Охридска приказна за професионалност

Автор: Петар Лазаров

(Посветено на Славчо – пример за професионалност)

Во Охрид дефинитивно треба да се поработи на нивото на услугата и квалитетот на понудата со цел да се подобри односот и да се промени мислењето на туристите. Тоа е факт (најголем дел од негативните примери и комични коментари за услугата се реалност) и мора да се земе со најголема сериозност, ако сакаме да градиме сериозни туристички капацитети во едно од најубавите места во Македонија.

Но, овој пат сакам да истакнам една моја позитивна ситуација и искуство кое ми се случи викендов во Охрид и кое многу пријатно ме изненади. Со ова, се надевам ќе дадам поддршка на Охрид и ќе влијаам позитивно и стимулативно на другите професионално да си ги извршуваат работите.

1-ohridska-prikazna-za-profesionalnost-kafepauza.mk

Бевме на детски роденден кај едни пријатели, каде што беше ангажирано едно младо момче кое требаше да помогне околу сервирањето на пијалаците, храната и водење сметка за гостите да бидат секогаш задоволни и среќни. Уште од самиот почеток се виде неговата голема сериозност и посветеност во работата. Најинтересно е тоа што момчето немаше некое формално образование, туку беше самоук, работејќи по охридските ресторани и кафулиња. Еве неколку аспекти и детали кои јас ги забележав, а од кои може да се сфати што претставува професионалност во работата:

  • Изглед, став и држење – Со себе носеше чиста и нова облека за да се пресоблече. Стоеше настрана, исправено и со целосна контрола над работите. Беше ненападен, молчелив а сеприсутен.
  • Следење на ситуацијата – Не ми требаа повеќе од 3-4 секунди, или едно подигнување на раката, за да ми го фати погледот и веднаш да реагира со „Повелете, што ви треба?“ (Се случувало и бранови со рацете да правам во некои кафеани за да ме забележи келнерот.)
  • Секогаш чекор пред нас  Во една ситуација на нашата маса ни фалеше сол. Додека ние ја баравме на масата, момчето веќе дојде со соларникот (иако стоеше на неколку метри од нас). За воодушевување е кога некој скока чекори и ги решава експедитивно работите.
  • Снаодливост и брзина – Роденденот беше на 3 локации во дворот. Тој стигаше да ги покрие сите локации и сите гости да бидат задоволни. И на крајот тој постојано беше насмеан и позитивен.
  • Издржливост и професионалност – Интересно е дека дечкото беше пушач, но јас тоа го забележав на крајот (после 5 часа работа), кога запали цигара на одење накај дома. Браво!
  • Знаење – Кога ќе требаше да му наполни пијалак на некој од гостите, секогаш држеше растојание, се местеше од страната каде нема гужва и телото му беше во позиција да не смета никому. Ова или некој треба да те научи или многу добро ги следел другите професионални келнери.

Сигурно имало уште многу примери за неговото професионално однесување кои јас не сум ги фатил, но и овие што јас ги забележав ме воодушевија.

Немојте да мислите дека тоа е „келнер“ и не значи дека ако ги извршувал така прецизно и педантно работите во тој сегмент, ако го ставиме на друго место нема да се снајде или да го сработи тоа со истата посветеност и професионалност. Јас на работа знам да им кажам на колегите од тимот дека само со миење на садовите и средување на работите околу кујната, може да се запознаат и согледаат сите нивни позитивни и негативни квалитети во работата, и да се предвиди како тие би изреагирале во други, многу посериозни ситуации.

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар