7 ветувања што треба да си ги дадете овој јануари, а до кои навистина ќе се држите

После целиот хаос од празници и прослави, сигурно сакате да ги наполните вашите батерии, а првиот месец од годината е совршен за тоа. Не сите се откажуваат од целите што си ги поставуваат овој период, но следниве ветувања навистина ќе можете да ги исполните.

7 ветувања што треба да си ги дадете овој јануари, а до кои навистина ќе се држите

Можеби сакате да си поставите долгорочни цели наместо само за еден месец, но овие ветувања што треба да си ги дадете во јануари ќе ви помогнат да останете инспирирани и мотивирани во текот на целата година.

1. Престанете постојано да се извинувате

Овој јануари ветете си дека нема постојано да се извинувате. Бидете поотворени во врска со вашите чувства и мислења и прифатете ја личноста којашто сте. Најверојатно често кажувате „извини“, дури и кога нема потреба од тоа, па време е да направите промена. Започнете така што ќе ги промените вашите мисли и ќе се опкружете со луѓе кои ве разбираат. Најдете пријатели кои ви даваат време и простор да бидете свои и кои ве охрабруваат да бидете искрени. Потоа разберете дека е сосема во ред да го споделите вашето мислење и да започнете некој разговор.

2. Будете се малку порано

Сигурно и вие како и повеќе луѓе имате проблем со станувањето од кревет во текот на зимските месеци. Кога времето е студено повеќе сакате да останете под јорганите наместо да станувате. Но оваа година ветете си дека ќе се будите малку порано, макар и само 10 минути. Зграпчете го денот и не трошете го лежејќи во вашиот кревет. Направете си добар појадок, истражувајте и направете листа со обврски. Се разбира, понекогаш ви се потребни и „мрзливите“ денови, но будењето со изгрејсонцето ќе ви се исплати на долгорочен план.

3. Поминувајте повеќе време на отворено

Важно е да најдете време што ќе го поминувате надвор во текот на овој месец. Ветете си дека барем еднаш неделно ќе одите на пешачење, планинарење или која било активност што ја сакате. Доколку имате повеќе слободно време, можете да организирате и викенд на некоја планина или интересно патување со автомобил. Свежиот воздух може да направи вистински чуда за вашата енергија и расположение. Ќе се чувствувате инспирирано и мотивирано откако ќе поминете време надвор.

4. Не барајте изговори за себе или за другите

Во овој момент голема е веројатноста да барате изговор зошто не можете да направите нешто, наместо да се соочите со фактот дека сепак можете да го направите тоа. Можеби избегнувате некој тежок разговор или одолговлекувате некој проект. Запрашајте се зошто го правите тоа. Се разбира, постојат периоди кога навистина ви е потребен одмор и тоа е сосема нормално. Но кога-тогаш мора да преземете нешто за да го создадете животот што го сакате. Овој месец ветете си дека ќе престанете да барате изговори и ќе зачекорите кон вашата иднина. Прифатете ја убавината на промената, неуспехот и успехот и почнете да се прашувате зошто не.

5. Организирајте го домот

Веројатно имате слушнато за пролетно чистење, но јануарското чистење е уште подобро. Пред сè, секако поминувате повеќе време во домот поради ниските температури, па зошто да не го искористите тоа и конечно да го средите целиот неред? Исчистете го гардероберот, избришете ја прашината, а можете и да го промените распоредот во дневната соба. На овој начин си создавате простор за можности во новата година.

6. Променете го вашиот став кон социјалните мрежи

Ова не значи да ги деактивирате профилите или да ги избришете апликациите. Со менувањето на ставот ќе се потсетите која е целта на социјалните мрежи и кое е нивното место во вашиот живот. Во овој период кога сите сакаат да го подобрат нивниот живот, важно е да знаете дека социјалните мрежи често ја прикажуваат филтрираната верзија на животот. Немојте да се сомневате во вашите успех и среќа поради туѓите објави и заборавете на тоа „што би требало“ да го правите. Вие живеете според вашите правила и се движите кон вашите цели и соништа, а тоа е прекрасно.

7. Поставете остварливи цели за тековната годината

За крај ветете си дека овој месец ќе си поставите остварливи цели за новата година. Нека бидат тоа специфични фрази и предизвици кои ќе направат добра промена во вашиот живот, како на пример, да одите на патување или да читате по една книга месечно. На овој начин ќе бидете инспирирани и подобро ќе се фокусирате на задачите. Доколку мислите дека треба премногу планирање за целата година, тогаш направете план само за февруари. Разделете ги целите на помали делови и полека движете се кон нив секој месец.

Вистината е дека е многу полесно да се држите до вашите цели кога тие се реалистични. Бидејќи денес речиси и да немате време за себе, немојте да се преоптоварувате со премногу обврски и цели.

Погледнете и кои се ветувањата до кои треба да се држите целиот живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар