Сакате да се чувствувате како уметници? Прочитајте ги овие 10 саркастични правила!

Сакате да се чувствувате како уметници? Прочитајте ги овие 10 саркастични правила!

Уметниците важат за многу емотивни, креативни и талентирани луѓе кои делуваат како да живеат во некој свој свет. Тие се најголемите критичари на современото општество, бидејќи веруваат дека никој не може да ги прифати и разбере такви какви што се. Освен тоа, владее мислењето дека уметниците мораат да бидат тажни и незадоволни од животот за да создаваат ремек-дела. Па, доколку отсекогаш ве привлекувал уметничкиот начин на живот, но не сте знаеле како да го спознаете, ова се 10-те правила по кои треба да се водите за да се чувствувате како вистински уметници…

Сакате да се чувствувате како уметници? Прочитајте ги овие 10 саркастични правила!

1. Постојано споредувајте се со други уметници

Уметниците имаат голем натпреварувачки дух и секогаш обрнуваат внимание на конкуренцијата. Доколку нивното дело е најуспешно, се чувствуваат неизмерно горди на себе и не се плашат тоа и да го покажат. Ако, пак, делата на конкуренцијата се поуспешни од нивните, сопствениот неуспех го припишуваат на лошиот вкус на публиката.

2. Разговарајте со вашето семејство за она што го правите и очекувајте ја нивната поддршка

Колку и да се горди, сепак и на уметниците им треба поддршка од најблиските. За жал, ретко кои родители се воодушевени кога ќе чујат дека нивното дете сака да се запише на драмски факултет или на ликовна академија. И покрај тоа, уметниците најчесто одат против сите и не отстапуваат од нивните соништа.

3. Засновајте го целиот ваш професионален успех на еден единствен проект

Постојат голем број уметници кои се прославиле благодарение на едно дело и толку. Тие сѐ уште се присутни во јавноста, но не создаваат ништо ново или пак не можат да го повторат претходниот успех. Остануваат запаметени само по една претстава, книга или уметничка слика и потоа се чини како земјата да ги проголтала.

4. Држете се само до она што го знаете

Кога уметниците ќе забележат дека постигнуваат успех со еден ист метод на работа, ретко кога се осмелуваат да експериментираат и да го променат. Изговорот им е дека по тоа се препознатливи, односно дека тоа е нивниот заштитен знак. Вистината е дека премногу се плашат да преземаат ризици и постојано играат на сигурно.

Сакате да се чувствувате како уметници? Прочитајте ги овие 10 саркастични правила!

5. Потценувајте го вашиот талент

Уметниците се исто така познати по нивната лажна скромност. Тие имаат тенденција да зборуваат лошо за себе и за нивните дела во јавност со цел да добиваат повеќе комплименти и да привлечат внимание. Некои од нив навистина се несигурни во себе и имаат негативно мислење за она што го работат, но преовладуваат оние кои намерно ги омаловажуваат сопствените креации за да остават посилен впечаток на несфатени и неприфатени уметници.

6. Парите нека ви диктираат што да правите

Неретко уметниците се газат себеси и сопствените убедувања за пари. Почнуваат да создаваат дела и да прават работи во кои не веруваат за да опстанат или за да го задржат своето влијание во општеството.

7. Подлегнете на притисоците што ги наметнува општеството

Кога уметниците ќе сфатат дека не можат да функционираат како отпадници, почнуваат да ги прифаќаат општествените норми, но повторно на нивен авангарден и ексцентричен начин. Тие можеби во јавност ќе продолжат да се претставуваат како несфатени и неприфатени, но приватно ќе се однесуваат исто како и сите други обични смртници.

8. Критикувајте ги сите нешта што постојат на светот

Уметниците секогаш имаат по некој навредлив збор во ракав за сѐ што се движи, дише и мирува на планетава Земја. Тоа е така затоа што им било кажано дека мора да имаат мислење и критички став за сѐ во животот. Не плашете се отворено да кажете дека масата е непропорционална во однос на столчињата во нечија трпезарија или дека просторијата не е соодветно осветлена.

Сакате да се чувствувате како уметници? Прочитајте ги овие 10 саркастични правила!

9. Купете си шал

Шалот е неизоставен дел од секоја модна комбинација на вистинските уметници. Воопшто не е важно кое годишно време е! Шалот оди добро на сѐ без разлика дали е зима или лето. Како би можеле да направите драматично замавнување кога не би имале шал?! Никако! Под итно купете си што е можно подолг шал.

10. Поставете си недостижни цели кои ќе ги остварите најдоцна до утре

Со оглед на тоа што уметниците се многу драматични, тие честопати знаат да ги преувеличат работите. По неколку пати секоја недела тие не знаат кој пат да го одберат, како да ги остварат целите и кои хипстерски очила да ги стават. Станува збор за многу стресни и значајни одлуки! Плаќањето на сметките мора да стане вашата недостижна цел, за да можете да го сфатите тоа толку трагично што ќе го разбудите уметникот во себе!

Ве молиме немојте да ги сфаќате овие саркастични правила премногу сериозно. Секако дека не се сите уметници исти и постојат голем број такви кои отскокнуваат од вообичаените стереотипи што владеат за нив. Уметничкиот живот е толку бурен и непредвидлив што дефинитивно не би можел секој да го издржи. Треба да ја цениме и почитуваме уметноста бидејќи таа ни ги задоволува сетилата, ни го разубавува животот, ни помага да ги согледаме нештата од повеќе различни перспективи, но и да се спознаеме себеси. Уметниците се важен дел од секое општество и сосема е разбирливо доколку некогаш сте посакале да ја почувствувате магијата на нивниот свет.

Доколку не се сметате себеси за уметници, не очајувајте. Вистината е дека во секој човек лежи по некоја уметничка жичка што чека да биде откриена. Обидете се да ја разбудите вашата креативна страна и ќе се изненадите од извонредната уметност која можете да ја создадете!

Доколку сте вистински љубители на уметноста, погледнете ги овие неверојатно реалистични уметнички дела кои ќе ви го одземат здивот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар