10 интелигентни животни лекции од Алберт Ајнштајн
Алберт Ајнштајн (14 март 1879 – 18 април 1955) бил германски теоретичар, физичар, филозоф, автор и една од највлијателните личности во светот. Покрај тоа што допринел многу за научниот свет, за што во 1921 година добил и Нобелова награда за физика за неговата работа во полето на теоретската физика, а особено за неговото откритие на фотоелектричниот ефект, тој објавил и 300 научни и 150 ненаучни дела. Тој се смета за таткото на модерната физика и најверојатно е најуспешниот научник кој некогаш постоел.
Прочитајте ги неговите 10-те најинтелигентни совети за животот, кои вечно ќе ги стимулираат луѓето ширум светот.

„Јас немам некој посебен талент. Јас сум само страсно љубопитен.“
Луѓето не се раѓаат талентирани. Љубопитноста е она што постојано не бутка напорно да работиме во некоја насока во животот. Тоа значи дека следењето на љубопитноста е тајната на човековиот успех.
„Не е дека јас сум толку паметен, туку подолго се задржувам на проблемите.“
Со упорност желката успеала да го победи зајакот. Дали сте доволно трпеливи и истрајни по патот кој ќе ве одведе до посакуваната дестинација? Се вели дека целата вредност на поштенската марка се состои во нејзината способност да остане залепена на нешто, додека тоа нешто не пристигне на вистинското место. Бидете како поштенската марка, завршете го патувањето кое сте го започнале.
„Секој маж кој може да вози безбедно додека бакнува убава девојка, едноставно не му го дава на бакнежот вниманието кое тој го заслужува.“
Секој кој пробал да седи на две столчиња, завршил на подот. Секој може да постигне многу, но не сè. Научете да бидете присутни онаму каде што сте во моментот. Дадете сè од себе за да го направите како што треба, она што во моментот ве окупира. Фокусираната енергија е моќ, а моќта е таа која го определува вашиот успех или неуспех.

„Имагинацијата е сè. Таа е преглед на она што следи во животот. Имагинацијата е многу поважна од знаењето.“
Дали секојдневно ја користите вашата имагинација? Ајнштајн рекол дека таа е многу побитна од знаењето. Вашата имагинација е генералната проба на настаните кои ќе ви се случат во иднина. Ајнштајн сакал да каже дека вистинската мерка за интелигенцијата не е знаењето, туку степенот на имагинација што го има една личност и треба постојано да работите на нејзино разработување.
„Човекот кој никогаш не направил грешка, никогаш не пробал нешто ново.“
Ако вашето срце ви вели дека треба некако да постапите, тогаш немате причина зошто да стравувате дека тоа ќе биде погрешен чекор. Грешките не се неуспех. Тие можат да ве направат подобра, попаметна и поенергична личност ако успеете да ги прифатите како нови искуства, кои се дел од животот.
„Јас никогаш не размислувам за иднината – таа пристига доволно брзо.“
Единствениот начин правилно да ја адресирате вашата иднина, е да бидете што е можно поприсутни во сегашноста. Не можете во моментов да го промените минатото ниту иднината, па затоа е од голема важност целосно да се посветите на она што се случува сега. Сегашноста е единственото време кое е важно и единственото време кое е реално.

„Не стремете се кон успех, туку кон вредност.“
Не трошете си го времето обидувајќи се да станете успешни. Трудете се да создадете вредност. Ако доволно вредите, ќе го привлечете успехот кон вас. Откријте ги талентите и дарбите кои ги поседувате и искористете ги на начин, кој ќе им биде од голема корист на другите луѓе. Ако сте доволно вредни, успехот сам ќе ве пронајде.
„Лудило: постојано повторување на истиот обид и очекување различни резултати.“
Не можете постојано да правите една иста работа и да очекувате таа да роди различен резултат. Ако сакате да промените нешто во вашиот живот, морате и себеси да се промените, односно да го промените начинот на кој размислувате и постапувате.

„Информацијата не е знаење. Единствениот извор на знаење е искуството.“
Знаењето произлегува од искуството. Можете да умеете да дискутирате на некоја тема, зашто имате познавање за истата, но таа дискусија ќе ви овозможи само филозофски да ја сфатите проблематиката, а за вистински да знаете за што говорите, морате да зборите од искуството. Која е лекцијата која Ајнштајн сакал да ја пренесе? Стекнете искуство! Не трошете го залудно вашето време затскривајќи се зад разни шпекулации. Излезете и направете го тоа што сакате да го направите и ќе се стекнете со бесценето знаење.
„Прво морате да ги научите правилата на играта. Потоа треба да играте подобро од сите.“
Постојат две нешта кои треба да ги направите за да бидете успешни и задоволни од себе. Прво, научете ги правилата на играта која ја играте. Не звучи како многу возбудлива работа, но е витална за вашиот успех. Второ, морате да се посветите на играта подобро од сите други. Ако ги направите овие две работи, успехот е ваш.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
