Најчестите грешки на интервју за работа

Најчестите грешки на интервју за работа

Интервјуата за работа се навистина стресни. Испрашувањето за животот, претходното работно искуство, способностите и доблестите  за многумина претставува напната ситуација, особено кога за истата позиција се пријавени стотици лица со слични квалификации. За да се покажете во вистинско светло потребно е однапред да се ослободите од потенцијалните препреки. За таа цел ние ви ги претставуваме четирите најчести грешки кои можат да го уништат вашето интервју за работа.Најчестите грешки на интервју за работа

Трема

Дали сте се нашле во ситуација кога јазикот ви е побрз од умот, па кажувате нешто што на крајот излегува поинаку од она што сте го мислеле? Тремата и напнатоста во ваквите ситуации може многу да ви наштети. За да ги избегнете смешните одговори, пробајте да импровизирате неколку интервјуа со вашите домашни или со пријателите. На тој начин ќе си ги изострите вашите комуникациски способности и ќе добиете поголема самодоверба. Ќе се чувствувате спремни и сигурни, а на интервјуто ќе имате далеку помала трема.

Гледање само на својот интерес

Најлошото нешто што можете да го сторите на интервјуто за работа е вие да го испрашувате работодавецот кои ќе бидат вашите бенефиции доколку се вработите таму. Прашањата за плата, слободни денови, користење службена опрема и возило оставете ги за малку покасно. Така вие ќе создадете слика на чесен работник кој сака да придонесе за градење на фирмата. Наместо тоа подобро е пред интервјуто убаво да проучите со што точно се занимава фирмата за да бидете целосно упатени во нивните тековни активности.

Непристојна облека

Многу психолози тврдат дека првиот разговор за работа е најважен, а облеката која ја носите тогаш може да каже многу за вас. Колку и да ви се чини дека работодавецот е лежерен и дека не му е битно што носите, ваша задача е да се дотерате најпристојно што можете. Тоа значи дека во комбинација влегува сако, костум, здолниште и кошула. Избегнувајте спортски комбинации, деколте и провокативни парчиња, бидејќи тие можат да остават многу погрешна слика за вас.

Невистини во вашето CV

Доколку сметате дека вашето CV делува сиромашно и сметате дека треба да додадете уште некој странски јазик, плус некоја година работно искуство или пак уште еден факултет или можеби магистерски труд, тогаш подобро да не го сторите тоа.  Дури и најситната промена на вистината може да биде лесно проверена, а вие фатени во лага. Наместо да ризикувате, спремете се подобро за да ги истакнете вашите вистински квалитети.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран новинар со широк спектар на интереси. Љубител на ТВ серии, фудбал и Цедевита. Статистичар по природа и страстен фан на Јувентус и Роџер Федерер.

Поврзани содржини

Остави коментар