Како успешно да балансирате помеѓу професионалниот и приватниот живот?

Сите ние мислиме дека со годините полесно ќе можеме да најдеме начин како совршено да балансираме помеѓу кариерата и своите пријатели, семејството, здравјето, хобијата и останатите нешта кои ни причинуваат задоволство во животот. Но, понекогаш работите не се одвиваат во онаа насока кон која ние би сакале.

Како успешно да балансирате помеѓу професионалниот и приватниот живот?

И покрај тоа што поимот „рамнотежа“ делува безопасно, сепак низа експерти тврдат дека тежнеењето кон овој совршен баланс меѓу професионалниот и приватниот живот чини повеќе зло отколку добро. Постојат неколку нови истражувања кои ни покажуваат дека токму одбивањето на потрагата по рамнотежа и прифаќањето на несовршеноста може да ни го промени животот.

1. Не постои совршенство – Прифатете го овој факт и засакајте го. Без разлика колку се трудите да го најдете идеалниот баланс помеѓу работата и приватниот живот, секогаш ќе има некој агол кој е запоставен. Доколку сте фокусирани на постојано поправање на овие ситници, вие ќе почнете да ги пропуштате и оние нешта за кои веќе сте нашле доволно време.

2. Страста и животот се испреплетени – Ако вашата работа ви причинува страст, тогаш таа веќе е идеално интегрирана во вашиот живот. Нема потреба да се обидувате да го намалите задоволството кое таа ви го причинува така што ќе одвојувате време за оние нешта во кои не уживате. Сосема е во ред понекогаш да бидете себични, доколку тоа води кон поисполнет живот.

3. Нерамнотежата може да доведе до голем успех – Вие сами го одбирате вашиот следен чекор, но кога постои рамнотежа, големиот успех често се пропушта, без разлика за кое поле од вашиот живот се работи. Вие мора да се фокусирате на она што моментално ви е најважно и не заборавајте дека е сосема во ред со тек на време приоритетите да ви се променат.

4. Нерамнотежата ќе ви даде и повеќе енергија – Ако треба да се фокусирате само на еден аспект од вашиот живот, конкретно во овој момент, вие ќе можете да дадете сè од себе за побрзо и поефикасно да ја завршите вашата цел. За сè во животот има време, ваше е само да направите добар план.

5. Ќе се фокусирате на сегашноста – Иднината си е иднина и реално тоа што ќе се случи надвор од овој момент е вон ваша контрола. Вие не можете да ги контролирате сите аспекти од вашиот живот. Тоа е исцрпувачка работа која најчесто завршува со неуспех на сите полиња. Но, ако се фокусирате на оние нешта кои моментално ви се важни, тогаш можете многу да постигнете.

6. Заборавете на пропуштените можности – Без разлика дали станува збор за професионални или приватни, доколку им дозволувате да ве влечат надолу вие никогаш нема да испливате на површината и да бидете успешни. Направете си план за секој дел од вашиот живот, и чекор по чекор, полека остварувајте ги сите точки на вашата листа. Без да гледате наназад.

Па, што мислите? Дали е време да го промениме нашето мислење за рамнотежата помеѓу овие клучни области од нашиот живот?

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар