6 заблуди за простувањето

6 заблуди за простувањето

Човечки е да бидеме лути кога некој ќе ни згреши, да бидеме огорчени и да посакуваме одмазда. Тоа е нормален одговор на една личност која трпи одредена болка поради нечија неодговорност или во краен случај поради злоба. Лесно е да се надминат недоразбирањата кога оној кој погрешил ќе го увиди тоа и ќе се извини, но тоа не се случува секогаш. Во вториот случај гневот останува проблем само на оној кој го чувствува и го држи заробен во минатото. Тоа може да се избегне со простувањето, но тоа секој не го смета за опција. Иако најчесто се смета за доблест, има многумина кои простувањето го доживуваат како израз на слабост, благодарение на овие шест заблуди.

6 заблуди за простувањето

Заблуда бр. 1: Ако простам, тоа значи дека ја одобрувам погрешната постапка. Ова е најчестата бариера поради која гневот останува да го разјадува оној кој е во позиција да прости. Не е вистина дека простувањето значи дека оној кој ни згрешил сме го пуштиле да се извлече, ниту дека ја одобруваме неговата постапка која претходно нè повредила. Тоа значи само дека продолжуваме понатаму со животот, симнувајќи го товарот од плеќи.

Заблуда бр. 2: Ако простам, пак ќе ми се случи истото. Оние кои во минатото биле длабоко повредени формираат одбранбен став за да се заштитат од слични искуства. Такво искуство кога-тогаш ќе дојде, ќе донесе нов гнев, а тој само го засилува ваквото однесување и не ѝ овозможува на личноста да се ослободи од него. Сепак, секое наредно искуство е ново и нема врска со претходните. Ако еднаш сме биле повредени, не значи дека секој друг сака да ни стори нешто слично.

Заблуда бр. 3: Потребно ми е да простам и да заборавам. Потребно ви е да простите, но никако и да заборавите. Ако заборавите, нема да научите ништо од вашето непријатно искуство, туку само ќе го потиснете длабоко во себе. Простувајте, но не заборавајте.

Заблуда бр. 4: Простувањето значи смирување со оној кој ми згрешил. Оние кои се повредени од некого често се одлучуваат да се оддалечат од таа личност барем на извесен период. Ако ѝ простат на таа личност, тоа не значи дека сакаат да се смират со неа. На нив самите останува да одлучат дали по простувањето ќе ја обноват врската или дефинитивно ќе завршат со неа.

Заблуда бр. 5: Оној кој не простува е лоша личност. Простувањето е ваш избор. Сами решавате како ќе реагирате на она што го доживувате како неправда. Тоа нема да ве направи ниту подобра ниту полоша личност.

Заблуда бр. 6: Откако ќе простам повеќе нема да чувствувам гнев во врска со настанот. Последната заблуда по извесно време може да стане вистина од причина што простувањето е долготраен процес. Одлуката да расчистите со минатото не се реализира преку ноќ. Потребно е време да се исчистите од лутината, така што таа нема да исчезне веднаш, но може да се надевате дека тоа ќе се случи.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар