Модни совети од блогерката Теона Манго: Препознатливоста лежи во стилот, а не во трендот!

Теона Манго е авторка на инспиративниот блог Teona’s Wanderlust и добро познатиот Инстаграм профил teonamango. Таа создава оаза и катче за уживање за љубителите на креативни, поучни и искрени приказни. Единствениот и препознатлив стил на фотографии и текстови, се најавтентичниот украс на блогот и на Инстаграм профилот на оваа битолчанка која студира на престижниот Queen Mary University во Лондон, веќе 3-та година, и успешно соработува со познати светски брендови преку блогирањето. Нејзиниот блог во два наврати беше и интернационално наградуван. Таа е едноставна и скромна, но за блогот ќе рече, дека со него, ја започна една од најубавите авантури во животот. Прочитајте го нашиот разговор со Теона и инспирирајте се од нејзините одлични модни комбинации.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Teona Mango (@teonamango) on

1. Како ти дојде идејата да започнеш моден профил на Инстаграм? Колку време ти е потребно да подготвиш една објава и кои хаштагови се според тебе најдобри за модните блогерки?

Мојот Инстаграм профил датира од почетоците на оваа брзорастечка социјална мрежа. Но, пред 3 години, од приватен профил кој го следеа само моите пријатели, го претворив во јавен и почнав сериозно да го развивам. Инстаграм никогаш не го третирав како резервирано поле за селфиња, фотографии од мојот оброк или место за објавување на новите чевли. Тој е сериозна платформа која е одличен полигон за блогерите што можат да креираат и да покажат визуелен идентитет, да се поврзат со други блогери и да создадат квалитетна заедница на следбеници кои ќе го сакаат она што го работите.

За да бидете добри тука, треба да знаете дека секоја објава е комплицирана задача, ако мислите да ја сработите како што треба. Во само една објава, професионалниот блогер опфаќа голем број теми, од брендирање и визуелен идентитет, до оптимизација на профилот, за сè да изгледа совршено. Не смее да се заборави дека Инстаграм е визуелна социјална мрежа. На него не привлекувате публика со текстови, туку со фотографии. Оттука и сериозниот пристап кон секоја фотографија, која понекогаш може да се случи спонтано брзо, но друг пат, ќе бидат потребни часови и многу неуспешни обиди за да се стигне до посакуваниот резултат.

Хаштаговите се супер начин за генерирање нови следбеници. На пример, јас најчесто ги користам #ootd, #styleinspo и #lookoftheday. Сепак, имајте на ум дека Инстаграм е едноставна социјална мрежа и не е голем проблем да се соберат многу следбеници. Проблемот настанува кога сакате да ги заинтересирате вашите следбеници да кликнат на линкот во „био“ и да останат на вашиот блог доволно долго за да видат што работите, и потоа да посакаат да се вратат назад и следниот ден, барајќи свежа содржина. Затоа сум тука активна секојдневно. И не велам дека е лесно или тешко, само ќе кажам дека ниту во еден случај не е невозможно да се успее.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Teona Mango (@teonamango) on

2. Која е твојата најголема модна инспирација? И кои се твоите омилени дизајнери и брендови?

За мене, модна икона на 20-от век, но и на денешницата е Одри Хепберн. Дури и во староста, таа воодушевуваше со својот стил. Опишувана како најубавата жена на сите времиња, незаменливата актерка ќе остане запаметена по следењето на своите визии, без воопшто да се грижи за туѓите мислења и критики. Таа создаде трендови за кои сме луди и ден-денес.

Вечните модни парчиња кои токму поради неа ги засакав се: балетанките, балонерот, малиот црн фустан, костимот шиен по мерка, пантолоните со висок струк, бисерното ланче, здолништето во полн круг, капри панталоните, шапките, кошулите и белите маици со копчиња, сончевите очила и црвениот кармин. Не е ни чудо што во 2000-та година и еден вид лале го доби нејзиното име. Да ги имате во свое време Мерлин Монро и Џејн Мејнсфилд, и светот да ја слави актерката која никогаш провокативно не се облекувала е голема работа, особено затоа што во таа доба провокативниот стил бил типичен. И покрај сè, Мерлин беше и остана отмена, едноставна и елегантна.

Денес, во времето на Интернетот и глобализацијата на модата и стилот, лесно е да се инспирирате и да го еволуирате својот стил. Јас лично во фокус ги имам модните библии – списанијата, една низа блогерки кои се извонредно освестени во однос на прашањето на рафиниран и индивидуален стил, и сум страстен набљудувач на сопственото естетско опкружување во кое би ја сместила мојата мајка и неколку пријателки со исклучително префинет стил. Исто така, живеам во Лондон, кој е моден епицентар, и тоа влијание е неодминливо…

Моите омилени дизајнери се Стела Мекартни, Доменико Долче, Стефано Габана и Ив Сент Лорен, а омилени модни куќи ми се Валентино, Диор и Гучи.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Teona Mango (@teonamango) on

3. Како би го опишала својот стил и во која модна комбинација се чувствуваш најудобно? Исто така, дали постојат некои модни трендови со кои во моментов си опседната?

Мојот стил сè уште го нарекувам „работа во процес“, затоа што сум млада и сè уште се пронаоѓам себеси. Но, сметам дека сум на добар пат и за брзо ќе можам да кажам: „Да, ова е мојот личен стил“.

Од друга страна пак, немам обичај слепо да следам модни трендови, но моменталниот тренд што ми се допаѓа е ставањето акцент на удобноста и комбинирањето на не толку кежуал комбинации со патики.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Teona Mango (@teonamango) on

4. Без кои парчиња облека од твојот шкаф едноставно не би можела да живееш? Од друга страна пак, без што никогаш не би излегла од својот дом и што секогаш се наоѓа во твојата чанта?

Не би можела да живеам без кожна јакна и добар пар џинс, бидејќи овие две работи никогаш не излегуваат од мода, а и за мене најлесно се комбинираат и одговараат со буквално сè. Никогаш не излегувам од мојот дом без пар очила за сонце, макар и времето да не е толку сончево. А во мојата чанта секогаш се наоѓа книга, за додека се возам во автомобил или чекам некого да имам занимација.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Teona Mango (@teonamango) on

5. Трендовите постојано доаѓаат и си одат, но повеќето од нив биле најмоќни кога прв пат се појавиле. Па, ако можеш да одбираш, во која модна декада би сакала да живееш и зошто?

Би сакала да живеам во 70-те од минатиот век, ера во која не се пишуваа модни правила. Тоа беше декадата на модниот индивидуализам. Една еклектичка ера, декада на модна и општествена либерализација која одлично ја одразувала славната поговорка на Луј ХIV: „Модата е огледало на историјата“.

Доста истражував за овој период, и често разговарав со моите баба и дедо за нивната младост. Навистина, тоа било време на прогресивни политички идеи, студентски демонстрации, борби за изедначување на правата на жените… и сите овие нешта се исцртувале во модниот израз, па затоа и Том Вулф, во својот есеј за магазинот Њујорк, ќе ја нарече декадата „Јас“. Тоа е време кое го зашара Енди Ворхол и неговата уметничка критика на американските консумеризам, декаденција и хедонизам, добата на Студио 54, Треската на саботната вечер, Арт деко, Led Zeppelin, The Doors, Pink Floyde, диско кичот, книгите на Бети Фридан, како и панкот и отпорот кон режимите во втората половина на таа декада.

Ако 60-тите беа заедништво и хипи пароли за мир и љубов, во мојата омилена декада, заменети се со изразена индивидуализација, која буквално ја преврте модата во чист антикомформизам и тежнеење кон целосно слободно изразување на личноста преку облеката. Фасцинантно!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Teona Mango (@teonamango) on

6. И за крај, каков совет би им дала на младите девојки во Македонија коишто се обидуваат да ги следат најновите модни трендови? На што тие треба да внимаваат кога одат на шопинг и кога го планираат својот аутфит?

За мене следењето трендови отсекогаш претставувало знак на несигурност. Трендовите се наменети за луѓето кои немаат храброст да се издвојат од масата, па го носат тоа што го носи модниот пример што го следат или она што е изложено по излозите како најнов моден предмет. Препознатливоста лежи во стилот, а не во трендот. Мој совет е да го носите она што вам ви се допаѓа, она што вам најмногу ви прилега и во што вие најдобро се чувствувате, без разлика дали е во тренд или не.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Teona Mango (@teonamango) on

Ако ви се допадна ова интервју, тогаш прочитајте го и нашиот разговор со инстаграмџиката Стефанија Несторовска за здравата исхрана.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар