7 вообичаени стереотипи поврзани со физичката убавина на жената

Која девојка нема сонувано да биде убава како Барби? Сме сонувале и сме посакувале. Сме израснале со некои стереотипи за тоа што е убавината и како изгледа убава девојка, што не е ни чудо што денес стандардите и очекувањата кои треба да ги исполнуваме за да бидеме убави се такви какви што се.

0-7-voobichaeni-stereotipi-povrzani-so-fizichkata-ubavina-na-zhenata-kafepauza.mk

Но реалноста е сосема поинаква. Високи, ниски, руси, црни, слаби или со облини. За жал, стереотипите кои општеството и таблоидите ги наметнуваат денес, влијаат сè повеќе на секоја девојка. Кај многу од нив тоа влијание резултира со нула самодоверба и чувство на неприпаѓање само поради тоа што не ги исполнуваат вообичаените очекувања за убавина. А листата на тие очекувања е недогледна. Следниве неколку добро познати стереотипи се наоѓаат на врвот на таа листа.

1. Убавината постои само во еден вид

Ова се однесува на самата дефиниција за убавина и што точно таа претставува. Така, на пример, во осумдесеттите, убавите девојки имале руса коса, па девојките се фарбале руси со цел да ги исполнат поставените стандарди. Тоа не е така. Сè што е модерно не е убаво. И не стои секому на истиот начин. Убавината доаѓа во различни облици и бои, а не само оние кои моментално важат за такви.

3-7-voobichaeni-stereotipi-povrzani-so-fizichkata-ubavina-na-zhenata-kafepauza.mk

2. Убавина = слаба девојка

Овој е можеби и најголемиот стереотип на денешницата. Гледаме модни ревии каде сите модели се претерано слаби, гледаме филмови во кои сите глумици се коска и кожа. Опколени сме со имиџот на слаби девојки кои се мерило за убавина, па се изгладнуваме себеси и се преоптоваруваме со идејата дека и ние ќе бидеме убави само тогаш кога ќе имаме 40 килограми на висина од 170 см. Епа не е така. Убавината доаѓа тогаш кога вие се чувствувате убаво и привлечно. Здравото тело само ја презентира убавината која ја имате. Изгладнувањето не е решението кое треба да го барате за да бидете убави.

5-7-voobichaeni-stereotipi-povrzani-so-fizichkata-ubavina-na-zhenata-kafepauza.mk

3. Убавината е скапа

Да, навистина сите оние познати козметички брендови чинат цело богатство. Но секогаш може да се најдат креми за лице или пудра кои чинат помалку, а се исто толку ефективни како и скапите. На крајот на краиштата, воопшто не мора да значи дека само скапото е квалитетно. Некогаш, дури и во вашиот дом постојат намирници кои совршено добро ќе ја завршат работата. Сте се обиделе ли некогаш да ја негувате кожата со камилица? Никогаш нема да ви биде понежна.

7-7-voobichaeni-stereotipi-povrzani-so-fizichkata-ubavina-na-zhenata-kafepauza.mk

4. Луѓето со потемна кожа имаат помалку потреба од заштитни креми за сончање

Овој стереотип потекнува од фактот дека луѓето со потемна кожа имаат поголемо ниво на меланин во нивната кожа, па немаат толку голема потреба од заштитни креми за сончање. Ова и не е баш така. На секоја кожа ѝ е потребна заштита од штетното УВ-зрачење. Некои горат помалку или повеќе од другите, но секоја кожа бара заштита од несакани последици како изгореници, брчки или, во краен случај, рак на кожа.

6-7-voobichaeni-stereotipi-povrzani-so-fizichkata-ubavina-na-zhenata-kafepauza.mk

5. Убавината мора да боли

Епа не мора. Навистина, женската нога изгледа многу поубаво на штикли, но не по цена да се трпат неверојатни болки кои можат да остават трајни последици на вашето тело. Затоа постојат штикли во секакви бои, форми и со различна висина. Воопшто нема потреба да се качувате на 20 см доколку не ви е удобно. А ова се однесува и на сите други болни третмани на кои подлегнувате за да изгледате убаво. Секогаш постои помалку болна опција.

woman with healthy food

6. Жените со помасна коса немаат потреба од регенератор за коса

Ова се смета за точно под претпоставка дека регенераторот само уште повеќе ќе ја замасти и така веќе масната коса. Но тоа што повеќето од нас не го знаат е дека маснотијата на косата доаѓа од кожата на главата, а не од коренот на самото влакно, па затоа дури и на овој тип коса му се потребни хидратација, нега и регенерирање. Поголема е веројатноста дека, доколку косата ви е уште помасна откако ќе ја измиете, тоа е поради тоа што не сте ги измиле целосно шампонот и регенераторот од неа. Ова се однесува и на масната кожа која исто така сака и бара да ја негувате.

4-7-voobichaeni-stereotipi-povrzani-so-fizichkata-ubavina-na-zhenata-kafepauza.mk

7. Како што стареат, жените ја губат убавината

Ја губите убавината само доколку престанете да се грижите за себе и за своето тело. За некои луѓе, годините се само бројка која нема никаква врска со нивниот изглед. Ако се храните здраво и вежбате или, со други зборови, си ги негувате телото и духот, тогаш стареењето нема драстично да влијае на тоа како изгледате. Грижете се правилно за својата кожа и брчките ќе ви се бројат на прсти. Користете соодветни третмани за коса и таа ќе биде убава и уредна во секое време дури и без фризура. Избегнувајте ги цигарите и алкохолот бидејќи тие само го забрзуваат процесот на стареење. Може да имате 30 години и веќе да изгледате како да имате 45 или да имате 70 години и да не постои човек кој би ви дал повеќе од 55. Изборот е ваш.

1-7-voobichaeni-stereotipi-povrzani-so-fizichkata-ubavina-na-zhenata-kafepauza.mk

Убавината потекнува од внатрешноста. Кога вие се чувствувате убаво и здраво, само тогаш вашата физичка убавина е навистина убава. Грижата за себе и за своето тело е многу важна бидејќи тоа се одразува на секој аспект од вашиот живот. Сите стереотипи кои постојат паѓаат во вода кога вие ќе решите да се сакате себеси такви какви што сте. Не можеме да ги избереме цртите на лицето или облините кои ги имаме природно, но можеме да одлучиме да живееме здрав живот и да го негуваме своето тело. Само тогаш ќе бидеме навистина убави.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар