Инспирирајте се од уличниот стил и неверојатните модни комбинации на нашата инстаграмџика Никица Ацева

Инспирирајте се од уличниот стил и неверојатните модни комбинации на нашата инстаграмџика Никица Ацева

Преку нашето кратко интервју, запознајте ја инстаграмџиката Никица Ацева, инструкторка по зумба во Танцов клуб Сонриса, а воедно и една од македонските блогерки, која доста успешно плива во блогерските води. За себе вели дека не се смета за позната, но има високи цели и амбиции – да изгради еден различен Инстаграм профил, кој ќе биде навистина корисен за нејзините следбеници. Модата е она што најмногу ја привлекува и ги спојува сите сфери на интерес од нејзиниот живот. Прочитајте го нашиот разговор со неа и инспирирајте се од нејзините одлични модни комбинации!

1. На Инстаграм одлично ги прикажуваш твоите шик модни комбинации, а истовремено водиш и моден блог. Како започна целата оваа приказна и колку време посветуваш на оваа работа?

Целата приказна, поврзана со мојот блог, а и со мојот Инстаграм профил официјално започна пред помалку од една година, но всушност сето тоа беше краен резултат на повеќе сегменти од мојот живот. Јас сум човек наклонет кон уметности. Со музика се занимавам од мала, поточно со соло пеење, потоа во 2012 година решив музиката да ја поткрепам со танц, а модата постојано го следеше моето патешествие. Сите мои сфери на интерес кои ги следев низ годините решив да ги склопам во една поинаква „инфлуенсерска“ приказна и да покажам една реална слика за секој изглед кој секојдневно го претставувам на социјалните мрежи. Поточно, би ги советувала моите следбеници секогаш да обрнат внимание на малите описи под моите слики, бидејќи секоја слика и модна комбинација има за цел да им помогне на сите оние кои немаат инспирација што да облечат за на работа, концерт, прошетка, настап, патување или пак за некоја посвечена прилика.

2. Секоја твоја комбинација е интересна и впечатлива. Како би го опишала твојот стил на облекување? Исто така, што би рекла дека е клучно за градење сопствен стил? Која е твојата препорака за оние кои се во потрага по свој препознатлив стил?

Мојот стил е всушност комбинација од повеќе стилови. Сакам да си играм и да експериментирам, а мислам и дека моменталните модни трендови го налагаат тоа. Сепак, морам да напоменам дека најмногу ме опишува така наречената „улична мода“. Сите оние кои се во потрага по свој препознатлив стил нека не се плашат од промени. Колку си поуникатен – толку позабележан ќе бидеш.

3. „Немам што да облечам!“ – Дали, како и повеќето жени, често ја користиш оваа фраза? Како се снаоѓаш кога си во брзање, а немаш соодветна идеја за комбинација во глава?

Секако дека да, хахах. Токму оваа реченица беше тема на еден од моите блог постови и откако убаво го изанализирав овој „проблем“, заклучив дека само треба малку да ја употребиме нашата имагинација и да го опремиме нашиот плакар со облека која трпи повеќе комбинации.

Мислам дека идеално решение би било да ја зачестиме примената на здолништа, фармерки и пантолони во неутрални бои кои со разни маици, кошули, чевли, патики и аксесоари можат да бидат прикладни за секаков вид пригода. Впечатливите фустани да ги резервираме само за посебни настани!

4. Кога станува збор за модните додатоци, имаш ли некое посебно правило што го следиш додека ги комбинираш со некоја облека? Кој е твојот омилен моден додаток?

Покрај многу популарните аксесоари за коса на кои им наоѓам примена буквално во секој аутфит, сакам да ги издвојам хулахопките како мој омилен моден детаљ. Оставаат посебен печат на секоја моја есенско-зимска комбинација.

5. Кое е твоето омилено модно парче што го имаш во плакарот? Што е според тебе задолжително во плакарот на секоја девојка?

Хмм, во моментов не можам да се сетам на одредено парче кое би го издвоила како омилено, но ако се задлабочите во мојот Инстаграм профил ќе забележите дека имам барем 8 различни бели маички и кошули. Тоа е интересен факт што и јас скоро го забележав, така што претпоставувам дека бела блуза во сите варијанти ми е едно од омилените парчиња. Инаку сметам дека секоја девојка во плакарот треба да има сѐ што наведов погоре како решение на проблемот: „што да облечам денес?“

6. Кога би имала можност, со кој моден дизајнер би сакала да соработуваш? Воедно, имаш ли некоја досегашна соработка со бренд која особено ти значи?

Сите соработки ми се подеднакво драги, не би можела да издвојам некоја што особено ми значи барем засега. А кога сме кај модните дизајнери ме воодушевуваат делата на Тони Матичевски од нашите имиња, но сѐ уште немам таква аспирација да работам со моден дизајнер, бидејќи се задржувам на уличната мода.

7. За крај, ќе ни ја откриеш ли тајната на твојот успех – како се станува популарен на Инстаграм?

Искрено не знам. 😁 Не се сметам за популарна личност, но се надевам дека трудот и желбата ќе се исплатат и дека ќе ја дознаам тајната на успехот до нашето следно интервју.

Интервју: Ана Ќурчиевска


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар