Како да му помогнете на пријателот кој страда од депресија?

Како да му помогнете на пријателот кој страда од депресија?

Ширум светот, милиони страдаат од депресија. Но, само 35% од заболените бараат професионална помош. Овој факт е вистина и покрај тоа што третманот може да води до целосно закрепнување и значително подобрување на квалитетот на животот.

Како да му помогнете на пријателот кој страда од депресија?

Многу луѓе се збунети и анксиозни за тоа како да се справат со саканата личност која изгледа како да страда од депресија. Дали можете да познаете дека некој има депресија? И како треба да ѝ пријдете на таа личност? Што ако ви се налути кога ќе прашате? Иако е речиси невозможно да ја предвидите реакцијата, експертите советуваат дека секогаш е најдобро барем да се обидете.

„Луѓето кои извршуваат самоубиство се двоумат до самиот крај. Тие сакаат да ѝ стават крај на болката и ако има друго решение освен самоубиството, би го прифатиле. Секогаш има надеж“, изјавил Мет Онорато, лиценциран социјален работник.

„Ќе направите мал гест, ќе му кажете на некого дека сте овде за него и тоа може да спречи обид за самоубиство. Малите нешта навистина имаат големо влијание.“

Како да знаете дали некој страда од депресија?

Речиси секој се чувствува лошо и тажно во текот на животот. Разликата е тоа што кај депресијата лошите чувства не поминуваат и не се подобрува расположението по поминување време со пријатели или правење нешто што ви причинува задоволство.

„Луѓето со сериозна депресија ја чувствуваат тагата подолго (повеќе од две недели), а ова на некој начин им го попречува функционирањето во животот“, изјавила доктор Кетрин Бурнет.

Некои од познатите симптоми на депресија вклучуваат тага, губење интерес за хобија, слабеење или дебелеење, проблеми со спиењето или претерано спиење, како и проблеми со концентрација, замор и суицидни мисли или коментари. Генералната раздразливост е помалку познат и често пропуштен симптом.

Важно е да ги забележите и вербалните изјави за чувство на безвредност и празнина, како и физичките проблеми. Болката, заморот и главоболките можат да бидат предизвикани од депресијата. Ако забележите дека личноста не ги прави нештата што ги правела со задоволство и не може да се придвижи напред, можеби ситуацијата е сериозна.

Како да пристапите?

На многу луѓе им е страв да им пријдат на саканите и да разговараат за депресија и самоубиство. Можеби бидејќи не сакаат да ја навредат личноста, страв им е дека ќе ја направат ситуацијата премногу „реална“ или мислат дека ќе има караница. Секогаш кога станува збор за чувствителна тема, постои опасноста од одбрана или гнев. Секој реагира различно и на многу луѓе ќе им биде полесно откако ќе разговараат за нивните проблеми, особено ако им пристапите нежно и без судење. Ако личноста сепак не е среќна со вашиот пристап, внимателно одбирајте ги вашите зборови. Кажете нешто како: „Разбирам дека минуваш низ многу, но кога ми викаш и ме игнорираш се чувствувам тажно.“

Нема никаква гаранција дека еден разговор ќе резултира со акција. Понекогаш ако пријателот ве игнорира, доволно е само да му потврдите дека се грижите и дека сте овде за него доколку сака да разговара. Можеби нема веднаш да добиете одговор, но вашата грижа го отворила патот за идни разговори. Кога ќе иницирате разговор, внимателно покажете ја вашата загриженост. Дозволете му на пријателот да зборува повеќе. Обидете се да слушате пред да почнете да давате предлози за решенија. Кога слушате, му покажувате на пријателот дека навистина се грижите за него. Штом ќе заврши, поставете му прашања како овие:

  • Колку ти се влошува ситуацијата?
  • Дали се влошува повеќе отколку што ми кажуваш?
  • Дали си свесен/на дека чувствуваш многу вина или срам?

Овие прашања ќе ѝ помогнат на личноста да се отвори за нејзината депресија.

Работи што не треба да ги кажувате

Експертите се согласуваат дека најлошите нешта што можете да ѝ ги кажете на личноста е да преболи, да гледа на светлата страна на животот или да кажете како сте ја излечиле вашата тага со прошетки. Депресијата е болест што е систематична и многу лична и може да влијае на целото тело. Потребен е третман направен посебно за таа личност. Исто така немојте да му кажувате на пријателот дека не е толку лошо. Од ваша перспектива можеби навистина не изгледа толку лошо, но важно е да разберете дека тој води внатрешна битка и се чувствува ужасно.

Што да направите откако ќе прифати помош?

Штом ќе се најдете на иста страница, постојат неколку опции за третман во зависност од сериозноста на ситуацијата. Ако не е потребна итна професионална помош, разговарајте за третманите кои се најудобни за пријателот. Ова може да започне со посета на семејниот лекар, особено ако личноста не сака да оди кај терапевт. Обично повеќето прифаќаат прво да посетат општ лекар.

И општите лекари можат да ја дијагностицираат депресијата и да препишат лекови, а можат да се обратат и кај професионалци за ментални нарушувања. Друга предност на посетата на општ лекар е тоа што може да се отстрани можноста депресијата да е предизвикана од друга болест. Понекогаш ниското ниво на железо, анемијата и проблемите со тироидната жлезда можат да предизвикаат блага депресија.

Потребно е да станеме поотворени за разговор на тема депресија и самоубиство. Луѓето треба да знаат дека се разбрани и дека има помош. Потребно е да бидат свесни дека не се сами и дека никој нема да им суди.

Дознајте и кои работи ги прават луѓето кои ја маскираат нивната депресија.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар