Како да ги решите проблемите со видот?

Видот ослабува кај сите луѓе со текот на годините, но наглите промени можат да укажат на нешто посериозно, како што се оштетување на рожницата, на леќата или на оптичкиот нерв. Кои се најчестите проблеми со видот и како можете да ги решите?

Како да ги решите проблемите со видот?

Не ги гледате добро буквите на телефонот

Иако сè уште можете јасно да ги видите работите на далечина, околу 40-та година од животот, вашиот вид на близина почнува да слабее. Во младоста, очните леќи се исклучително приспособливи, лесно ја менуваат формата и ви овозможуваат брзо да се фокусирате на предметите, без разлика дали се во близина или во далечина. Во процесот на стареење, леќите ја губат еластичноста и приспособливоста, што го отежнува фокусирањето.

Решението лежи во очилата за читање. Ако веќе ги носите, но сепак имате проблеми или главоболки при читањето, посетете офталмолог за корекција. Додека да го сторите тоа, зголемете ја големината на фонтот на вашиот телефон. Тоа е наједноставното и најпрактичното решение. Приспособете ги светлината и контрастот на екранот, најдобро е да не е ниту премногу светло, ниту премногу темно. Блокирајте го синото светло – некои телефони имаат филтер за сино светло, кој ги менува боите на екранот и со тоа ја намалува количината на емитувана сина светлина.

Заматен вид

Со текот на времето, протеините во леќата на окото почнуваат да се распаѓаат, предизвикувајќи замаглување познато како катаракта. Овој проблем е типична појава кај луѓето постари од 55 години. Окото прима помалку светлина, што ја намалува прецизноста на видот.

Решението се сведува на носење очила за сонце без оглед на годишното време. УВ-зраците го зголемуваат ризикот од развој на катаракта. Редовното носење очила за сонце, исто така, ја штити мрежницата од сенилна дегенерација на макулата (жолта дамка). Ако ви се нарушени секојдневните активности, проблемот се решава со операција на катарактата.

Ослабен вид при возење ноќе

Ноќната рефлексија и зголемениот светлосен круг околу уличните светилки и фаровите на автомобилот продираат во окото и го нарушуваат видот, а светлосните кругови може да бидат резултат на стврднување и на замаглување на леќата. Кога до окото стигнува помалку светлина, не можете јасно да ги видите предметите. Рефлексијата и светлосните кругови можат да бидат предизвикани и од кратковидост, далековидост и астигматизам.

Појавата на светлосни аури може да биде знак на потреба за корекција на диоптријата, но и развој на катаракта, па затоа е неопходно да посетите офталмолог.

Во продолжение прочитајте кои се најчестите проблеми со видот.

Зошто очите стануваат суви?

Главната причина е долгото гледање во екранот. Не само што не трепкате доволно, туку и не го правите тоа на вистински начин, што ја нарушува функцијата на солзните жлезди и на создавањето заштитен филм на окото. Исто така, производството на солзи се намалува со текот на годините. Ако имате повеќе од 50 години, а особено ако сте во постменопауза, се зголемува ризикот од сушење на очите.

Решение: Правете пауза на секои 20 минути ако работите пред компјутер. Можете да користите вештачки солзи, но ако ги користите три или повеќе пати на ден, тие треба да бидат без конзерванси.

Лебдечки точки пред очите

Ако повремено гледате лебдечки форми во видното поле, нема причина за паника. Овој феномен најчесто е последица на промена на стаклестото тело што го исполнува просторот помеѓу леќата и мрежницата. Со текот на времето, стаклестото тело станува сè повеќе замаглено, а овој феномен обично се манифестира по 40-тата година од животот.

Повеќето лебдечки честички се безопасен феномен, кој може да се отстрани од видното поле ако погледнете нагоре и надолу или лево и десно. Меѓутоа, ако нивниот број одеднаш се зголеми или ако гледате трепкања, тогаш треба веднаш да се консултирате со офталмолог.

Погледнете ги овие 5 едноставни начини да ги направите вашите очила поудобни.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар