Винсент ван Гог: „Сликав со цело срце и душа, а во меѓувреме го изгубив умот некаде“

„Никогаш не постоел гениј кој не би по малку и луд“, рекол Аристотел. Денес еден од најценетите уметници и сопственик на најпрепознатливиот уметнички стил, Винсент ван Гог, во неговото време повеќе го носел епитетот „луд“, отколку што била препознаена неговата генијалност. Факт е дека тој бил извонреден сликар за што говори и неговиот богат творечки опус, но тоа не било забележано во негово време. Прочитајте во продолжение за да дознаете повеќе за неговиот живот и дело.

Ван Гог пател од неколку душевни болести, но неговото „лудило“ и покрај бројните теории и анализи сè уште не е во целост разјаснето. Работел и по 20 часа дневно, создал преку 800 слики, од кои успеал да продаде само една. Тие исти дела што тогаш се сметале за безвредни додека ги сликал Ван Гог, денес ги красат ѕидовите на најпрестижните галерии, а нивната вредност се проценува и по милион долари.

„Сликав со цело срце и душа, а во меѓувреме го изгубив умот некаде“, изјавил еднаш.

Во суштина, неговите слики оддаваат некој необичен немир, дури и кога на нив има идилични пејзажи. Ако набљудувате некое негово ѕвездено небо, житно поле, ирис, сончоглед или огнено зајдување на сонцето, кај вас ќе се разбудат некои необични и силни чувства, можеби и ќе можете да ја претпоставите емотивната и душевната состојба на овој уметник.

Инцидентот со увото

Познато е дека Ван Гог во еден од нападите на своето лудило си го отсекол сопственото уво и ѝ го подарил на проститутка од околниот бордел. Тој настан бил сфатен како кулминација на неговото лудило, и уште едно гледиште во денешната општоприфатена биографија на овој уметник.

Помалку позната е приказната која му претходела на овој споменат настан. Имено, во текот на неколкунеделен престој во градот Арл, Франција, Ван Гог го делел домот со уште еден уметнички великан – Пол Гоген. Нивниот однос меѓутоа не можел да се нарече пријателски. Честите кавги една ноќ довеле до тоа или Ван Гог да посегне по ножот и да го отсече своето уво, или тоа го направил Гоен во текот на нивната расправија, според друга теорија. Постојат различни теории дали Ван Гог го отсекол целото уво или само еден негов дел. Писмото од францускиот доктор Феликс Реј којшто го лекувал Винсент, ги расчистило сите дилеми. Во него на цртеж било прикажано колку било повредено увото.

Писмото од докторот што го лекувал Винсент Ван Гог

После овој инцидент, Ван Гог е сместен во душевна болница, а холандските новини следното утро ја објавиле статијата со оваа содржина:

„Синоќа во 23:30 сликарот чиешто име е Винсент ван Гог се појавил пред борделот барајќи ја девојката Рејчел и ѝ го предал своето уво велејќи: „Чувај го ова како скапоценост“, а после тоа исчезнал. Откако полицијата била известена за сите случувања што можеле да бидат направени единствено од страна на несреќен и луд човек, следното утро го побарале овој човек. Го пронашле во креветот со едвај видливи знаци на живот“.

Јас ја сонувам сликата, потоа го сликам сонот

Периодот на престој во душевната болница истовремено бил и еден од неговите најпродуктивни периоди. Завршил над 100 цртежи и насликал 75 слики меѓу кои е и неговата позната „Ѕвездена ноќ“. Ван Гог никогаш не сликал во текот на неговите напади, но неговата болест и затвореноста во болница многу влијаеле на уметничките теми со кој се занимавал на своите слики.

Приврзаноста кој религиозната тематика како и темите од семејниот живот биле директна алузија на личната ситуација. Раздразлив и меланхоличен по природа, Ван Гог парите ги трошел на материјали за сликање и слабо се хранел, а губењето на повеќето заби подоцна му предизвикале стомачни проблеми. Бил посветен на својата работа и живеел за уметност и љубов, но покрај сè тој сè повеќе станувал анксиозен, депресивен и осамен, а на неговиот брат Тео, кој секогаш го поддржувал емотивно и финансиски му пишувал дека е очаен и бесен на себе бидејќи не може да работи како што тој би сакал и дека е сè повеќе убеден дека неговиот живот е промашување. Неговата преданост кон работата водела кон занемарување на здравјето. Пател од несоница, пиел прекумерно, се заразил со гонореја, потоа и сифилис, јадел боја, терпентин и парафин.

Тој мислел на сопствената смрт бидејќи како мал поминал покрај гроб на кој го видел напишано неговото име – гроб кој му припаѓал на неговиот починат брат што се родил пред него. Сето тоа допринело до зачестени мачнини и епилептични напади, а Ван Гог сè повеќе ја губел контролата над себе.

Ван Гог преку писмата

Во едно од писмата упатено кон неговиот брат, вакво било неговото гледиште за сликањето и неговиот светоглед:

„Ова се моите амбиции што се засновани повеќе на љубов отколку на бес, повеќе на смиреност отколку на страст. Вистина е дека сум често во својата мизерна состојба, но и понатаму во мене постои мир, чиста хармонија и музика. Во најсиромашните бараки, највалканите сокаци ја гледам цртежи и слики. И со некоја неодолива сила мојот ум е привлечен од тие работи. Верувај ми понекогаш со целото срце се смеам што луѓето ме обвинуваат за сите злодела и апсурдност, за кој ниеден дел од мене не е крив. Јас, навистина сум никој друг туку пријател на природата, учењето, работата и над сè – на луѓето“.

Бројни се современите дијагнози на неговото лудило. Некои од нив се психоза, шизофренија, биполарно нарушување и гранично нарушување на личноста. „Чекорење на дрвјата“ е последната слика којашто ја насликал во 1890-та година.

На последната слика којашто ја работел последната година од неговиот живот, со својата недефинирана композиција можеби најдобро е претставен силниот емотивен немир на овој уметник. Неколку часа подоцна, во текот на истиот ден во 1890, го насочил пиштолот кон неговото срце и се обидел да го оконча својот живот. Тој обид во првиот миг бил неуспешен бидејќи куршумот го заобиколил срцето, па Винсент наредните 2 дена ги поминал на смртна постела. За него се грижел неговиот брат Тео. На рацете на единствената личност што го разбирала и вистински го сакала, најпосле издишал со следниве зборови: „Вака сакав да умрам“.

Прочитајте ги овие 10 работи кои можеби не сте ги знаеле за Пабло Пикасо.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар