Недостатокот од сон полека ве убива

Недостатокот од сон полека ве убива

Ако внимателно размислите, постои едно навистина едноставно нешто што може да ве направи посреќни, да го подобри вашиот перформанс и да ви ги подобри фокусот и вниманието. Уште подобро е што ова нешто е целосно во ваша контрола. Станува збор за спиењето. Ако спиете доволно секоја вечер ќе го подобрите вашето здравје, ќе го намалите стресот и ќе ги подобрите меморијата и вештините за учење.

Недостатокот од сон може полека да ве убие

Епидемијата недостаток од спиење

Проблемот со спиењето е толку сериозен што Светската здравствена организација го опишала како „епидемија на недостаток од спиење“. Две третини од возрасните во развиените држави не ги добиваат потребните 8 часа сон. Едноставно кажано, оние кои можат да спијат навечер, не спијат доволно.

Во САД 35% од возрасните не спијат по 8 часа навечер. Во Канада бројот е 30%, а во Велика Британија 37%. Во Јапонија просечното време за спиење е 6 часа и 22 минути.

Недоволното спиење е јавен здравствен проблем и ја чини глобалната економија милијарди во изгубена продуктивност секоја година. Националната фондација за спиење од Америка направила анкета оваа година која покажала дека само 10% од испитаниците му давале приоритет на спиењето. Вежбањето, здравата исхрана и работата биле многу поважни.

Па со нашите зафатени животи, дали навистина сме ги заборавиле придобивките од спиењето?

Негативни последици од недостаток од спиење

Недостатокот од спиење има многу негативни ефекти на физичкото и менталното здравје:

  • Повеќе стрес
  • Висок крвен притисок
  • Побавно време на реакција
  • Намалување на фокусот и вниманието
  • Намалено либидо
  • Склоност кон гнев и тага
  • Намалена креативност и ментална истрошеност
  • Намалена способност за расудување
  • Слабеење на имунитетот
  • Заборавање
  • Лесно одвлекување на вниманието
  • Поголем ризик од срцеви заболувања и мозочен удар
  • Поголем ризик од дијабетес
  • Дебелеење

Придобивки од спиењето

Ако забавите и го направите спиењето ваш приоритет, ќе почувствувате многу придобивки.

1. Ќе бидете посреќни

Ако не спиете доволно, можете да си го уништите целиот ден. Изморената личност не е среќна личност. Брзо ќе донесувате одлуки и ќе чувствувате многу повеќе стрес. Ќе знаете дека сте добро одморени кога ќе станете од креветот без проблем и ќе преземете контрола над денот. Квалитетниот сон има големо влијание на вашата среќа. Ќе се зголеми вашата мотивација и ќе бидете покреативни. Ќе се чувствувате позитивно, а проблемите нема да ви изгледаат толку големи. Едноставно, ќе се чувствувате пооптимистички кон нештата.

2. Ќе ви се подобри вниманието

Мозокот работи многу подобро по квалитетен сон. Можете подолго да го задржите вниманието кон нешто, а вашиот фокус ќе се изостри. Секој кој се соочил со продолжен недостаток од сон знае колку е тешко целосно да се концентрира. Кога умот не е одморен, почнува да забавува и брзо ви се одвлекува вниманието. Можете да имате потешкотии со решавање на дури и полесните проблеми.

3. Ќе ви се подобри меморијата

Кога спиеме мозокот ги процесира нештата што сме ги искусиле во текот на денот. Се спојуваат делови знаење, а ова ја зголемува продуктивноста наредниот ден. Имате ли забележано дека некогаш кога ќе си легнете со прашање, следниот ден го имате одговорот? Преспивањето навистина ви помага да дојдете до решение.

4. Ќе имате подобар секс

Без разлика колку ви е силно либидото, недостатокот од сон ќе има влијание на вашиот перформанс во спалната соба. Спиењето го зголемува нивото на тестостерон и ја зголемува желбата за секс и кај мажите и кај жените. Ако не спиете доволно и ако постојано сте изморени, ова може да води до нездрава врска.

5. Поттикнува создавање мускулно ткиво

Има причина зошто атлетичарите обрнуваат многу внимание на спиењето. Ако не спиете правилно, не можете да изградите мускулна маса. Во текот на спиењето телото ги лекува оштетените клетки и ткива. Хормоните кои се лачат во текот на спиењето имаат голема улога во репродукцијата и регенерацијата на клетките.

6. Позитивно влијание на телесната тежина

Не само што ќе имате повеќе енергија, по квалитетниот сон вашето тело ќе согорува повеќе калории. Ако не спиете доволно навечер предизвикувате хормонална нерамнотежа која го буди чувството на глад многу почесто. Ако не спиете доволно, поголема е веројатноста да чувствувате глад. Поголема е веројатноста да консумирате нездрава храна бидејќи на телото му е потребна повеќе енергија, а ова води до дебелеење.

7. Намалување на стресот

Стресот може да има емоционално, физичко и психичко влијание. Високото ниво на стрес може да го отежне спиењето. Кога сте изморени трпението ви е помало и полесно се фрустрирате. Ова може да го зголеми крвниот притисок и да има влијание на нивото на холестерол.

8. Поздрава кожа

Неквалитетниот сон е поврзан со хроничните нарушувања на кожата. Кога не спиете доволно телото лачи повеќе од хормонот кортизол. Високото ниво на кортизол го зголемува стресот, но може да предизвика и воспаление во телото кое пак има влијание на квалитетот на кожата. Може да настане распаѓање на колагенот и хијалуронската киселина, молекулите коишто ѝ даваат сјај на кожата. Покрај тоа, недостатокот од сон може да го забрза и процесот на стареење.

9. Зајакнување на имунитетот

Недостатокот од сон може да има сериозно влијание на вашиот имунитет и да ве направи поранливи на инфекции. Имунитетот е одговорен за борбата против бактериите и вирусите. Кога сте уморни, организмот не може ефективно да се одбрани.

10. Помалку несреќи

Кога сте уморни имате помалку енергија, па и менталните способности се намалени. Ова ве прави посклони кон несреќи и повреди бидејќи ви е одвлечено вниманието. Кога не спиете доволно се намалува вашето време на реакција како и способноста за фокусирање. Според едно истражување, ако испуштите само 1 или 2 часа сон двојно ги зголемувате шансите за сообраќајна несреќа.

11. Ќе станете попродуктивни

Во 2016-та година, според еден извештај, недостатокот од сон ја чинел економијата на САД околу 400 милијарди евра и над 1 милион изгубени работни денови. Причината е заспивање, доцнење или целосно губење на работниот ден поради болест. Кога не спиете доволно не можете да се фокусирате, потешко слушате и тешко ви е да примате нови информации. Со сето ова значително ви се намалува продуктивноста. Кога сте наспани полесно ви е да го задржите вниманието на подолг период и полесно донесувате ефективни одлуки.

12. Се намалува ризикот од дијабетес

Недостатокот од сон може да го зголеми ризикот од појава на дијабетес, особено кај луѓето кои работат подолго. Кога сте уморни јадете повеќе бидејќи ви е потребна повеќе енергија. Наместо да одберете здрав оброк, најчесто посегате по храна со многу шеќер. Дијабетесот настанува кога телото не може да произведе доволно инсулин. Недостатокот од спиење може да предизвика отпорност на инсулин, што значи на телото му е потешко да го преработи шеќерот.

Направете го спиењето приоритет

Квалитетниот сон е клучен за добро ментално, физичко и психичко здравје. Го зајакнува имунитетот, метаболизмот, меморијата и другите витални функции. Со самото тоа што ќе спиете 8 часа секоја вечер, можете навистина да го промените вашиот живот на подобро.

Погледнете и кои се најопасните последици од лошите навики за спиење.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар