Разговор со Стефанија Несторовска: Здравата исхрана може да биде вкусна и лесна за подготовка

Разговор со Стефанија Несторовска: Здравата исхрана може да биде вкусна и лесна за подготовка

Стефанија Несторовска е млада девојка којашто е најмногу позната по својот профил на Инстаграм. Таа редовно споделува вкусни и здрави рецепти, што изгледаат едноставно неверојатно, докажувајќи ни дека не треба многу труд и време за да се исхрануваме добро. Инспирирани од нејзините фотографии, направивме краток разговор со неа и ја прашавме како изгледаат нејзините денови, како се инспирира за рецептите и како успева да ги најде сите потребни состојки. Исто така, таа го сподели и нејзините омилен рецепт со кафе! Прочитајте ги нејзините размислувања во продолжение и инспирирајте се од прекрасните фотографии…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Stefanija Nestorovska (@snestorovskaa) on

1. Од каде ти доаѓа инспирацијата за рецептите што ги подготвуваш?

Инспирацијата најчесто ја црпам од други профили на Инстаграм, од сезонски производи, од книги за рецепти, како и од храна што секојдневно ја гледам во ресторани, продавници и супермаркети. Најголема инспирација ми се секогаш десертите и оброците што постојано сум ги консумирала, а сакам да ги претворам во малку поздрава верзија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Stefanija Nestorovska (@snestorovskaa) on

2. Забележавме дека се трудиш да водиш здрав живот, со здрава исхрана и физичка активност. Како изгледа еден типичен ден во твојот живот и како се мотивираш да го одржуваш тој распоред?

Во текот на работната недела имам создадено рутина што трае веќе подолго време и ми одговара најдобро според работните обврски. Во 6:45 сум веќе будна и првата работа што ја правам секое сабајле (секако после сите хигиенски ритуали) е пиење голема чаша млака вода со пола исцеден лимон. Овој пијалак има неверојатни здравствени придобивки, особено за хидратација на телото и природна детоксикација. Ја подобрува и дигестијата во текот на целиот ден.

Потоа следат сите оние работни обврски кои траат до 16:00, а со оглед на тоа што работата ми е седечка и пред компјутер, тренинзите веднаш после работа најдобро ми одговараат. Ова е тој еден час што целосно си го посветувам на себе, и да бидам искрена му се радувам цел ден.

После тренинг на дневен ред доаѓа моето „post workout“ попладневно кафе со малку бадемово млеко, колаген и многу мраз. Сето тоа е блендирано за да добие пена и е еден од моите поомилени пијалаци.

Откако ќе го испијам кафето, ми следува малку одмор, па вечера, можеби некоја прошетка или дружба и во 22:30 сум веќе спремна за легнување. Сонот е една од најважните работи за добро функционирање во текот на денот и затоа сум многу принципиелна во врска со спиењето. За викенди си дозволувам распоредот да ми биде малку порелаксиран и без однапред определен план.

Според мене дисциплината е најглавниот фактор во исполнувањето на обврските. Сметам дека мотивацијата може да биде нешто што функционира на краткорочен план, меѓутоа кога ќе создадеме дисциплина и ред за како ќе се одвива денот, тогаш е многу полесно.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Stefanija Nestorovska (@snestorovskaa) on

3. Постојат многу луѓе во Македонија што сакаат да се исхрануваат здраво, но тврдат дека немаат доволно време, пари, трпение или избор на производи. Каков совет би им дала за да ги надминат овие потешкотии?

Точно е дека здравата исхрана може да биде многу поскапа и не е толку достапна, меѓутоа не мора да биде толку комплицирано. Среќни сме што живееме во земја каде што постојано имаме толку многу свежи, сезонски и превкусни овошја и зеленчуци, а најчесто тоа е и повеќе од доволно. Всушност и нашата традиционална кујна е на некој начин здрава. Грав, ајвар, сарми, манџи… Изборот е толку голем што не мора ни да следиме некои „светски трендови“ за да бидеме здрави.

Сè останато е само плус што можеме да го направиме за себе доколку имаме желба и време. Сите водиме различен начин на живот и сите имаме различни приоритети. Она време што јас имам да го одвојам за вежбање, готвење и слично го немаат сите, па затоа најважно е секој да си ги прилагоди тие активности според сопствениот распоред. Една салата не нè прави поздрави колку што еден хамбургер не нè прави нездрави. Па, како што кажав и погоре ДИСЦИПЛИНАТА, распоредувањето на приоритетите и преземањето мали чекори се супер формула за почеток.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Stefanija Nestorovska (@snestorovskaa) on

4. Ако треба да избереш само еден десерт што би го јадела до крајот на твојот живот, кој би бил тој? Исто така, која чинија ти е омилена за главен оброк?

За десерт, би ги избрала енергетските бомбици само поради тоа што со нив можат да се направат толку многу комбинации на вкусови што никогаш не би ми здосадиле. Што се однесува до главниот оброк – дефинитивно лосос со печен зеленчук.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Stefanija Nestorovska (@snestorovskaa) on

5. Дали сакаш повеќе да готвиш за себе или за најблиските? Исто така, дали сакаш да викаш гости за кои подготвуваш специјална вечера? Ако да, што најчесто се наоѓа на менито на овие собири?

Хм… Сакам да готвам за себе бидејќи е многу полесно, порелаксирано и секогаш има простор за експериментирање без притисок дека можеби на некого нема да му се допаѓа. Кога готвам за други тогаш притисокот е многу поголем, па секогаш одам со веќе пробана варијанта и секогаш го имам оној мини стрес за дали ќе ги исполнам очекувањата.

Најчесто храната којашто ја подготвувам дома ја носам на „тест“ кај најблиските, па така можам да добијам реална претстава за тоа што сум го подготвила пред да им го сервирам на други, да го објавам или да го препорачам.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Stefanija Nestorovska (@snestorovskaa) on

6. И за крај, дали би сакала да го споделиш твојот омилен рецепт со кафе?

Нема подобра комбинација од кафе со колачиња, па затоа еве еден рецепт што е дефинитивно еден од моите поомилени, особено како десерт за со попладневното кафе.

Колачиња со кокос и бадеми
Потребни состојки:
  • 100 грама сув кокос
  • 75 грама мелени бадеми
  • 1 јајце
  • 4 лажици кокосово масло (на собна температура)
  • 4 лажици мед или јаворов сируп
  • 1 лажичка цимет
  • Малку зачин од морско оревче
  • Малку ѓумбир во прав
Начин на подготовка:

Во голем и длабок сад додајте ги сите состојки и со рачен миксер матете сè додека не се соедини смесата. Очекувајте смесата да биде малку леплива. Покријте го садот со фолија и оставете го во фрижидер да зацврсти околу 15-20 минути. Од добиената смеса направете топчиња со иста големина и притиснете ги одозгора за да добиете рамна површина. Печете 12 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Колачињата ќе бидат многу меки кога ќе ги извадите од рерната, па оставете ги да се оладат и да се зацврстат. Прелијте стопено топло чоколадо, по ваша желба, за декорација и вкус.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Stefanija Nestorovska (@snestorovskaa) on

Авантури, забава и незаборавни спомени: Прошетајте низ светот со блогерката Софија Јанева.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар