4 начини на кои среќните парови остануваат среќни

Среќните љубовни врски не треба да бидат тешки за одржување. Токму тоа се докажало во едно истражување во кое биле вклучени 373 брачни двојки од 1986 година па наваму. Добрата вест е дека доколку сте дел од среќно партнерство, без разлика на фактот дали сте во брак или не, постојат неколку начини на кои можете да го одржувате, па дури и да го направите подобро. Погледнете ги наредниве неколку однесувања и промени кои можат да ја направат вашата врска посреќна, пострасна и позабавна од кога било.

4 начини на кои среќните парови остануваат среќни

1. Поставете реални очекувања

Нереалните очекувања водат кон фрустрација, а токму тоа може да биде главната причината за неуспехот на една љубовна врска. Токму затоа запишете ги на еден лист хартија вашите најголеми очекувања од врската и замолете го вашиот партнер да го стори истото. Откако ќе завршите, разменете ги листовите и разговарајте. Дали тие цели и очекувања можат да се постигнат? Дали се разумни? Оваа едноставна вежба ќе ви помогне да сфатите што му е навистина важно на вашиот партнер, а истото ќе се случи и кај него/неа.

2. Правете мали нешта, често, кои го прават вашиот партнер среќен

Оние парови кои меѓусебно си делат повеќе комплименти, кои си помагаат и се поддржуваат дури и за најмалите нешта, кои се поттикнуваат и наградуваат (несексуално), како на пример, држење за рака и прегратки, се покажало дека се најсреќните во врската. Токму затоа кажете му/ѝ на вашиот партнер/ка дека одлично изгледа во новото одело/новиот фустан. Спонтано прегрнете ја додека таа ги мие садовите или пак, израдувајте го со пиво додека тој гледа фудбалски натпревар. Ќе се изненадите од ефектот кој го имаат овие мали гестови.

3. Вежбајте го 10-минутното правило

Повеќето парови мислат дека постојано разговараат. Но, колку често разговарате со вашиот партнер за нештата кои интимно ве поврзуваат? Во ова истражување се открило дека оние парови кои почесто разговараат, без разлика дали станува збор за нивната врска или пак, за нешто сосема друго, сметале дека знаат многу за својот партнер во овие 4 клучни области: пријатели, извори на стрес, животни соништа и вредности. Токму затоа договорете се секој ден, барем по 10-тина минути, да разговарате со вашиот партнер и за нешта кои се надвор од вашите секојдневни разговори поврзани со работата, фамилијата, домот или врската. Кажете си кои се вашите омилени филмови и зошто, дознајте кои се песните кои воопшто не ги поднесувате… Овие навидум незначајни информации можат многу да ви помогнат во подеталното запознавање на вашиот партнер.

4. Нападнете ја монотоноста во вашето секојдневие

Сакате да ја зголемите страста во вашата романса? Најдобриот начин да го сторите тоа е доколку направите некаква промена. Оваа промена може да биде мала, но сепак мора да ја сруши вашата дневна рутина. На пример, обидете се да ги замените улогите. Доколку тој/таа секогаш правел/а планови за вечера, овој пат направете ги вие. Или пак, договорете се да земете слободен ден од работа и направете си еднодневна авантура, надвор од градот.

Никогаш не заборавајте дека потребно е многу малку за да ги размрдате работите и да додадете изненадувања, забава и возбуда во вашиот љубовен живот. Малите промени во однесувањето и рутините се клучот при одржувањето на здрава љубовна врска.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар