Ова е за вас доколку денес ви е тешко да се соочите со светот

Интересно е што кога во лошите денови ќе се погледнете во огледало, ќе ја видите истата личност што ја гледате и во добрите. Во лошите денови можете да погледнете во огледало и сè уште да ја гледате девојката со совршена шминка и розови усни. Можете да видите девојка со слатка блуза и неверојатни фармерки, со исправена коса и деликатни бисерни обетки.

Ова е за вас доколку денес ви е тешко да се соочите со светот

Можете да погледнете во тоа огледало и да ја видите истата девојка, без разлика дали го имате најдобриот ден од животот, или буквално се распаѓате. Дури и кога вашето срце боли и кога очите ронат тивки солзи, истата „прибрана“ девојка гледа во вас. Истата девојка која се појавува, која го лаже светот, но не може да ве излаже и вам.

Никој не ја знае вистината освен вие… сè додека не ја кажете. Никој не знае колку сте повредени или колку празно се чувствувате. Другите само гледаат убава девојка, со совршена коса и совршена шминка. Никој не гледа доволно блиску за да ги забележи сенките под вашите очи. Никој освен вас не го чувствува дополнителниот напор што го вложувате, само за да му се насмевнете на колегата или да вратите на пораката од пријателот. Никој освен вас не знае дека сте спиеле само три часа вечерта или дека ви било потребно речиси сè за да станете од вашиот кревет. Никој не знае, освен вие.

Сепак, овде сте. Се појавувате. Се појавувате со неверојатната облека и лажната насмевка. Се појавувате без разлика колку лошо се чувствувате и без разлика колку анксиозноста ве јаде однатре. Се појавувате дури и кога вашите срце и тело се целосно исцедени од енергија и живот. Се појавувате и покрај тоа што сакате да исчезнете во вашата осамена спална. Се појавувате, несигурни и разочарани, осамени и анксиозни. Се појавувате без разлика на сè.

Можеби не мислите дека сте постигнале нешто со појавувањето. Можеби се чувствувате целосно победено и слабо бидејќи сакате да плачете, кога всушност треба да работите.

Можеби ви е срам што ви е тешко наутро да станете од креветот. Можеби сте анксиозни поради самата анксиозност, или сте засрамени бидејќи се чувствувате лошо. Можеби сте депресивни поради депресијата. Можеби сте мизерни и тажни. Безнадежни и тажни. Сè што сакате да направите е да си заминете, да се сокриете од сите. Да се сокриете од мизеријата, да се сокриете од срамот. Да се сокриете од притисокот што ве тера да помислите дека ќе ви експлодира главата.

Но, сепак сте овде. Сепак се појавивте. Успеавте да станете од кревет, што значи воопшто не сте победени. Вие воопшто не сте слаби и нема потреба да се срамите од ништо. Нема потреба да се чувствувате слабо бидејќи се чувствувате тажно, исплашено или осамено. Не треба да се обвинувате себеси за овие чувства. Овие чувства се реални, но тие се привремени. Тоа што ги чувствувате, а сепак станувате од кревет значи дека вие сте неверојатно силни. Ги чувствувате овие ужасни нешта, а сепак излегувате надвор. Ги чувствувате, а сепак правите чекор напред, понатаму од креветот. А за ова, треба да бидете особено горди.

Да се појавите е огромен подвиг. Појавувањето е дело на чиста храброст. Појавувањето кога ви се плаче од замор значи дека вие сте неверојатно силни. Појавувањето значи дека вие сте похрабри отколку што мислите. Иако е тешко, иако можеби ова е најтешкиот ден од вашиот живот, сепак успеавте.

А штом сте стигнале олку далеку, длабоко во вас постои надеж. Надеж дека ќе се случи нешто подобро, надеж за посреќни денови. Надеж за денови без депресија, без самотија. Таа надеж постои, во вас е, во спротивно не би станале од кревет.

Па ако се појавивте, ако станавте од кревет, треба да знаете дека доаѓаат подобри нешта. Подобрите денови се пред вас. Денови во кои ќе можете да ја погледнете девојката во огледало и да видите искрена насмевка. Денови во кои одразот во огледалото нема да крие толку многу болка. Денови во кои девојката во огледалото не го лаже светот. Денови во кои девојката во огледалото конечно се чувствува добро…

Прочитајте ги и овие моќни цитати што ќе ви помогнат да ја победите депресијата.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар