Од кујната на Дејв: Давор Панчевски споделува совети и рецепти за вкусни оброци

Од кујната на Дејв: Давор Панчевски споделува совети и рецепти за вкусни оброци

Давор Панчевски, попознат како Дејв, започнал со готвење многу одамна, со цел да ги зачува омилените рецепти, но оваа активност брзо се претворила во нешто што станало голем дел од неговиот живот. Сè што готви е инспирирано од рецептите на баба му и мајка му, како и од тоа што ќе го најде во својата кујна. Според него, со користењето едноставни и свежи состојки, можете да создадете вкусни, софистицирани и брзи оброци за вас, и за вашето семејство. Звучи одлично, се согласувате? Ако сакате подобро да го запознаете Дејв, продолжете со читање…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dave’s Kitchen (@daveskitchenofficial) on

1. Кога прв пат ја забележа твојата страст за готвење? Исто така, како наоѓаш инспирација за рецептите што ги подготвуваш? И што најмногу сакаш да готвиш?

Отсекогаш сум бил присутен во подготовката на храната што ја готвела мајка ми. Уште во петто одделение направив сам француски палачинки и ги споделив со семејството и од тогаш секогаш бев задолжен за десертот кога се најавуваа гости.

Голема инспирација наоѓам во тефтерот со рецепти на мајка ми, на двете баби, од моите патувања или едноставно од она што го имам во ладилникот, па ја користам мојата креативност и креирам нешто сосема ново и интересно.

Сакам да подготвувам секаков вид храна, но она што ми претставува посебно задоволство се слатките и месените печива. Замислете го утрото со вкусна пита или пак, седенката со пријателите со колач од ванила и вкусна шолја кафе. Нема ништо поубаво од тоа, нели?

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dave’s Kitchen (@daveskitchenofficial) on

2. Кој ти е омилениот оброк, омилениот десерт и омилениот пијалак? Од друга страна пак, има ли храна или пијалаци што едноставно не можеш да ги поднесеш? Зошто?

Често подготвувам пилешко на различни начини. Еднаш експериментирајќи што вкусно да подготвам и со нетрпение да го споделам со фановите, се решив за пилешко во лиснато тесто. Многумина од оние кои ги следат моите објави знаат дека обожавам да работам со тесто, но во овој рецепт (пилешко во кари сос со лиснато тесто) се одлучив тестото да биде сведено на минимум. Од тој момент, ова е мојот омилен оброк и често го подготвувам.

Од десерти сакам да подготвувам и да консумирам сè што е чоколадно. Кога станува збор за омилен пијалак, неодамна подготвив еден коктел кој совршено се совпаѓа со ова годишно време – есента. Искомбинирав ферментиран алкохолен пијалак од јаболка (apple cider), бело пенливо вино и чашата ја декорирав со карамела. Вистинско есенско уживање.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dave’s Kitchen (@daveskitchenofficial) on

3. Би сакал ли да го споделиш најсмешното искуство што си го имал во кујната досега. Можеби некој рецепт тргнал наопаку или пак, си започнал мал „пожар“?

Пред околу месец дена, почнав да работам на нешто ново. Го подготвив рецептот, го фотографирав финалниот производ и ги префрлив фотографиите во компјутер. После ден-два кога седнав да го напишам рецептот и да го споделам на социјалните медиуми, се блокирав и до ден-денеска не можам да се сетам на сите состојки што ги ставив во него. И после месец дена сè уште се прашувам што ли ставив за да испадне така. Но, додека се сетам, фотографијата ќе седи во компјутер. Ха-ха.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dave’s Kitchen (@daveskitchenofficial) on

4. Забележавме дека имаш издадено книга со рецепти. Како настана идејата, колку време ти требаше да ја напишеш и каде можеме да ја најдеме?

Идејата беше поттикната од фановите. Постојано ми пишуваа дека сакаат печатена верзија на моите рецепти, па си реков зошто да не? Започнав да ги планирам рецептите, да ги подготвувам и да ги фотографирам. Целиот проект „Dave’s Kitchen: Гответе насмеани“ траеше околу 18 месеци – од идеја до финален физички производ. Ова не е обичен готвач на кој се навикнати вашите мајки и баби, туку една модерна сликовница за сите возрасти. Секоја фотографија ќе ве натера да посакате да посегнете по сервираната храна. Нуди повеќе од 80 рецепти спакувани во симпатично и разиграно издание, кое ќе ги разбуди сите ваши сетила. Може да го најдете во книжарниците Литература, Култура и Три во Скопје или во книжарницата Просвета во Охрид.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dave’s Kitchen (@daveskitchenofficial) on

5. Што според тебе спаѓа во категоријата здрава исхрана? Дали сметаш дека секој човек треба да се држи до одредена група храна или пак, можеби тајната е во балансирањето?

Често, на социјалните мрежи споделувам утрински смуди рецепти, чиа пудинг или домашно подготвена гранола. Но, сепак мислам дека тајната лежи во тоа како ја балансираме храната. Јас лично, наутро практикувам утринско смуди или чиа пудинг.

Според мене, здрава храна е домашната храна, па препорачувам секој да почне да подготвува барем по еден оброк во денот, најмногу поради тоа што знаеме што ставаме во јадењето. Оваа навика исто така може да биде и повод за повеќе дружење со пријателите и со семејството.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dave’s Kitchen (@daveskitchenofficial) on

6. И за крај, дали би сакал да го споделиш најздравиот рецепт што го знаеш – оброк што секој Македонец би требало редовно да го јаде?

Она што ќе го споделам не е најздравиот рецепт, но сепак секој треба да го знае бидејќи е поздрава верзија на пица. Рецептот е подготвен со „тесто“ од компири, а тоа автоматски ја прави оваа пица да биде и без глутен. Вкусот е незаменлив, па можам слободно да кажам дека е и повкусен од онаа пица на која сме веќе навикнати да ја консумираме.

Потребни состојки:
  • 700 грама компири, изрендани
  • 100 грама кашкавал
  • 2 јајца
  • Сол и мелен црн пипер
  • 100 грама сечкани печурки
  • 100 грама шунка
  • 100 грама изрендан кашкавал
  • 100 грама кисела павлака
  • Оригано
  • Доматен сос за сервирање
Начин на подготовка:

Најпрво излупете го компирот и изрендајте го на ренде, а потоа префрлете го во кујнска крпа. Исцедете го изренданиот компир така што силно ќе ја превиткате крпата (очекувајте да истече многу вода).

Потоа префрлете го во сад и додајте ги јајцата, ренданиот кашкавал, солта и мелениот црн пипер. Добро промешајте и претурете ја смесата во тавче обложено со хартија за печење. Оформете круг како пица. Печете во загреана рерна околу 25 минути на 220 степени.

Извадете ја од рерна испечената подлога за пица и наредете ги останатите состојки т.е. печурките, кашкавалот, шунката, киселата павлака и ориганото. Вратете ја пицата во рерна и печете дополнителни 15 минути.

Послужете со доматен сос.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dave’s Kitchen (@daveskitchenofficial) on

Ако ви се допадна ова интервју, прочитајте го и нашиот разговор за здравата исхрана со Стефанија Несторовска.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар