Кои се здравствените придобивки од грозјето?

Грозјето е една од највкусните и најхранливите намирници. Можете да го консумирате свежо или сушено, а популарни се и продуктите добиени од него како вино, сок, џем, оцет и масло од семки од грозје.

Кои се здравствените придобивки од грозјето?

Грозјето најчесто се одгледува за производство на вино (околу 70%), а помал дел се користи за исхрана во свеж и сув облик. Постојат разни видови грозје кои се разликуваат по боја и нивните хранливи материи.

Хранливи вредности на грозјето

Во зависност од видот, грозјето содржи повеќе или помалку фитонутриенти, што го прават навистина лековито. Во фитонутриентите спаѓаат феноли, полифеноли, резвератрол и каротиноиди. Фитонутриентите имаат голем број лековити својства, а најчесто настануваат во сложениот метаболизам во билките. Луѓето чија храна е заснована на растителни производи, имаат многу придобивки од оваа материја.

Грозјето е и богат извор на витамините Ц, Б комплекс и К, како и на бакар. Истовремено, тоа содржи хранливи влакна кои го одржуваат здравјето на дигестивниот систем.

Најголемата концентрација на минерали, витамини и други хранливи материи се наоѓа во лушпата и семките на грозјето. Најголем ефект врз здравјето има консумирањето на екстракти од семки од грозје. Средниот дел од грозјето пак, не содржи повеќе од 6% антиоксиданси.

Антиоксиданси

Најголемиот дел од полифенолите во грозјето се флавоноиди за кои е познато дека создаваат силна антиоксидансна активност кај луѓето. Антиоксидансите ефикасно го намалуваат штетното дејство на слободните радикали кои настануваат при оксидативен стрес. Слободните радикали ги „крадат“ електроните на другите соединенија во клетките, со тоа нарушувајќи ја нивната структура и функција.

Други материи со антиоксидансна активност во грозјето се витамин Ц, манган, бета каротин, лутеин, ликопен и резвератрол.

Влијание на грозјето врз кардиоваскуларниот систем

Постојат неколку причини зошто грозјето е добро за вашето срце и крвни садови. Благодарение на високото количество калиум, тоа може да го намали високиот крвен притисок. Зголемениот внес на калиум ги елиминира натриумот и водата кои го намалуваат циркулаторниот волумен, па тоа влијае на намалување на крвниот притисок. Намалениот внес на калиум е поврзан со ризик од хипертензија, срцеви болести, а понекогаш и инфаркт.

Друга придобивка од грозјето е намалување на апсорпцијата на холестеролот од храната. Покажано е дека медитеранската исхрана која е богата со резвератрол, состојка на грозјето, ефикасно го намалува холестеролот.

Регулирање на нивото на шеќер во крвта

Во една порција грозје има околу 20 грама прости јаглехидрати, нешто што може да ги загрижи луѓето кои имаат проблеми со регулација на нивото на гликоза во крвта. Сепак, покажано е дека грозјето има низок гликемичен индекс. Оваа ниска вредност значи дека нивото на гликоза во крвта постепено се зголемува, што овозможува добра регулација на неговата концентрација. Покрај тоа, покажано е дека грозјето содржи соединенија што го намалуваат нивото на шеќер во крвта.

За резвератролот е докажано дека ја зголемува употребата на гликозата, со тоа намалувајќи ја инсулинската отпорност.

Покрај набројаните здравствени придобивки, грозјето ги подобрува меморијата, вниманието и расположението, го чува организмот од бактериски, вирусни и габични инфекции и може да го забави стареењето.

Погледнете и кои се најздравите прехранбени продукти на планетата.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар