Најпознатите неромантични теории за љубовта

Најпознатите неромантични теории за љубовта

Зошто само одредени луѓе толку многу нѐ привелкуваат, додека пак останатите немаат таков ефект врз нас? Што е тоа што прави да се заљубиме и да останеме заљубени во некоја личност? Поетите постојано ги опишуваат овие чувства преку прекрасни сонети, музичарите пробуваат да ја доловат нивната срцевина преку песни и многу други луѓе секојдневно наоѓаат некаков вид на инспирација од љубовта во нивните животи… Веќе отприлика знаеме како функционира „законот на привлекувањето“ но што велат психолозите на оваа тема?

Најпознатите неромантични теории за љубовта

Социјалната психологија и психологијата на личност имаат малку поинаков пристап при објаснување на овие чувства. Психолозите ја „расклопуваат“ љубовта до наједноставните облици, бои и равенки. И покрај тоа што овие теории прават љубовта да изгледа како нешто банално и невозбудливо, тие сепак укажуваат на една нејзина нова и елегантна страна.

1. Љубовниот триаголник

Според триагоналната теорија на љубовта од Роберт Стернберг (2004), таа се содржи од три компоненти: интимност (емоционална блискост), страст (сексуална и романтична привлечност) и посветеност. Идеалната форма на љубов според Стернберг ги содржи трите компоненти, но таа воопшто не е лесна за одржување бидејќи страста со тек на време избледува. Покрај оваа „совршена“ комбинација, тој објаснува уште 6 видови на љубов кои можат да се сретнат во секојдневниот живот.

  • Допаѓањето се состои само од интимност.
  • Романтичната љубов се состои од интимност и страст, но нема посветеност и најчесто се појавува кај тинејџерите и младите возрасни.
  • Пријателската љубов содржи интимност и посветеност, но е без страст и најчесто се појавува помеѓу многу блиски пријатели или во долгогодишните бракови.
  • Заслепената љубов се состои само од страст и најчесто се појавува во почетокот на врската.
  • Празната љубов се состои само од посветеност, без интимност и страст. Таа скоро секогаш се појавува при договорените бракови, но со тек на време може да прерасне во некоја друга форма на љубов.
  • Несериозната љубов содржи страст и посветеност, но ѝ недостига секаков вид интимност.

Најпознатите неромантични теории за љубовта

2. Боите на љубовта

Џон Ли (1973) идентификувал 6 видови на љубов и ги нарекол боите на љубовта, кои секако немаат никаква поврзаност со вистинските бои.

  • Ерос се карактеризира со идеализирање на својот партнер и со силни романтични чувства.
  • Лудус се карактеризира со потреба за возбуда и гледање на љубовта како игра. Истражувањата покажуваат дека мажите во поголем број го поседуваат овој вид на љубов отколку жените.
  • Сторж се одликува со стабилност и пријателство и е многу слично со Стернберговата пријателска љубов.
  • Прагма се карактеризира со практични размислувања, како на пример барање на одредени карактеристики и навики кај партнерот. Сторж и Прагма почесто се појавуваат кај жените.
  • Маниа содржи опсесија, љубомора и екстремни подеми и падови во чувствата и врската.
  • Агапе се однесува на несебичната и безусловната сочуствителност. Доколку сакате да го дознаете својот стил на љубов од тркалото во боја, решете го овој краток онлајн тест.

Најпознатите неромантични теории за љубовта

3. Ефектот на блиска изложеност

Оваа теорија е можеби најнеромантичната од сите психолошки теории за љубовта. Овој ефект за прв пат бил забележан од Роберт Зајонц (1968) и се однесува на тенденцијата да преферираме работи кои се слични на нас, односно повеќе да ги сакаме оние нешта и луѓе на кои сме најчесто изложени. Ефектот на блиска изложеност најдобро ја објаснува и идејата дека една од главните детерминанти на интерпесоналната привлечност е физичката близина. Во една многу позната серија на студии спроведена од Леон Фестингер и останатите (1950), се покажало дека развојот на пријателството во комплекс од апартмани е поврзан со оддалеченоста на самите апартмани. Соседите кои живееле поблиску станувале подобри пријатели, за разлика од оние со кои се сретнувале само на скали или на влезот во зградата. Но, сепак постои и некој степен на случајност и среќа во врските кои ги формираме во текот на годините. И кога сме веќе на оваа тема, што мислите, дали ќе ги имавте истите пријателски и љубовни врски доколку се запишавте во друг клас во средно училиште или пак, ако одбравте друга насока на факултет?

Најпознатите неромантични теории за љубовта

4. Клонираната привлечност

Дали спротивностите се привлекуваат или пак птиците со исти пердуви се оние кои завршуваат заедно? Истражувањата покажале дека втората теорија почесто се сретнува во пракса. Луѓето повеќе ги привлекуваат оние кои се многу слични на нив, започнувајќи од карактерот, религиозноста, па сѐ до физичкиот изглед. И паровите кои се послични според овие категории, најчесто се и посреќни во врската. Една неофицијална студија, која ги истражувала врските на славните личности покажала интересни резултати кои ја поддржуваат оваа теорија. Тоа истражување можете и вие во било кое време да го повторите. Пронајдете ја љубовната историја на вашите омилени славни личности и пробајте да забележите дали нивните најдолги врски биле со личност слична на нив или пак со некоја сосема различна.

Најпознатите неромантични теории за љубовта

5. Равенката на посветеноста

Колку сте посветени вие на вашиот/вашата партнер/ка? Истражувањата покажуваат дека посветеноста најчесто зависи од 3 фактори:

  • Колку се инвестирате себеси во вашата врска?
  • Колку добивате од вашата врската?
  • Дали имате привлечни алтернативи надвор од врската?

Керил Расбалт го создала моделот на инвестирањето така што го истражувала патот по кој се движеле врските на студенти од колеџ. Според статистичките анализи, наредниве неколку варијабли се појавиле како најсилните уникатни предикции за посветеноста:

Посветеност = инвестирање + (добивки – губитоци) – атрактивни алтернативи

Моделот на инвестирањето е од голема помош при објаснување на најголемиот љубовен проблем – зашто луѓето одлучуваат да останат во врска во која се несреќни? Тие можеби се спречени од децата, финансиската зависност или пак едноставно немаат доволна екстерна социјална поддршка. Исто така оваа равенка може да објасни и зошто оние кои имаат голем број на атрактивни алтернативи имаат проблем со одржувањето на посветеноста кон само еден партнер.

Најпознатите неромантични теории за љубовта

И покрај тоа што само една теорија не може целосно да го долови ова комплексно доживување, научните студии за љубовта немаат намера да ја намалат нејзината „магија.“ Нивната цел е да ни помогнат да сакаме помудро и да имаме поголемо почитување и разбирање кон социјалните, биолошките и културните сили кои ги обликуваат одлуките кои секојдневно ги донесуваме.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар