Како да имате руса боја на коса без жолтило?

Бојадисувањето на косата дома, често завршува со непосакувана жолта боја наместо со руса или со платинеста боја. Ако ви се случило токму ова, не мора да се грижите затоа што постојат различни начини како да добиете руса боја на коса без жолта нијанса.

Како да имате руса боја на коса без жолтило?

Жолтилото најчесто настанува по бојадисувањето на тие коси што природно се потемни. Кај веќе светлата коса се препорачува бојадисување со боја која е за една или две нијанси посветла за да се избегне жолтата нијанса.

Во текстот подолу дознајте зошто доаѓа до жолти нијанси по бојадисувањето и со помош на кои производи можете да ја отстраните несаканата жолта боја, за да ја добиете посакуваната руса коса.

Зошто косата станува жолта по бојадисувањето?

Бојадисувањето на косата настанува со препарати за боење кои ја отстрануваат природната боја на косата за таа да стане посветла. Меѓутоа кај темната боја на коса (како црна или костенлива) многу е тешко да се отстрани топлиот пигмент кој се наоѓа во косата.

Со самото бојадисување косата ќе осветли, но тешко се отстранува тој топол пигмент, особено кога се внимава косата да не биде толку оштетена по целиот процес. Затоа не се препорачува дополнително бојадисување ако косата ви излегла жолта.

Постојат производи кои може да се се користат по бојадисувањето, а кои ја отстрануваат жолтата нијанса за да имате боја на коса каква што сакате. Се нанесуваат на косата по фарбањето на различен начин, во зависност од производот. Повеќе за тие производи дознајте понатаму во текстот.

Како да имате руса боја на коса без жолтило?

Средства кои ги отстрануваат жолтите тонови на косата

Средствата што се користат за отстранување на жолтите тонови од косата се хемикалии кои дејствуваат на различни начини за да ги отстранат топлите тонови. Во принцип, вашиот фризер треба да ги користи овие производи по бојадисувањето. Меѓутоа, ако вашата жолта коса е резултат на бојадисување дома, можете да ги купите овие производи и да ги примените сами за да ја поправите бојата.

Ако купувате тонер или специјален шампон внимавајте која боја ќе ја одберете.
Виолетовиот тонер или шампон се користи за отстранување на жолтата боја, додека синиот тонер или шампон се препорачува за отстранување на портокаловите нијанси на косата.

Тонер

Тонерот се користи по бојадисувањето за да се отстранат жолтите нијанси со помош на ладни тонови и да се добие руса или платинеста боја. Покрај отстранување на несаканите тонови, тонерот служи и за додавање сјај на косата. Може да биде траен или полутраен и трајноста му е од 3 до 8 недели во зависност од тоа колку често ја миете косата.

Тонерот може да го користите и дома, но треба да внимавате затоа што се работи за многу јако хемиско средство. Затоа е многу полесно да им се препуштите на стручните лица од фризерските салони.

Со тонерот треба да користите и едно пакување „развивач“ (девелопер) со волумен од 30-40%. Не користете појак затоа што може да ви ја оштети косата и да предизвика косопад. Пред употреба внимателно прочитајте го упатството.

  1. Треба во сад да ги измешате „развивачот“ и тонерот во сооднос 2:1.
  2. Смесата внимателно се нанесува на косата, исто како при бојадисување.
  3. По 30 минути од нанесувањето измијте ја косата со ладна вода и потоа нанесете од вашиот шампон и балсам за после миење.
  4. За ефектот од тонерот да трае подолго, се препорачува да користите шампон за обоена коса.

Како да имате руса боја на коса без жолтило?

Виолетов шампон

Виолетовиот шампон не е толку моќен како тонерот, бидејќи е наменет за секојдневна употреба, што го прави полесна опција. Овој шампон можете да го најдете во блиската аптека.

Се користи неколку пати неделно и го менува вашиот вообичаен шампон.
Пред миење, натопете ја косата со топла вода за да ги отворите кутикулите, нанесете виолетов шампон, нежно вмасирајте го во вашата коса и оставете го да дејствува 5-10 минути за најдобри резултати. Потоа исплакнете ја косата со ладна вода. Прочитајте ги и следете ги упатствата за користење на овој шампон.

За најдобар ефект се препорачува да се користи на секои две до три миења. Прекумерната употреба на виолетов шампон може да остави виолетова нијанса на вашата коса и дополнително да ја исуши.

Оцет

Една од поприродните методи, што понекогаш се препорачува, е да се користи јаболков оцет. За оваа смеса потребно е да се измешаат:

  • 2 лажички јаболков (или бел) оцет
  • 470 мл вода

Смесата се нанесува низ целата коса, од корените до врвовите и се остава да отстои 15 минути. Не се препорачува да се остава повеќе од 15 минути, бидејќи киселината во оцетот може да ја оштети косата.

По 15 минути исплакнете ја косата и нанесете балсам за после миење, како и обично. Ако ова не е доволно за да го отстраните мирисот на оцет од вашата коса, користете и шампон и балсам.

Некои, исто така, додаваат неколку капки виолетова боја за храна во оваа мешавина, за таа да помогне во отстранувањето на жолтите нијанси. Но, ако не сте сигурни во исходот, подобро ви е да се придржувате до докажаните методи.

Не знаете за која нијанса на руса коса да се одлучите? Еве еден врвен водич за блондинки со кој треба да појдете на фризер.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар