиценцираниот клинички психолог, Линдзи Јерниган од Вермнот, одљубување, исто како и вљубување е различно кај секоја личност. Може да биде брзо и бесно или бавно и нежно. Како и да е, постојат некои заеднички работи кои одат заедно со загубата на љубовта кон партнерот.

Што да направите доколку започнете да се одљубувате од партнерот

„ Доколку се одљубувате, можете да почувствувате напор во секојдневните активности со партнерот, бидејќи вашите чувства и надворешниот живот стануваат сè понепријатни“ вели Линдзи. „Како резултат на тоа, можеби ќе се чувствувате поудобно кога не сте со него, отколку кога сте заедно“ додава таа.

Доколку се најдете во оваа ситуација, треба да одлучите дали сакате да ја поправите врската или да ставите крај.

Дали е воопшто возможно да се одљубите?

Во ваков момент, можеби обновувањето на врската ќе ви изгледа залудно. Но, според Мишел Херзог, лиценциран секс терапевт, тоа е апсолутно возможно. Таа верува дека можете повторно да се заљубите во вашиот партнер, но дека тоа нема да биде лесно.

„Ќе биде потребна подлабока работа на себе која вклучува разбирање на нештата кои довеле до губење на љубовта. Кога ќе погледнеме подлабоко, можеме да откриеме дека нашите потреби не се совпаѓаат или пак, не чувствуваме доволен предизвик во врската“ вели Мишел.

Работата со терапевт може да биде корисна во процената каде лежат вашите срца. Јерниган предлага терапија специјално дизајнирана за да им помогне на паровите да работат на врската и да ја реализираат љубовта, или пак да се разделат.

Доколку со партнерот одлучите да ја оживеете повторно врската, во продолжение прочитајте неколку совети одобрени од терапевти кои ќе ви помогнат повторно да го пронајдете патот кон љубовта:

Исфрлете ги старите навики

Земете момент и размислете за работите кои ве довеле во ваква ситуација. Додека е многу лесно да размислуваме за она што партнерот го направил или пак не го направил, потребно е да го пренасочиме фокусот кон самите нас, и да размислиме што ние придонесуваме во врската.

Размислете за она што го посакувате од партнерот, а потоа запрашајте се дали вие го нудите истото. Доколку одговорот е негативен, тогаш знајте дека некој мора да го направи првиот чекор. Доколку сакате врската да успее, морате да ја оставите гордоста на страна и да го направите првиот чекор кон промената.

Следно што треба да размислите е за работите кои ги посакувате од вашиот партнер и дали всушност оставате простор за да ги добиете истите. На пример, можеби сакате повеќе физички контакт, но вие едноставно не можете да се одделите од телефонот.

Овие прашања секако треба да бидат одговорени и од страна на вашиот партнер, и запомнете дека ова не е момент за да станете одбранбени и да се префрла вина.

Препознавањето на проблемите е одлична работа, но позитивните резултати доаѓаат со напорна работа.

Бидете приоритет еден на друг

Дали се сеќавате на почетокот кога не можевте да се одделите еден од друг? Во почетокот на врската се создава простор за љубов, па време е тоа повторно да го направите. Откако ќе заврши сцената на меден месец, ние почнуваме да ги земаме партнерите здраво за готово, верувајќи дека тие секогаш ќе бидат тука за нас. Но, ова занемарување може да предизвика сериозна штета на врската.

Планирајте ги состаноците предвреме, праќајте си љубовни пораки преку денот, и што е најважно, оставете ги телефоните во вечерните часови и поставете граници со работата. Покрај поминувањето квалитетно време заедно, размислете како се чувствувате и во кој правец оди вашата врска.

Покажете автентичност

Кој не би сакал да биде свој и автентичен во една врска? Понекогаш се одљубуваме бидејќи премногу се адаптираме да се вклопиме во она што мислиме дека се очекува од нас и како резултат на тоа се чувствуваме како друга верзија од себеси. „Љубовта не може да цвета во вакви услови“, вели Јерниган.

Допрете до вашата страст и креативност. Откријте кои се тие и споделете ги со партнерот.

„Доколку дозволиме нашите страсти да згаснат, нашата врска губи топлина“ додава Јерниген.

Резултатот е огорченост и празнина.

Да се покаже автентичност, исто така значи да се биде искрен и присутен со партнерот. Можеби вашиот партнер кој има тенденција да биде воздржан, изразил дека не му се допаѓа вашата силна личност, па вие морате да се воздржувате. На крајот се чувствувате огорчени, па дури и клаустрофобични. Време е да бидете отворени со вашиот партнер и да го покажете вистинското Јас.

„Доколку врската не може да преживее бидејќи сте го покажале целосното Јас, тогаш, оваа врска не е за вас“ вели Јерниган.

Не ја присилувајте врската

Доколку и покрај сите напори, врската не успее, време е да се разделите. И двете страни треба да бидат посветени и мотивирани за да успее една врска.

„Доколку една личност е на половина пат од заминување, тогаш веројатноста да остане во врската е многу мала“, вели Херзог.

Иако без сомнение ова е тежок момент, треба да разберете дека нема ништо погрешно во тоа што сте ја прераснале некогашната здрава и среќна врска. Сите луѓе заслужуваат врска која е исполнета со разиграност, безбедност и љубов.

Без разлика дали ќе се одлучите да останете во врската или не, во овој момент имате можност да размислите за своите желби и потреби и како да ги исполните. Имате можност да бидете подобар партнер во обновената врска или пак во наредната.

Прочитајте ги и овие знаци кои покажуваат дали ќе останете со партнерот или ќе ја прекинете врската.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот

Поврзани содржини

Остави коментар