10 причини зошто вашите прсти се секогаш ладни

„Кога надвор е студено и вие мора да излезете, студот најмногу го чувствувате во прстите. Тоа е нормално. Екстремитетите се обично поладни, бидејќи телото најпрво испраќа повеќе крв и топлина кон вашите витални органи: срцето, мозокот и белите дробови“, објаснува д-р Давид А. Фридман, кардиолог од Њујорк.

10 причини зошто вашите прсти се секогаш ладни

Но, ако прстите секогаш ви се ладни, дури и во простории со повисоки температури, тоа може да биде знак за нешто друго. Ова се 10-те причини за ладни прсти:

1. Рејноов синдром

Овој феномен е честа причина за ладни прсти.

„Рејноовиот синдром е состојба во која има стеснување на крвните садови во прстите на рацете, а понекогаш и во прстите на нозете, во ушите и носот, како реакција на студот или на емоционален стрес“, вели Орин Траум, ревматолог од Санта Моника, Калифорнија.

За време на епизода од овој синдром, прстите стануваат бели, па сини, бидејќи многу малку крв тече низ овој дел. Потоа тие стануваат црвени, бидејќи крвта се враќа. Често, за време на нападот, прстите можат да бидат здрвени, да боцкаат или да болат. Повеќето случаи на овој синдром немаат познати причинители. Но, добрата вест е што синдромот често е само иритирачки, а не опасен по живот. Промените во начинот на живеењето, како носењето потопла облека, носењето ракавици во студени средини и избегнувањето на емоционалниот стрес се доволни за тој да се држи под контрола.

2. Автоимуни болести

Понекогаш, некоја друга состојба во организмот може да предизвика Рејноов синдром. Лупусот, болест при која имуниот систем го напаѓа сопственото ткиво, склеродермата, болест која доведува до стврднување и појава на лузни на кожата, како и ревматичниот артритис се само дел од автоимуните болести кои можат да предизвикаат Рејноов синдром. Ова е познато како секундарен Рејноов синдром. Обично, кога е во прашање некоја друга состојба, присутни се и преостанатите симптоми. Во тој момент кога оригиналната состојба ќе биде дијагностицирана и доведена под контрола, ќе се подобрат и симптомите на овој синдром.

3. Хипотироидизам

Неретко се појавуваат здрвени и ладни прсти кога е нарушен балансот на тироидната жлезда.

„Тироидната жлезда е термостат на телото. Кога е помалку активна од нормалата, повеќето од телесните функции го забавуваат темпото на работа и може да се појават симптоми како умор, тврда столица, зголемена телесна тежина и чувство дека секогаш ви е ладно, вклучувајќи и ладни прсти“, вели д-р Али Аџам, ревматолог од Охајо.

Хипотироидизмот е најчест кај жените и луѓето над 50 години.

4. Проблеми со циркулацијата на крвта

Ова е обично главната причина за која луѓето мислат дека е причинител за ладни прсти.

„Слабата циркулација на крвта се појавува кога хранливата крв богата со кислород тече послабо низ телото, поради слабо пумпање на крв од срцето, физички опструкции на крвотокот како блокирање на холестеролот во големите артерии или помалите капилари, или од други причини“, вели Фридман.

Кога срцето не може да испумпа доволно крв низ телото, тоа ќе го почувствувате во дланките и стапалата во форма на студ, здрвување или боцкање, бидејќи тие се најоддалечени од него.

5. Анемија

Анемијата се јавува кога телото нема доволно црвени крвни зрнца или кога хемоглобинот во крвта е понизок.

„Анемијата резултира со намалено количество кислород во телото, што може да предизвика ладни раце“, вели д-р Несочи Океке-Игбокве, интернист од Њујорк.

Некои познати причинители се недоволното консумирање железо, губење крв (поради тежок менструален циклус, чиреви или гастроинтестинални крвавења), некои одредени форми рак и дигестивни нарушувања како целијакија или Кронова болест. Покрај ладните раце, анемијата може да предизвика умор, главоболка, вртоглавица, потешкотии во дишењето и бледа кожа. Во повеќето случаи, анемијата предизвикана од недостаток на железо може да се излечи со суплементи на железо.

6. Недостаток на витамин В12

Витаминот В12, кој го има во месото, јајцата, млекото и други производи, е многу важен во создавањето на црвените крвни зрнца.

„Недостатокот на овој витамин може да доведе до намалено производство на црвени крвни зрнца, а со тоа и да се појави анемија“, вели д-р Океке-Игбокве.

Недостатокот на овој витамин е чест помеѓу вегетаријанците како и луѓето над 50 години кои можат да ја изгубат способноста да го апсорбираат овој витамин од храната. Обично испитување на крвта може да покаже дали постои недостаток на Б12 и дали тоа е причината зошто вашите прсти се ладни.

7. Низок крвен притисок

10 причини зошто вашите прсти се секогаш ладни

„Хипотензијата, или нискиот крвен притисок, може да се појави од најразлични причини: дехидрација, губење крв, одредени лекови и ендокрини болести“, вели д-р Океке-Игбокве.

Кога крвниот притисок ви е низок, вашите крвни садови ќе ја поместат крвта подалеку од екстремитетите и ќе ја насочат кон виталните органи, што може да резултира со ладни прсти. Ако имате симптоми на хипотензија, како вртоглавица, заматен вид, умор, нагон за повраќање и збунетост, побарајте лекарска помош.

8. Стрес и анксиозност

Познато е дека стресот може да предизвика голем број болести и нарушувања на различни делови од телото, а дланките не се исклучок. Кога искусувате хроничен стрес или анксиозност, вашето тело се подготвува „или да бега или да се бори“. Адреналинот се покачува и како резултат крвните садови во екстремитетите се стеснуваат и прстите, како и дланките стануваат ладни. Ако го контролирате и намалите стресот, ќе ги намалите и симптомите.

9. Лекови

Некои од лековите може да предизвикаат ладни раце.

„Постојат многу лекови кои ги стеснуваат крвните садови, поконкретно во артериите, и кога тоа се случува, еден од несаканите ефекти кој се појавува може да биде Рејноовиот синдром“, вели Фридман.

Некои од овие лекови се бета-блокатори (кои се препишуваат за регулација на крвниот притисок), одредени лекови за рак, за главоболка и слично. Разговарајте со вашиот лекар или фармацевт за да дознаете дали некои од лековите кои ги земате може да ги предизвикуваат вашите симптоми.

10. Пушење

10 причини зошто вашите прсти се секогаш ладни

Покрај многубројните причини да ги откажете цигарите, еве уште една: никотинот предизвикува стеснување на крвните садови и може да предизвика блокирање на делови од артериите, што резултира со намален крвоток во екстремитетите.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар